Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Малтежанка ќе го предводи Европскиот Парламент

sashk0/Depositphotos.com

Малтежанка ќе го предводи Европскиот Парламент

Малтежанката Роберта Мецола е избрана за новата претседателка на Европскиот Парламент, како најмладата досега на таа функција и како првата жена после 40 години. На високата и престижна функција, таа го наследи Италијанецот Давид Сасоли кој минатата недела почина по долго боледување.

Мецола (43) на тој начин им се приклучи на двете други „моќни жени“ на европската политичка сцена – Германката Урсула фон дер Лајен која е претседателка на Европската комисија (формално владата на ЕУ) и на Французинката Кристин Легард, директорка на Европската централна банка – банката на Унијата.

Последен пат, жена на челото на овој Парламент беше Симона Вејл, во периодот меѓу 1979 и 1982 година.

Противник на абортусот

Веднаш по изборот, малтешката политичарка, меѓутоа, се соочи со првиот предизвик.

За неа се знае дека е приврзаник за правата на ЛГБТ заедницата, но и дека е противник на абортусот, па затоа најголем број од прашањата на првата средба со новинарите се однесуваа токму за таа нејзина позиција, кога станува збор за жените и за нивните репродукциски права. Мецола е критикувана затоа што во 2015 година, заедно со европратениците од Малта, во Европскиот Парламент има гласано против правото на жената за прекин на бременоста.

Доминантно католичка земја, островот – држава Малта е единствената меѓу земјите – членки на ЕУ, каде постои целосна забрана за абортус. Применувајќи политика која е поостра и од една Полска и нејзините (најнови) брутални анти – абортус закони.

Но, Мецола сега уверува дека како избрана претседателка, таа ќе ги застапува и ќе ги брани ставовите и позициите на Парламентот на ЕУ во Стразбур, кога станува збор за сексуалното и репродуктивното здравје, наспроти нејзините гледање како Малтежанка и малтешка политичарка.

„Позиција како и на Парламентот“

Европскиот Парламент во неколку наврати досега (со големо мнозинство) се има определено за подобрување на правата на жените и на ЛГБТ заедницата.

„Мојата позиција по овие прашања е онаа на Европскиот Парламент“ – изјави таа по изборот на претседателската функција.

Идеолошки и партиски, таа е дел од блокот на десно – центристичките партии и на пратеничката група на ЕПП (европските народни партии) – партиско – идеолошки блок од каде потекнуваат и двете други европски „моќнички“.

Мецола е долго време на работа во Брисел, па таа има работено како правен советник и со британската лабуристка Кетрин Ештон, додека таа беше европска “министерка“ за надворешни работи, во времето кога Британија беше дел од ЕУ.

Новата претседателка на Парламентот во Стразбур му оддаде почит на починатиот Сасоли, прогласувајќи го за голем Европеец, секогаш определен на основните принципи врз кои се темели ЕУ. Тоа се вредностите на демократијата, дигнитетот, правдата, солидарноста и единството, владеењето на правото и на основните европски права.

Во ЕУ од 2004 година

Малта е најмалата членка во ЕУ, со околу 500 илјади жители. Членка на Унијата е од мај 2004 година кога беше примена во широкиот пакет од десет новопримени земји во блокот – со осум поранешни комунистички држави, како и Кипар и Малта.

До 1964 година оваа островска држава во Медитеранот беше британска колонија, па британска прекуморска територија. Од тогаш, Валета и Лондон имаа блиски односи, кои се олабавија по излегувањето на Британците од Унијата.

Сегашната британска министерка за надворешни работи Лиз Трас се обидува да ги обнови односите со Малта, како што беа некогаш, па се верува дека тоа би можело да го постигне преку Роберта Мецола. Бриселски дипломати, меѓутоа, изјавиле за Би – Би – Си дека Лондон ќе треба да бара друг пат, доколку сака да ги ревитализира своите односи со официјална Валета.

За Мецола се вели дека е „силен еврофил“ што не би можело да се каже и за Британката Трас.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе