Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Крах на шведскиот анти-вирус модел

alexeynovikov/Depositphotos.com

Крах на шведскиот анти-вирус модел

Во текот на првата година на корона – пандемијата и дивеењето на кинескиот вирус од Вухан во 2020, Шведска беше единствената во Европа која заговараше и која истрајуваше на својот „модел“ за борба со короната. Суштината беше во тоа што тамошните епидемиолози и властите не инсистираа на строги епидемиолошки мерки.

За разлика од сите други земји на континентот, во Шведска луѓето ги задржаа своите слободи. Рестрикции како и воопшто да немаше, додека локалните епидемиолошки експерти инсистираа на т.н. колективен имунитет, уверувајќи ги своите европски колеги дека тоа е најдобриот одговор на епидемијата.

„Шведскиот модел“ зад кој брзо застанаа антиваксерите и лажните борци за човековите слободи, повеќе или помалку, се задржа во текот на 2021 година, иако Делта варијантата во еден период сериозно ја потресе епидемиолошката ситуација во оваа скандинавска земја.

Мерки по „европски модел“

Но, веќе од крајот на претходната и на почетокот на оваа 2022 година, ситуацијата со вирусот забрзано се менува, па сега веќе никој и не верува во било каков модел, а шведските власти почнаа да ги применуваат мерките кои ги употребуваат сите во Европа.

Новиот вид Омикрон силно ја има погодено и оваа земја, па се воведуваат разни рестрикции и ограничувања. Се напушти досегашната „слобода“, па сега и Швеѓаните мораат да се придржуваат на мерките за социјално дистанцирање кои веќе две години се на сила насекаде во европските земји, а владата ги повика луѓето да работат од дома, доколку е тоа можно, за да не одат во своите канцеларии.

Токму кога почнаа да се укинуваат некои од претходно воведените епидемиолошки мерки, уследи налетот на Омикрон вирусот, што предизвика нагло зголемување на новозаразените, па веднаш се ограничи собирањето на луѓето и се почна со користење на здравствени пропусници за јавни настани со до 500 луѓе.

Тие мерки, меѓутоа, се покажаа како недоволни, откако во текот на јануари дојде до влошување на вкупната здравствена ситуација.

Заразено и кралското семејство

Затоа, сега има нови ограничувања. Угостителските објекти може да работат само до 23 часот, а на една маса може да седат до осум лица. На возрасните им е препорачано максимално да ги ограничат своите контакти со лица кои не се дел од нивното домаќинство.

Шведската премиерка Магдалена Андерсон призна дека пандемијата сериозно го оптоварува домашниот здравствен систем, но ги уверуваше граѓаните дека сите мерки и ограничувања се привремени.

Мерките се појавуваат во време кога и кралското семејство на Шведска е погодено со пандемијата. Покрај кралот Карл Густав (75) и неговата сопруга, кралицата Силвија (78) сега и престолонаследничката Викторија е позитивна на короната – и тоа по втор пат, иако има примено две дози вакцина.

За сите тројца е соопштено дека се наоѓаат во самоизолација, а дека сите имаат лесни симптоми и дека нивната вкупна здравствена состојба е задоволувачка. Во изолација, заедно со принцезата Викторија се и нејзиниот сопруг и двете деца.

„Секој втор Европеец – со корона“?

Крахот на „шведскиот модел“ кој пред две години ја подели епидемиолошката стручна јавност на континентот, се случува во време кога последниот вид на коронавирусот – Омикрон – забрзано ја освојува Европа. Тоа се случува толку брзо што се стравува дека пандемијата може целосно да ги прегази здравствените системи на многу земји.

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека доколку се продолжи со оваа брзина – во следните два до три месеци, СЕКОЈ ВТОР ЕВРОПЕЕЦ ЌЕ БИДЕ ЗАРАЗЕН СО ВИРУСОТ.

Според директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, веќе во првата недела од 2022 година, само на европскиот континент се регистрирани СЕДУМ МИЛИОНИ НОВОЗАРАЗЕНИ, или двојно повеќе во споредба со две недели пред тоа.

Омикрон вирусот, сега е пријавен во 50 од вкупно 53 европски држави.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе