Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Америка се бранеше на Капитол

Tyler Merbler from USA, 2021 storming of the United States Capitol 2021 storming of the United States Capitol DSC09265-2 (50821579347), CC BY 2.0

Америка се бранеше на Капитол

Веднаш по Нова година, Американците – за прв пат во својата историја – одбележуваа еден неславен и за нив срамен настан. Една година од нападот на разулавена толпа од повеќе стотици припадници на улични банди, расисти, припадници на движења кои заговараат власт на “бела Америка“, од ултра – десничари и неонацисти, собрани пред Капитол во Вашингтон, за да го освојат Конгресот на САД.

Се собраа таму откако – јавно – од митинг – ги повика тогашниот претседател Доналд Трамп, новосоздаден политичар – десничар и популист, кому не му пречеа ниту расизмот, а ниту барањата за “супремација на белите“ во Америка. Ги повика „да го одбранат Конгресот“ од новоизбраниот претседател – на тој начин, што ќе ја освојат зградата на Конгресот и нема да дозволат да се одржи вообичаената седница на која само се потврдува изборот.

Бунт на крајната десница

На 6 јануари 2021, Трамп ги броеше последните 14 денови од својот мандат, но иако уверливо поразен на изборите во ноември 2020 година, одбиваше да ги прифати изборните резултати, што се случуваше прв пат во историјата на земјата.

Наместо тоа, измисли своја приказна за некаков „заговор“, за „фалсификувани избори“. Трудејќи се, притоа, да ја убеди онаа Америка која ја извлече од дното на општеството за да му служи за изборните цели – дека, всушност, тој е „победникот“ и да порача дека „нема намера да замине од Белата куќа“.

Во тој обид да се спречи трансферот на власта – загинаа пет лица, над 130 беа повредени, а околу 500 беа приведени и уапсени. Сега, против 725 лица се води постапка за испитување на одговорноста за тие немили настани и за да се утврди – каква и колкава е нивната одговорност во она што поранешниот претседател Џорџ Буш, прв и пред сите другите, изјави дека она што се случува во Вашингтон е ВИСТИНСКИ БУНТ.

Во обраќањето до американската јавност, за настаните од пред една година, претседателот Џо Бајден ги повика Американците да работат во „поправањето на штетата што беше направена, за земјата и за американската демократија.

Поделбите се продлабочуваат

„Овој момент ние мораме да одлучиме каква држава ќе бидеме. Дали држава која прифаќа политичко насилство, како да е тоа нешто нормално, или не. Но, ние не можеме да дозволиме да бидеме таква држава. Пред нас сега е вистината за утврдиме што сакаме и да живееме со неа„ – рече Бајден, зборувајќи од главниот хол на Конгресот во кој се втурна разулавената толпа.

Ваквата порака на Бајден доаѓа затоа што тој добро знае дека САД се уште не може да се ослободат од она што го посеа Трамп, со одлуката да ги повика оние од дното на општеството за да му помогнат да остане на власт. Иако ниту една изборна комисија, ниту еден суд – во сојузните држави, или федерален – па и Врховниот суд – не ги потврдија неговите измислени тврдења и обвинувања.

Тој и тие што мислат како него, меѓутоа, прекинаа многу мостови во американското општество.

Одново се врати расизмот во дел од јавноста. Се врати конзервативното мислење. Многу републикански приврзаници од десничарскиот табор кои го подржуваа таквиот претседател на САД, каков што беше Трамп, се уште зборуваат за „изборна измама“ и се спротивставуваат на федералната власт. А, виновникот, сместен е на својот богат имот во Флорида, продолжува да работи на продлабочувањето на поделбите.

Македонскиот случај од 2017 година

Истражувањето на еден Институт од Чикаго покажа, на пример, 20 милиони Американци се уште веруваат дека изборите од 2020 “биле фалсификувани“. Тоа, пак, значи дека исто толку луѓе го подржуваат нападот врз Конгресот и она што се случуваше на 6 јануари 2021 година.

Бајден и посебно американското министерство за правда, најавија дека нема да престане истрагата за тие „срамни настани“ се додека не се расчистат сите работи и не се утврдат виновниците. И, за тоа, стои целата демократска, либерална јавност и целата демократска Америка – без разлика дали им се допаѓа се она што го прави и го направи во својата прва година Бајден.

И по тоа Америка се разликува од Македонија, на пример, која исто така имаше еден свој срамен, недемократски, антиуставен момент – нападот и навлегувањето на разулавената толпа (од инструирани за тоа) вмровци – во зградата на Парламентот во Скопје. Кој како и Конгресот во Вашингтон, требаше да го освојат.

Но, власта на тогашниот режим на заминување, брзо беа прикажани како – „вистински патриоти“ и како некакви „уставобранители“.

Напад врз уставниот поредок

А, стануваше збор за обични партиски уличари, вмровски тепачи пратени со специјална задача. Тие требаше да предизвикаат меѓунационален инцидент со кој ќе се дестабилизира Македонија. Со претепувањето и со убиството на некој од македонските албански политичари кои таа вечер беа во Парламентот – да се создаде хаотична атмосфера за да може да се прогласи вонредна состојба, со која ќе се зацементира криминалниот, деспотски режим на (сега) избеганиот екс премиер и семоќен владар, осуден за криминал.

Требаше да се спасува еден режим кој беше и антиевропски и анти западен и анти – НАТО, но кој ја донесе Русија на овие простори, иако таа никогаш не се интересирала за Македонија – освен за да ја нуди нејзината територија на други – за правење вазалски односи на Москва со нашите соседи.

Тоа сценарио (како и она во Вашингтон) не помина, иако зад него, во македонскиот случај, стоеја странски разузнавачки центри.

Некои од нив беа и во зградата на Парламентот, па откако беа откриени, еден оперативец побегна дома за да не бидат уапсени за поттикнување насилство и парламентарен пуч. Москва, пак, го истрпи ударот, со тоа што нејзиниот избраник мораше да оди во опозиција.

Но, затоа ја започна својата нечесна политика против новата влада – за прв пат вистински прозападна и проевропска – правејќи се што може – со помош на домашните немакедонски сили – таа да не успее на својот европски пат. Пред се, со попречувањето на решавањето на спорните прашања со соседите, како со Бугарија, така и со Грција – за да не се отвори патот на Македонија за НАТО и ЕУ.

Пропуштена шанса

На сите тие случувања, македонската јавност – онаа што би требало за 30 години независност да постои и да функционира како демократска, либерална, проевропска – реагираше различно – според партиската и националната припадност, но во целина гледано – омана.

Не реагираше ни приближно онака како таквата јавност во Америка. Оваа, македонската, ја пропушти шансата да остане запаметена како вистински демократска и зрела за да ја брани и одбрани ДЕМОКРАТИЈАТА.

Силите на редот го одбранија уставниот поредок, но во ноќта на 24 април 2017 година, во Скопје – јавноста и медиумите со неа – не го положија испитот на зрелоста. Иако ваквата тепачка на вмровската недемократска власт, врз опозициските пратеници, под покривот на Парламентот, се случуваше по втор пат.

И по втор пат, тие разулавени „патриоти“ – војници на режимот – сметаа дека тоа е нешто нормално. Само во Македонија и во тоталитарни режими – деспотите, како оној бегалецот кој се крие во Будимпешта – ќе изјават – „Ако некој сакаше некого да убие – ќе го убиеше„!

Македонија нема Пенс

Тоа се однесува за претепувањето на еден пратеник, етнички Албанец, кој заврши во болница и едвај спаси глава. Тоа важи и за повредите на раскрвавената глава на мандаторот за создавање нова влада, чија слика го обиколи светот. Тоа се однесува и за претепувањето и малтретирањето на пратеници, затворени во една од парламентарните простории.

Оние во Вашингтон, исто така, имаа задача да ја најдат Ненси Пелоси (спикерот на Конгресот) и уште неколкумина влијателни демократи – за да ги претепаат, но сепак, не стигнаа до нив.

Велат дека пресвртот во американскиот случај настанал кога влијателни републиканци реагираа на бунтот на Капитол. Како тогашниот потпретседател на САД, Мајк Пенс и екс претседателот на САД Буш. Сега се разбира дека дури и синот на Трамп му се јавил на таткото – предодреден за автократ – и барал од него да се јави и да го запре дивеењето на Капитол.

Тогашниот претседател на државата – ако некои заборавиле – иако обврзан според Уставот да реагира – меѓутоа, не ја одигра улогата на Пенс и Буш. Таков каков што е, тој нема габарит за нешто такво, дури се смета дека бил и дел од сценариото за пучот.

Но, тоа не го направи ниту бившиот претседател кој сега ужива во апанажата и ровари низ „својата“ партија. Наместо тоа, остави планираниот пуч да тече. Оној, пак, албански пратеник – сега веќе партиски лидер – во меѓувреме направи карикатура од самиот себе – сега е прв другар со тие што сакаа да го убијат.

„Награди“ за тепачите – пучисти

Режимската партија – во својот познат стил – арогантно (се уште отфрла) било каква одговорност, иако истите луѓе беа и тогаш, а таму се и сега.

Наводно се било спонтано – во познатиот милошиќевски стил кога, божем се бранеше Југославија. Некои од тепачите се претворија во тажни фигури на македонското општество, но сите беа наградени од вмровската партија. Беа предлагани и бирани за пратеници на следните избори. На последните локални избори – некои од нив дури станаа и градоначалници (!?) наместо осудени никогаш да не помирисаат политика.

А, домашната јавност, на сето тоа реагираше – македонски и балкански.

Во стилот – „добро де, се случи тоа што се случи“ – сега нема што да се потсетува за нападот врз демократијата, врз Уставот, врз европеизацијата на Македонија. Па, во не мал број случаи – гласаше за тепачите, за насилниците кои беа дел од планираниот пуч. Отворајќи пат за рехабилитација на главниот пучист кој и од надвор продолжува да работи против интересите на државата.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе