Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Над 6,5 милиони новозаразени од корона – за една недела

ShawnGoldberg/Depositphotos.com

Над 6,5 милиони новозаразени од корона – за една недела

Целиот свет се наоѓа (одново) на силен удар на короната, откако новиот вид вирус – Омикрон – потврди дека е способен да се шири со голема брзина, па  веќе почнува да претставува закана за голем број здравствени системи во светот, бидејќи би можел да ги надмине болничките капацитети во многу држави – соопштува Светската здравствена организација (СЗО).

Лесно пренослив и во услови на се уште голем број невакцинирано население, Омикрон за само една недела, на глобално ниво, има забележано скок кај новозаразените  од цели 37 отсто.

Според официјалните податоци, меѓу 22 и 28 декември, во светот се регистрирани дури 6,5 милиони нови пациенти, што претставува највисок еднонеделен раст, откако СЗО, во март 2020 прогласи глобална пандемија со коронавирусот.

Епидемијата најсилна во Европа

Француската агенција АФП открива дека епидемијата е најголема во Европа, што ги натера владите низ целиот континент  да се определуваат што сега да преземат.

Дали да ги вратат старите, остри безбедносни мерки и строгите рестрикции во борбата со пандемијата, за да спречи „задушување“ на болниците од јавното здравје, или пак, да и овозможат закрепнување на економијата и на малите и средните бизниси во овие празнични денови,  пред Нова година. Но и за да не дојде до ново затворање на луѓето и до прекинување на општествениот живот, после две години откако, на крајот од ноември, во Кина, се појави овој вирус.

Новиот вид – Омикрон – сега е доминантен во цела низа држави во Европа и во светот. Забележливо е, меѓутоа,  дека за разлика од налетот на Делта вирусот, сега хоспитализацијата на новозаразените е помала. СЗО, сепак, предупредува дека е рано за конечната оценка на силата и моќта на Омикрон, токму затоа што овој вид – прв пат регистриран во Јужна Африка – се раширува два пати побрзо во споредба со варијантата Делта.

Намалување на смртноста

Над 5,4 милиони лица во светот починаа досега од коронавирусот, или од последиците врз организмот што ги остава. Сепак и покрај ваквата застрашувачка бројка, епидемиолозите велат дека, смртноста се намалува и опаѓа како што тоа се забележува и со хоспитализацијата.

Во изминатите седум денови, кога се собирани овие податоци, во светот – дневно – умирале по 6450 заболени, што е најниска бројка, споредено со октомври во 2020 година.

Инаку, само во Европа, во неделата до 28 декември имало 3,5 милиони новозаразени лица.

Британија и Франција се пред сите другите на Стариот континент, но силен раст во текот на една недела има и во Шпанија, Италија, Германија и Турција, но и во Грција, Португалија и Швајцарија.

Франција веќе ја надмина бројката од 200 илјади заразени во само еден ден, додека во Британија таа се има искачено до 184 илјади – за 24 часови.

„Цунами пандемија“

Британците, чија влада одби да ги заостри мерките – барем до 1 јануари –  а тоа значи до претстојниот викенд, во вторникот (28 декември) имаа регистрирано над десет илјади заразени кои морало да се сместуваат  во болниците.

Лондон останува епицентарот на заразата, па градските власти забранија јавно, улично собирање за пречек на Новата година ( тоа обично се прави на плоштадот Трафалгар) , а тоа го направија и Париз, како и цела низа главни градови низ Европа.

СЗО, од своја страна, предупредува да нема опуштање и потсетува  дека во неделата до 28 декември, во споредба со претходните седум денови, е регистрирано зголемување на бројот на новозаразените за 11 отсто. Експертите на СЗО стравуваат и од можноста двете варијанти на короната – Омикрон и Делта – кои се пренесуваат паралелно на луѓето, заедниќки би можеле  да создадат „цунами епидемија“ со која светот  тешко ќе се избори.

Светската организација, затоа,  апелира до земјите во светот да спроведат вакцинација до 70 отсто од населението, до 1 јули годинава, како витална мерка во борбата со пандемијата, Досега, само 92 земји, од 194 колку што се членки на СЗО,  имаат извршена имунизација на повеќе од 40 отсто од населението.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе