Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Договор за Украина или ќе има нова ракетна криза“

borkus/Depositphotos.com

„Договор за Украина или ќе има нова ракетна криза“

„Ако Украина било кога стане членка на НАТО, или пак Алијансата на украинската територија постави своја воена инфраструктура, тогаш ние (Русија) ќе го насочиме нашето оружје кон срцето на Америка. Имаме воени капацитети за тоа„ – има речено Дмитри Киселов, водител на најпопуларната руска информативна програма на државната телевизија.

Тој има важна улога во ширењето и популаризацијата на сите пораки од Кремљ и на путинизмот, во домашната јавност, но важи и за добро брифиран за внатрешните и надворешните состојби во кои е вклучена Русија.

Затоа и неговите пораки, изнесени во разговорот за британскиот Би – Би – Си, не би требало да се третираат само како „фалбаџиство“ на една високо поставена личност од светот на медиумите, која е сосема блиску до власта, а ниту, пак, само како начин за популаризација на пораките и заканите кон Западот, кон САД и НАТО, што веќе со недели ги испраќа и самиот руски претседател.

Закана со повторување на Куба од 1962

Во разговорот Киселов открива дека доколку не се постигне никаква спогодба околу Украина и нејзината геостратешка иднина (онака како што тоа и одговара на Москва), Русија ќе распореди ракети контра Западот и Америка.

„Сега се зависи од вас. Ние тоа не го сакаме“ – рекол Киселов кој е и раководител на најголемиот руски медиумски холдинг – Русија Сегодња.

Според него, Русија располага со најдоброто оружје во светот – хиперсоничното – што може да стигне до територијата на САД, за истото време, што би им требало на американските и на британските ракети, лансирани од украинската територија кон Москва.

„Едноставно, во една таква ситуација одново би се нашле во времето идентично со она од времето на ракетната криза (врзана за Куба во 1962 година и за поставувањето на советските ракети на овој карипски остров, на само 15о километри од американскиот брег). Но, со многу пократок лет на сегашната генерација ракети – зборува Киселов образложувајќи ја ситуацијата околу Украина многу подиректно и поотворен од Владимир Путин.

Кремљ во „војна“ со Киев

И, за да заканата биде комплетна, Дмитри Киселов порачува дека Западот треба да верува дека Русија е – 100 отсто подготвена да ја спроведе заканата, затоа што за неа – како што рекол овој поттикнувач на војната – тоа е прашање на живот и смрт!?

Тврдата воинствена реторика на Москва и безмалку ултимативните барања на Кремљ и на разните негови „гласноговорници“ во стилот – оставете ја Украина надвор од НАТО, доколку не саката да се соочите со ракетна криза и можноста од војна со Русија – стануваат се поенергични, откако Москва отворено и се закани на Украина со воена интервенција и инвазија, поставувајќи на нејзината северна, источна и јужна граница силна армада од 100 илјади војници и бројна и силна воена техника и оружје.

Всушност, Кремљ е во „војна“ со Киев уште од „шарената револуција“ на Мајдан во украинскиот главен град и со смената на тогашното проруско раководство, со свртувањето на Украина кон Западот, а посебно со истакнувањето на целите на новата власт – влез во ЕУ и членство во НАТО.

Многу брзо уследи руска воена интервенција на Крим, окупација и веднаш потоа и анексија, по еден наместен „референдум“ по кој жителите на полуостровот веднаш добиваа руски пасоши. Еден месец подоцна, избувна бунт во украинските источни провинции Луганск и Донецк (во советско време познати како Донбас), многу веројатно поттикнат од Москва, во кој загинаа десетици илјади лица, што руската страна го подржува и ги брани со тврдењето дека тие луѓе не сакаат да живеат во земја која е врзана за Западот.

Москва прави „руски двор“

Меѓутоа, Украина не е единствената од земјите излезени од некогашниот Советски Сојуз, кои се под заканата на Москва да не ја менуваат својата геостратешка позиција. На удар се Молдавија (која е отсечена од нејзината област Придњестровје што е под руска контрола веќе 30 години), како и Казахстан и Азербејџан.

Најтешко, во тоа ширење на Русија кон повторното запоседнување на екс советските републики – се погодени Грузија, која остана без два свои дела – Абхазија и Јужна Осетија и секако Украина која и без руска воена интервенција се соочува со ризикот од расцеп.

Секое определување на некоја од овие земји да излезат од она што Москва, самата, го прогласи за свој „руски двор“ – веднаш се претвора во кризно жариште во кое локалните русофилски сили подготвуваат бунт или пуч, па затоа и во најголемиот број поранешни советски раководители на власт се диктаторски или автократски режими.

Тие се гаранција за Русија дека во овие земји ништо нема да се смени – односно, дека тие нема да тргнат кон Западот, преку ЕУ и НАТО.

„Среќа и несреќа со соседството“

Излегува така, дека сите овие (формално) независни држави се осудени да останат надвор од она што е демократска, граѓанска, либерална Европа и никогаш да не може да посакаат да бидат дел, или барем да бидат со специјални врски со Европската Унија, или со НАТО, како нивниот одбранбен штит.

Ваквата ситуација за светот што Кремљ и Путин го имаат замислено, како реинкарнација на некаков нов Советски Сојуз – Дмитри Киселов не само што не ја отфрла, туку и ја подржува, цинично забележувајќи дека – „државите или имаат, или немаат среќа да бидат соседи на една Русија“.

Според Киселов, станува збор за „историска реалност, која ништо не може да ја измени“. Затоа и ги брани Путин и неговиот предлог за договор со САД, НАТО и со Западот околу идната позиција на Украина (секако, надвор од НАТО) – за да Русија и Западот не се расправале со силата на ракетите, а светот не се претворел во „радиоактивно ѓубриште“!

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе