Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Индиска блокада за Мајка Тереза

zatletic/Depositphotos.com

Индиска блокада за Мајка Тереза

Хуманитарната организација што ја има основано Мајка Тереза, католичка калуѓерка која се има преселено од Македонија, каде е родена, во Индија, во Калкута, постои повеќе од 70 години, но токму на Божик (25 декември) годинава, актуелната индиска влада на националистот – популист Нарендра Моди, одлучи да ја блокира нејзината натамошна работа.

Владата во Њу Делхи сега реши да не дозволи обнова на лиценцата за работа на оваа организација, позната како „Мисионери на хуманоста“, забранувајќи да прима пари од странство. Таа е една од најголемите вакви фондации во Индија и за својата работа, средства обезбедува од странски донации и меѓународни фондови.

Повеќе илјади калуѓерки ги надгледуваат и го помагаат реализирањето на цела низа разни хуманитарни проекти – како што се домови за напуштени деца, изградба и уредување на училишта и клиники за сиромашните, како и домови за сместување на немоќните.

Притисок на националистите

На празникот на католиците и протестантите, министерството за внатрешни работи на Индија, соопшти дека било одбиено барањето за обнова на дозволата за работа, што досега беше формална постапка, објаснувајќи го тоа со „некои неповолни работи“, без притоа да се даде некакви детали.

Во Њу Делхи се смета дека ваквото решение на владата треба да се бара во силниот притисок на разните националистички и анти – христијански организации и групи, сите декларирани како тврдокорни хиндуисти. Тие подолго време ја напаѓаат организацијата на Мајка Тереза, осудувајќи ги оние кои управуваат со неа дека зад хуманоста, наводно, се врши насилно покрстување на локалното хинду – население во христијанство.

„Мисионери на хуманоста“ категорично ги демантираат таквите обвинувања, квалификувајќи ги како измислица, но во понеделникот (27 декември) од организацијата е потврдено дека нивното барање за обнова на апликацијата (за работа) била одбиена.

Хуманитарците на Мајка Тереза повеќе не ќе може да примаат пари од странство, ниту да ги користат сметките со странски донации. Тоа, практично, значи дека организацијата не ќе може да работи како досега – барем додека не се разреши целата оваа ситуација.

Од Скопје до Калкута

Претходно, гувернерот на областа Западен Бенгал во кое административно припаѓа и Калкута, ја обвини владата во Њу Делхи дека ги „замрзнала фондовите“ на организацијата, што индиската влада, како што пишуваат локалните медиуми, го демантирала.

Организацијата на Мајка Тереза е една од најпознатите светски католички хуманитарни организации.

Мајка Тереза е родена во Скопје, во 1910 година, како Агнеза Бојаџиу, од родители Албанци – христијани кои се населиле во Македонија. Во 1928 година заминува во Индија да работи како католичка мисионерка, која им помагала на сиромашните и на бројните бездомници да не живеат незгрижени на улица.

Во 1979 година доби Нобелова награда за мир, за нејзината дотогашна хуманитарна работа. Во 2016 година, папата Франциско ја прогласи за светица на католичката црква, 19 години по нејзината смрт.

Владата на премиерот Моди, во склад со својата политика, им се додворува на националистичките и тврдо религиозни делови од општеството, сместени главно меѓу огромното рурално население кои се и негови верни гласачи.

Локалните христијани на удар

Низа години индиските власти, затоа, вршат притисок врз разните хуманитарни и НВО, стационирани во Индија, кои се финансираат со странски средства. Пред фондацијата на Мајка Тереза, средствата им беа замрзнати и на Гринпис и на Амнести Интернешенел, организации кои и тоа како имаат работа во земја каква што е Индија.

Таквата политика на Моди и на неговата националистичка и десничарска Џаната партија, предизвикува во земјата се почесто да се регистрираат напади врз припадници на религиозни малцинства.

Насилници – припадници на Хинду религијата, ги напаѓаат христијаните и веќе секоја година, откако е Џаната на власт, настојуваат да ги попречуваат христијанските празници и припадниците на оваа малцинска религија во нивните религиозни слободи. Најчесто демонстрирајќи пред црквите во време кога таму има верска служба, или дури и вандализирајќи ги верските објекти.

Огромно мнозинство од Индија која има над една милијарда население, се припадници на хиндуистичката религија која е главна во земјата.

Има само 24 милиони христијани кои се едвај 2 отсто од населението на земјата. Досега се сметаше дека главната пресметка на Хинду – Индусите е со локалните муслимани, но сега на удар е и христијанската заедница.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе