Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грција: новинарите обвинуваат за загрозена слобода

jomahepu/Depositphotos.com

Грција: новинарите обвинуваат за загрозена слобода

Едно убиство на новинар, среде бел ден во Атина, една јавна расправија на грчкиот премиер со странски новинар, како и сомнежите дека медиумите и новинарите се надгледуваат, предизвика Грција да падне за пет места во рангирањето според слободата на медиумите, во класификацијата на Репортери без граница за 2021 година.

Сега оваа земја членка на ЕУ, е рангирана на 70 место, зад Полска и Монголија, меѓу 180 држави во светот.

Ваквата позиција, грчки експерти за медиумски слободи ја означуваат како загрижувачка и откриваат дека последниве години, во Грција се забележува „насилство врз медиумите“, затоа што се регистрирани случаи на апсење, или на застрашување врз новинари, како и за претепување на фоторепортери од страна на полицијата, за време на протести.

Владата се обвинува дека ги игнорира барањата на медиумите за официјални информации за најважните состојби, дека се врши притисок врз новинари затоа што покренуваат (за властите) неомилени теми. Како врв на состојбата, се смета донесувањето на новиот закон, во ноември, според кој се казнува неточна информација со затвор и до пет години.

Во затвор за „fake news”

Тоа значи дека новинарите може да бидат осудени и ставени во затвор за „лажна вест“ и тоа се објаснува со ситуацијата дека погрешните информации предизвикуваат страв, загриженост и нервоза во јавноста.

Грчките новинари се гневни што во текот на целата оваа 2021 година, министерствата, како и полицијата ги имаат игнорирано медиумите кога тие барале дополнителни и официјални информации, поврзани со пандемијата со корона вирусот, особено кога кризата во Грција беше најголема. Но, и кога се бараат објаснувања за полициската бруталност и за насилството на силите на редот, за полициската злоупотреба на сила, или пак за ситуацијата со и околу мигрантите.

Како пример за односот на власта кон новинарите во Атина се посочува случајот на премиерот Киријакос Мицотакис и неговиот судир со една холандска новинарка.

Ингебор Богел, која допатувала со холандскиот премиер кој бил во службена посета на Грција, на прес конференција го обвинила Мицотакис дека “лаже“, тврдејќи дека грчките власти не ги враќаат, назад на отворено море, илегалните мигранти, навлезени во грчките територијални води. На таквата забелешка, премиерот – домаќин остро и возвратил на гостинката.

Налутениот премиер

„Па, не може да дојдете овде и да ме навредувате мене, а да ги навредувате и луѓето во Грција, со обвинувања, без притоа да изнесете било каков валиден факт“ – реагирал налутено грчкиот премиер.

Најзагрижувачко во целата оваа расправија, меѓутоа, не се смета толку грубата размена на зборови, колку подоцнежната изјава на холандската новинарка.

Таа за своите медиуми открила дека веднаш по прес конференцијата, што се пренесувала на телевизија, почнала да добива заканувачки пораки на меил и на својот мобилен телефон. „Се исплашив и веднаш, без размислување си заминав од Грција“ – признала подоцна Богел.

А, таквата ситуација, според тврдење на грчки новинари ја имаат доживеано и домашните автори, членови на разни редакции. Тоа посебно се случува кога се објавуваат прилози што се означуваат како „доверливи“, или за кои се тврди дека имаат „разузнавачка заднина“, како за дејствувањето на анти – ваксерите кои имаат силно движење во Грција, или за активистите кои им помагаат на мигрантите.

Деманти на владата

Министерот Георгиос Герапетритис, меѓутоа, ги отфрла сите обвинувања дека власта ги следи и ги надгледува новинарите, инсистирајќи дека домашните медиуми имаат „целосна слобода“ во своето работење. „Не секогаш се согласуваме со новинарите, но никој не ја гази нивната загарантирана слобода“ – има речено овој министер за француската агенција АФП.

Тоа не го прифаќаат новинарите, па споменуваат примери кога весниците биле остро прекорувани и за тоа што го нападнале премиерот кога на два пати ги има прекршувано мерките на карантин, поради пандемијата, па дури и кога медиумите сложно го критикувале министерството за култура што дозволиле на античкиот Акропол да се изградат, нови, бетонски скали!

Токму поради ваквите случаи, се повеќе новинари наместо критичност, користат авто – цензура во своето работење, или се повеќе (во последно време) заминуваат од професијата и бараат работа надвор од новинарските редакции. Едноставно, не сакаат да бидат изложени на – како што велат – владината цензура врз текстовите кои не им се по мерак на властите.

И во владата, а и во новинарските здруженија се согласуваат дека оваа ситуација не е нова и дека Грција има долга историја за судир на медиумите со власта, но и со целата грчка политичка елита, како и со моќните финансиски кругови.

„Нема место за критикување“

Според тоа, нема промени во Грција, кога станува збор за положбата на медиумите, затоа што се уште нема место за критичко пишување, или за вистински независно новинарство. Тоа е силно изразено, сега, во услови на пандемијата со короната, што трае две години, како и со мигрантите, како што беше силно изразено и во текот на долгата финансиска криза меѓу 2010 и 2018 година – кога земјата и луѓето се соочија со банкротство.

Од друга страна, владата гради слика дека се е во ред, а притоа ја наградува само лојалноста кон нејзината политика. Во минатата година, на пример, е создаден владин фонд за помагање на медиумите во услови на пандемијата, најмногу за да се охрабрат новинарите да работат од дома. Излезе, меѓутоа, дека најголем дел од парите беа префрлени во медиумите кои се блиски до власта и се некритични кон владата.

Грчките новинари, затоа, се меѓу оние во рамките на ЕУ кои се најнезадоволни од својата положба. Овие во Грција инсистираат дека не се ниту заштитени.

Во април годинава, беше убиен новинар, владата и полицијата ветија брза истрага, а осум месеци од тогаш нема ништо за случајот. Тоа исто се има случено и со едно друго убиство на млад новинар во 2010 година. Ниту после 11 години, не се знае зашто новинарот беше убиен и кој има нарачано да биде ликвидиран.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе