Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Унгарија на страната на Додик во босанската криза

Ale_Mi/Depositphotos.com

Унгарија на страната на Додик во босанската криза

Официјална Будимпешта одлучи да се замеша на страната на Милорад Додик, српски член на Претседателството на БиХ и на српската енклава Република Српска, во сегашната длабока босанска политичко – безбедносна криза, најсериозна од потпишувањето на Дејтонскиот договор, пред 26 години.

Во кризата веќе се длабоко инволвирани, прво Србија и Белград, а потоа и Русија, за која европски безбедносни експерти тврдат дека настојува да ја искористи српската енклава за создавање некаква босанска варијанта на украинската ситуација и за претворање на енклавата во „босански Донбас“.

Сега таму се вклучува и Виктор Орбан, кои и онака важи за најблизок сојузник на Москва во ЕУ, често пати повлекувајќи потези кои многу повеќе им одговараат на геостратешките цели на Кремљ, отколку на европските интереси.

Вето на предлогот за санкции

Се верува дека и сегашното свртување на орбанова Унгарија кон Република Српска и пред се кон нејзиниот „газда“ Додик, а не кон настојувањето да се стабилизира ситуацијата во цела БиХ, само се надополнува на руското сценарио за дезинтеграција на Унијата и за дестабилизација на Босна, преку остварување на додиковите цели – отцепувањето на енклавата од матичната држава.

На прес конференции во Будимпешта, Орбан за српските медиуми потврдил дека силно ќе го брани Додик за да не се соочи со европски санкции, поради неговата сепаратистичка политика.

Унгарецот и порачал на Унијата дека Будимпешта ќе стави вето, доколку Европската комисија и формално се определи за санкционирање на српскиот Босанец, најавувајќи дека Унгарија на енклавата во БиХ ќе и додели помош од 100 милиони евра.

Тој смета дека „секако треба да се спречи санкционирање на Додик, затоа што (според него) „Србија, како и Република Српска се клучот за стабилноста на Западен Балкан„. Орбан, притоа, ја повикал новата влада на Германија да го интегрира регионот во ЕУ, а не да го казнува, затоа што тоа само би ги зголемило проблемите.

„Безбедносни интереси“?

За разлика од оценките кои за српскиот член во босанското Претседателство, ги даваат во неговата држава (БиХ), во проевропските белградски медиуми, во Европа и САД – дека тој е заканата за територијалниот интегритет на оваа поранешна ЈУ република – унгарскиот премиер му дава целосна поддршка на Додик, за комплетната негова активност.

Орбан смета дека Додик е “демократски избран политичар“ и ги предупредил западните држави да “не извршат егзорцизам “ врз него, зашто тоа “би било многу опасно“ – без разлика на неговиот сепаратизам и дејствувањето за растурање на една европска суверена држава.

А, сето тоа, Унгарецот го бранел со некакви безбедносни интереси за самата Унгарија.

„Границата на Босна е оддалечена само осумдесетина километри од јужната унгарска граница, па секој судир таму (во БиХ) би можел да се прелее во Унгарија“ – тврди Орбан, а малку кој верува дека токму тоа е причината за ставањето на Додик под унгарска заштита.

Доколку навистина би бил загрижен за безбедноста на својата земја, би се интересирал за стабилизацијата на целата БиХ, а не само за една нејзина единица, уште и дејствувајќи против интересите на државата во целина.

Продлабочување на кризата

Не му се верува ниту дека определената финансиска помош, навистина е наменета за финансирање на малите и средни претпријатија во Република Српска. Во Европа повеќе се верува дека парите – чие потекло може да е од ЕУ фондовите, но и од трета страна – многу е веројатно дека ќе се искористат за да се помогнат вистинските цели на Додик и работата на дезинтеграцијата на БиХ.

Особено, што Орбан до пред две години беше целосно незаинтересиран за Босна, за Република Српска и за Додик.

Свртувањето се случи откако српската енклава почна да се врзува за Косово и за решавањето на косовското прашање – по принципот – ако има независно Косово, треба да има и независна српска енклава. За што, инаку, брзо се заинтересира и руската страна, па затоа постои сомнеж дека можеби иницијативата потекнува од Москва.

Во секој случај, на Орбан, според се она што го има досега направено за регионот и што го прави и натаму во него, не треба да му се верува. Вклучувајќи ја и неговата активност за дестабилизација на Македонија, со помош на избеганиот македонски екс премиер – осуденик за криминал – кого го чува во Будимпешта, за да го врати на власт во Скопје. Затоа треба да постои недоверба и сега, кога активно влегува во босанската криза – само за да ја продлабочи.

Во „војна“ со ЕУ

Всушност, со ставањето на страната на Додик, унгарскиот премиер само продолжува да се пресметува со Брисел, со Европската комисија и со Западот, обвинувајќи ги дека не го сакаат, како и дека сакаат да го тргнат од власт.

Овој унгарски ултра – десничар, националист и популист го користи Додик за да се продолжи со компликување на ситуацијата, внатре, во ЕУ, откако Брисел ја блокира испораката на десет милијарди евра за Унгарија, од специјалниот Фонд за стабилизација на земјите членки, погодени со пандемијата во изминатите две години.

Ваквата мерка Орбан веќе ја нарече „брутална саботажа“.

Притоа потврдува дека нема да ги прифати двете пресуди на Европскиот суд за правда. Првата, поради унгарскиот закон за кривично гонење на адвокати и активисти кои заштитуваат азиланти и мигранти. Ваквиот антиевропски закон е дел од неговата антиимиграциска политика, која во ЕУ е осудена како расистичка и исламофобична. По напливот имигранти 2015/2016 година, има речено дека Унгарија “ја чува христијанска Европа од напливот на исламот“.

Контра новата влада во Берлин

Втората пресуда се однесува на непочитување на владеењето на правото, па затоа, одбраната на Додик треба да значи контрирање и непочитување на новата германска министерка за надворешни работи Аналена Беброк, која побара санкции за српскиот политичар од БиХ.

Во исто време, Орбан настојува, јавно, да се омаловажи меѓународниот специјален претставник во Босна кој, исто така, најавува мерки против сепаратизмот на Додик. Излегува, затоа, дека официјална Будимпешта не го признава за надлежен да одлучува (и според Дејтоннскиот договор) и да санкционира, како што тоа веќе го направи и Москва.

Во крајна смисла и осудата на унгарскиот шеф на дипломатијата – искажана во Скопје – околу одложувањето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, означувајќи ја како „нечесен чекор на Унијата“ – треба да се стави во рамките на војната на унгарскиот премиер со Брисел, со ЕУ и со Вашингтон. И ништо повеќе.

Доколку Унгарија, навистина, и сакаше добро на Македонија, немаше да го прави тоа што го прави изминатите четири години кон актуелната власт во Скопје – проевропски и прозападно определена.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе