Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

„Откажана прослава е подобро од загубен живот“!

Elenarts/Depositphotos.com

„Откажана прослава е подобро од загубен живот“!

Светската здравствена организација (СЗО) побара од луѓето во целиот свет да се откажат од годинешното славење на претстојните Божикни и Новогодишни празници и посебно да се откажат од патувањата во овој период, за да се ЗАШТИТИ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, сега кога веќе е сигурно дека новиот вид корона вирус – ОМИКРОН – со голема брзина се рашири низ светот и стана доминантен.

„Откажаните славења, веселбите и масовните дружења, сепак, се многу подобро решение од загубените човечки животи„ – вели во предупредувачката порака, генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус. Тој признава дека тоа нема да биде лесна одлука, но дека сепак, мора да се донесе.

Омикрон доминира во САД

Голем број земји во светот веќе преземаат бројни мерки за да се запре забрзаното ширење на новиот вид на коронавирусот, вклучувајќи ги разните видови ограничувања во одбележувањето на празничните денови и посебно – во патувањето.

САД каде Омикрон варијантата е веќе доминантна, учествувајќи со 73 отсто во сите новозаразени случаи во државата, се очекува претседателот Џо Бајден, во посебно обраќање до јавноста, да предупреди на заканата од непочитувањето на мерките за обезбедување од вирусот, иако Белата куќа најави дека нема да има нов локдаун.

Претходно, водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи предупреди дека “би било многу добро да не се патува за претстојните празници“ што, инаку, Американците го прават во овие денови, за да не се случи во јануари, или во февруари сите да се најдат во карантин.

Холандија во локдаун

Властите во Њујорк размислуваат за тоа да се откаже традиционалното, над 100 години старо, заедничко славење на новогодишната ноќ, на Тајмс сквер, но затоа на Американците веќе им се препорачува да НЕ ПАТУВААТ во над 80 држави низ светот, вклучувајќи ја и без малку, цела Европа.

Франција и Германија имаат од претходно воведено ограничувања во патувањата, како во рамките на нивните земји, така и за патување во странство, на т,н. божикни одмори, затоа што традиционално, на Западот во Европа божикните и новогодишните празници се поврзуваат во едно неделен одмор.

Холандија, засега, е најрадикална, па следејќи го австрискиот пример од почетокот на овој месец, за време на Божик, владата на премиерот Марк Руте има воведено локдаун. Британија на Борис Џонсон, пак, не се осмелува на една ваква мерка, затоа што тврдото крило на владејачката Конзервативна партија е против „било какви ограничувања“.

Сепак, иако Даунинг стрит 10, во овој момент, отфрла можност дури и да ги испразни фудбалските стадиони, или барем да се прекине играњето фудбал, на две недели, Џонсон признава дека “ништо конечно не може да вети“ па дека затоа сите опции се отворени.

Нема славење на Трафалгар сквер

Во овој момент, дневно во Британја има по над 93 илјади новозаразени и смртност од педесетина лица, што го натера градоначалникот на Лондон, Садик Кан да забрани организирање масовен пречек на Нова година, на Трафалгар скверот, во центарот на британскиот главен град.

„Ситуацијата во Лондон е далеку најтешка, кога станува збор за бројот на новозаразените и затоа се определивме на една ваква мерка – да нема заеднички уличен пречек на новата 2022 година, во интерес на јавното здравје“ – изјави Кан, додавајќи дека многумина можеби нема да бидат задоволни, но дека општото здравје е многу позначајно од поединечното незадоволство.

Впрочем, во британската престолнина, исто така, веќе секој ден се откажуваат театарските претстави и настаните од забавен карактер, како од здравствено – безбедносни мерки, така и затоа што се повеќе актери, или настапувачи се инфицирани и заболени од Ковид. Како шокантна, во тој свет на забавата и музиката, е примена и веста за смртта од Ковид и од последиците на вирусот, на водечкиот глас на (во Британија) многу популарната вокална група „Ил Диво“.

Патувањата го шират вирусот

Другиот дел од Европа, различно реагира на новонастанатата криза со пандемијата.

Се уште се чека како ќе се развиваат работите и како ќе се рашири пандемијата со нов бран од новозаразени – на Истокот од ЕУ и на Западен Балкан – со доаѓање на оние кои работат и живеат во странство – најмногу од нив во земјите каде епидемијата (како Британија, Германија, Франција, Холандија, или Австрија и Швајцарија) е веќе силно раширена.

За разлика од нив (во Македонија се стравува дека бранот преселници од Западот ќе предизвика четврти бран од пандемијата во текот на февруари), во далечниот Нов Зеланд, во ова меѓувреме, веќе се одлучија да ги одложат мерки за олабавување на разните ограничувања – како што е решено во Велингтон – барем до крајот на февруари.

СЗО сега потврди дека веќе располага со сознанија дека омикрон варијантата се шири со поголема брзина од претходниот Делта вид корона

„Луѓето мора да се заштитат“

„Сите ние сакаме за празниците да сме дома, со своите блиски, или со пријателите. Сакаме празниците да ги искористиме за одмор, патувајќи некаде, или патувајќи до најблиските, од едно место во друго, но во исто време сакаме и сето ова да помине и светот да се врати во нормала“ – се вели во пораката од СЗО до светот.

Генералниот директор Гебрејесус вели дека сега останува политичките лидери и секој поединец да одлучат – што ќе направат, Сепак, едно нешто не смее да се заборави, а тоа е дека луѓето мора да се заштитат, како и дека многу е подобро сега да се откажеме од задоволствата и навиките, за да подоцна – не тагуваме.

СЗО оценува дека претстојната 2022 година може да биде последна со коронавирусот, но дека така може да биде само доколку се вакцинира 70 отсто од популацијата во сите земји во светот – до средината на годината.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе