Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Лиз Трас: од антибрегзитер до министер за Брегзит

Leon Neal/Pool via Reuters, Liz Truss in 2020, CC BY-SA 4.0

Лиз Трас: од антибрегзитер до министер за Брегзит

Британската министерка за надворешни работи Елизабет (Лиз) Трас го замени лордот Фрост на функцијата министер за Брегзит и главен преговарач со ЕУ за имплементација на договорот за излегување на Велика Британија од Унијата.

Трас, меѓутоа, останува и натаму шеф на британската дипломатија, што е реткост во тамошната политика да се држат две министерства, иако во овој случај – двете функции се надоврзуваат. Особено што како прв човек во Форин Офисот таа сега ќе треба да ги истурка до крај преговорите со Брисел и Европската комисија околу т.н. северноирски протокол.

Ваквото кадровско решение на премиерот Борис Џонсон, предизвика ново бранување во редовите на владејачката Конзервативна партија, поделена околу неколкуте афери кои го врзуваат нивниот партиски лидер (и премиер) и мерките за борбата со пандемијата и ограничувањата во деновите пред Божикните празници. Уште повеќе што ториевците се поделени и околу заминувањето на Фрост.

Поделени конзервативци

Оние кои беа блиски до погледите на лордот во врска со преговорите со ЕУ и ситуацијата околу Северна Ирска, уште повеќе го критикуваат Џонсон што дозволи Фрост да се повлече. Досегашниот министер за Брегзит беше тврд брегзитер кој знаеше да му се заканува на Брисел, барајќи од ЕУ (уште еднаш) да попушти пред арогантните барања на Британците во врска со специјалниот статус на Северна Ирска, кога станува збор за трговијата со и од Европа, но и Британија.

Во својата прва реакција по оставката Фрост се обиде да ја смири ситуацијата во партијата, па објасни дека немало судир меѓу него и Џонсон, околу Северна Ирска.

Повтори дека се повлекол од владата затоа што не се согласувал околу мерките во борбата со короната. Лордот бил против воведувањето „присилни мерки“, како што ги смета санитарните карти за да се одделат вакцинираните од невакцинираните. Кога видел дека во владата мнозинството се за такви мерки – решил да се повлече.

Оние ториевци, пак, кои не с согласуваа со тоа како Фрост ги води преговорите со Брисел за Брегзит, сметаат дека е добро што си заминува од функцијата, означувајќи го како кочничар на процесот што, во основа, и пречат на Британија и создаваат нервоза во Северна Ирска. Овие конзервативни пратеници веруваат дека без Фрост како министер за Брегзит ќе може да се направи помак во преговорите.

Против напуштање на ЕУ

Во една ваква атмосфера, двете страни различно гледаат на одлуката на Џонсон – еден поранешен антибрегзитер да го именува за министер за Брегзит.

Групата околу Фрост не се согласува со ваквото решение, сметајќи дека Лондон треба да ја продолжи линијата која ја држеше досегашниот министер. Другата група, изгледа дека верува во Трас и само бара да се престане со постојаните војувања со Брисел. Уште повеќе што анкетите покажуваат дека мнозинството Британци не се задоволни со Брегзит.

Лиз Трас во времето пред и во текот на референдумското изјаснување околу тоа дали Британија да ја напушти ЕУ – беше на страната на тогашниот премиер Дејвид Камерон и (се мислеше) мнозинството британски гласачи – за останување на земјата во ЕУ. Според Трас (во 2016 година) членството на Британија во ЕУ е од стратешки интерес за земјата, посебно кога станува збор за економијата и за бизнисот.

Тоа беше времето кога сегашниот премиер на сите страни низ Британија ги уверуваше Британците дека „Европа ја експлоатира“ земјата, изнесувајќи бројки за кои, подоцна, и самиот призна дека „биле претерани„ – а во основа беа неточни и лажни.

Правење трета верзија

Трас, меѓутоа, сега се прикажува како лојална на Џонсон, како и на мнозинството конзервативци, па има речено дека доколку сега би се гласало – таа овој пат – би гласала за Брегзит, што одново е против општото расположение во земјата.

Како и да е, како шеф на Форин Офис и министер за Брегзит таа зборува дека ќе настојува да се направи потребниот пробив во преговорите околу северноирскиот протокол

Станува збор за некаква трета верзија, откако првата пропадна, за втората беше соборена со партиски пуч премиерката Тереза Меј, а за третата верзија што ја одбра и прифати Џонсон, сега се бара подобра од сите претходни!

Во Северна Ирска се незадоволни унионистите, тврдејќи дека со сегашната варијанта, покраината “ полека се лизга кон обединување со Република Ирска“. Но, незадоволни се и некои бизнис сектори кои се жалат дека сега е потешко да се пласираат производи од Британија во Северна Ирска. На Лиз Трас, очигледно, нема да и биде лесно – затоа што работат не е толку во трговијата, колку во политиката и во тоа (овојпат) да се смират унионистите.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе