Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

НАТО префрла војска во Бугарија и Романија?

btwcapture/Depositphotos.com

НАТО префрла војска во Бугарија и Романија?

Висок функционер на НАТО навестил дека Алијансата се подготвува да префрли воени сили на Алијансата на територијата на Бугарија и Романија. Тоа би требало да биде западниот одговор на натрупувањето руска војска на границата со Украина – тврди германскиот неделник „Шпигл.

Весникот пишува дека стационирањето воени сила во овие две балкански земји – соседи на Русија преку Црно Море, би се одвивало во рамките на веќе определената мисија на НАТО за зајакнување на воените позиции на земјите членки на Алијансата од источната линија. Во трите балтички држави, како и во источна Полска веќе има распоредени вакви сили.

Станува збор за прегрупирање на силите на НАТО по (итно) одржаната конференција на сите 30 земји членки, за стационирање сили на источната граница на Алијансата, со војници од партнерските држави – членки, заедно со силите на земјите каде единиците на НАТО се разместуваат.

Украина заобиколена од три страни

Над 100 илјади елитни руски војници и силна воена техника и оклопно вооружување се поставува долж руско – украинската граница, што на Западот се смета како отворена закана, пред напад и инвазија кон оваа источноевропска земја, поранешна советска република.

Со недели руската страна префрла своја војска на северната страна на граничната линија, од источната, каде се наоѓаат двете украински провинции Луганск и Донецк, што Русија ги означува како Донбас, според терминологијата од советско време, во кои владата во Киев нема никаква контрола, како и од југот, од реонот на Крим, што е анектиран од Русите, во март 2014 година.

Москва постојано демантира дека претстои напад од Русија кон Украина. Својата војска на границата ја објаснува со „стравувањето од агресија на Украина“ кон териториите кои руската страна смета дека се населени со Руси и со население кое зборува руски јазик, кор не сака да биде на украинската страна. Особено сега кога во Киев е на власт прозападно определена влада која сака земјата да ја внесе во НАТО и во ЕУ.

Киев бара поддршка

Трупањето војска на границата создаде силни тензии во односите меѓу Москва и Киев, кои и онака се целосно нарушени изминатите седум години, како и меѓу Русија и Западот и Алијансата.

Во такви услови, Украинците побараа подршка од НАТО, а генералниот секретар Јенс Столтенберг изјави дека постои потреба Алијансата да биде присутна во регионот на Југоистокот на континентот, за да може да се одбранат сојузниците, од било која закана.

Германскиот неделник открива дека владите во Софија и Букурешт и самите побарале зголемено присуство на силите на НАТО. Новиот бугарски премиер Кирил Петков, при својата прва службена посета на Брисел, се сретна и со Столтенберг, при што е разговарано за најновата ситуација од другата страна на морето. Петков, одново, инсистирал на лојалноста и определеноста на Бугарија кон Алијансата и Унијата.

Западот, сепак, не сака судир со Русија за Украина.

САД и „големите“ во Алијансата веќе навестија дека не се планира префрлање американски, или сојузнички војници на украинска територија, но се тврди дека Украинците нема да бидат оставени сами и без помош, додека Русија повеќепати е предупредена дека ќе биде „жестоко санкционирана“ при евентуална воена интервенција.

ТУ – 22М3 патролира над Белорусија

Тензиите, во меѓувремено, не попуштаат и покрај итната средба на американскиот и рускиот претседател, преку видео врски. Русија над територијата на Белорусија испрати – за да патролираат – два бомбардери ТУ – 22М3, способни да носат и нуклеарно оружје – наводно како вежба со белоруската авијација за одбрана на земјата, а всушност, за да ја надгледуваат ситуацијата во трите балтички држави.

Официјална Москва, своето натрупано вооружување кон Украина, го оправдува со „заканата за сопствената безбедност“, затоа што во Украина Западот и НАТО трупаат оружје и опрема за украинската армија и затоа што Киев „забрзано се приближува кон НАТО“ и ака да биде дел од Алијансата.

На крајот од минатата недела, руската страна побара и правно определени гаранции за тоа дека НАТО нема да покрене воени активности во Украина, но и во другите источноевропски земји, поранешни советски сателити во времето на комунизмот и поделена Европа. Во своите барања, Москва, практично става „руско вето“ на било какво членство на Украина во НАТО не може и нема да го прифати.

Русија против украинското членство

Едноставно, Алијансата, САД и Западот немаат ниту овластување да и наложат на една суверена земја да се откаже од своите стратешки планови и од зачленувањето во една организација, само затоа што тоа го бара друга земја – сосетка.

Меѓутоа, барањата на Москва само ја покажуваат вистинската заднина на Русија со трупањето војска на границата.

Тоа не е стравот од наводната украинска инвазија врз Русија (!?), туку во прашање е она што Москва одамна го бара од меѓународната заедница – да прифати дека територијата на поранешниот Советски Сојуз е територија на Русија. Затоа, на тој простор – во кој влегуваат сите поранешни советски републики – Западот нема што да бара и од таму треба да се повлече, таму каде веќе е влезен.

Безбедносни експерти сметаат дека со војската на украинската граница и посебно со (сега веќе) отвореното барање за тоа како да се надминат сегашните тензии, како со Западот, така и со владата во Киев – Русија и Владимир Путин “цртаат линија (го оградуваат) пост – советскиот простор, за да трајно го задржат само за себе.

Москва исцртува нов СССР

Тоа ги објаснува и руските барања. Според московската агенција РИА – Новисти, меѓу најважните тоа се запирање на ширењето на НАТО кон европскиот Исток и посебно, да не се прими Украина во Алијансата.

Освен тоа, се бара да нема стационирање дополнителни воени сили и тешко вооружување (на Алијансата) во земјите од соседството (екс Варшавски пакт) и да остане на нивото од 1997 година, односно пред сите тие да побараат и да влезат во НАТО.

Конечно, се бара и да се прекинат сите активности на Алијансата во Украина, во Источна Европа, во Кавкаскиот регион и во Централна Азија.

Или, во она што некогаш беше СССР, а што Путин одамна сака да го обнови. Ако не како една држава, а тоа барем како заедница (сојуз) економски – политички и воен, во која тој и Русија ќе бидат главни. Односно, да се создаде простор што ќе биде како “двор на сегашна Русија“.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе