Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Божикната журка која го растресе Борис Џонсон

ImageSource/Depositphotos.com

Божикната журка која го растресе Борис Џонсон

Во времето кога Британците се подготвуваат за Божикните празници, но и кога Обединетото кралство се соочува со нов бран на пандемнијата, со 95 илјади новозарзени за еден ден, од кои над десет илјади се од новиот сој – Омикрон, британскиот премиер (за прв пат откако е во Даунннг стрит 10) се соочува со заканата да биде тргнат од функцијата – со партиски пуч.

Исто онака како што тој ја тргна Тереза Меј, за да се смести себеси во премиерската фотеља.

Сето тоа му се случува во деновите кога мислеше дека е безбеден, дека ја има контролата врз Конзервативната партија и дека со успехот на последните парламентарни избори и двотретинското мнозинство во Долниот дом, ништо не може да го загрози. Но, онаков каков што е – постојано работејќи во стилот – нема проблем и лесна работа – британската јавност за прв пат го виде Џонсон несигурен, збунет и без вистинско објаснување за она за што му бараа одговор.

А, јавноста прашуваше и се уште прашува – зашто минатата година, токму во овие денови, премиерот дозволил, или барем знаел, дека во службените простории на владата, членовите на неговиот кабинет, правеле предбожикна журка – кога тоа во цела Британија беше забрането, бидејќи на сила беше локдаун.

Неуверлив демант

Во својот добро познат популистички стил и во манирот дека секогаш некој друг е виновен – Џонсон веднаш ја осуди журката за која медиумите имаа и слика и тон, од кои може да се види добро расположеното друштво, од триесетина луѓе, кои уште тераат и шега околу целата (тогашна) ситуација. Подоцна остро ги осуди оние кои биле на журката, па почнаа да паѓаат оставки од некои од веселниците.

Премиерот, притоа, се правдаше дека „ништо не знаел за тоа што се случува“, но беше поразен кога медиумите открија дека (во еден момент) на забавата била и неговата сопруга.

Опозицијата се обидува да заработи од скандалот, па почна да бара одговорност и од самиот премиер – затоа што прво дозволил журка, а потоа бидејќи ја излажа јавноста, зборувајќи дека не знаел за она што се случувало во зградата во која живее со сопругата.

Ситуацијата за него се усложни затоа што ова откритие дојде во време кога Парламентот требаше да гласа за владиниот предлог за повторното заострување на анти – епидемиолошките мерки, а пред се, за воведувањето здравствени пропусници за да се разделат вакцинираните, од невакцинираните.

Станува збор за земја која важи за една од малкуте во Европа со многу висок процент вакцинирани, иако во исто време за Британија се зборува како за – вистинска „стаклена градина“ за одгледување на сите вируси.

Популистичка политика

Самите британски експерти тоа го објаснуваат со – како што велат – погрешните, или задоцнети одлуки против пандемијата – раководени најчесто од популистичката политика на британскиот премиер. Се тврди дека неговиот грижа за висок рејтинг, што му треба за секое гласање, е она што го покренува и што влијае за тоа какви ќе бидат заштитните мерки.

Кога експертите во Европа сугерираа да се носат маски, без разлика дали луѓето се вакцинирани, или не – во Британија властите сметаа дека тие не се потребни, затоа што била извршена масовна вакцинација. Кога во соседна Франција, на пример, се наложи издавање здравствени легитимации, властите се спротивставија, на провладините медиуми ги критикува европските мерки, бранејќи го британскиот „модел“.

Пратениците од џонсоновата ториевска партија одново, во голем број, се спротивставија на предлогот да се издаваат „грин – пас карти“ за вакцинираните и за задолжително носење маски во јавниот транспорт.

Тие стравуваат од реакцијата на гласачи кои (генерално) се против се она што се носи како мерка во ЕУ, се уште живеејќи во антиевропското пост – Брегзит расположение, арогантно уживајќи во стекнатата „независност“ и „отцепувањето “ од континентот, но и затоа што Џонсон ги уверуваше дека нема да има дополнителни мерки – пред Божик.

Случајот Патерсон

Затоа, дури 99 пратеници на владејачката партија беа против својата влада, па новите мерки поминаа само затоа што ги подржаа пратениците на опозицијата, па без разлика што мерките не доживеа пораз, позицијата на Џонсон е растресена.

Особено што Џонсон претходно се посрамоти во еден друг случај. Кога прво бараше осуда, а потоа, се предомисли и беше против казнувањето на неговиот пратеник и екс министер за Северна Ирска, Овен Патерсон, затоа што ги прекршил правилата за лобирање. За разлика од САД, во Британија пратениците не смеат да се јават како лобисти и за тоа да земаат пари, а Патерсон за една таква работа има земено 100 илјади фунти.

На крајот овој пратеник поднесе оставка и го напушти Парламентот, а за неговото испразнето место, се одржаа вонредни избори во неговата изборна единица, кои како што велат лондонските аналитичари, се претворија во шлаканица за Џонсон.

Неговиот кандидат и кандидат на конзервативците уверливо загуби од кандидатот на треторангираната партија на Либералдемократите.

Пораз после 200 години!

Тоа, само по себе, не би требало да значи многу, кога се знае дека ториевците имаат големо мнозинство, но е тежок пораз затоа што конзервативците загубија едно од најстарите и најдолго бранетите ториевски избирачки места.

Речиси 200 години тоа го држеа конзервативците, а сега го загубија од кандидат со мал пратенички стаж и од партија која на ланските избори, во таа изборна единица, доживеа уверлив пораз.

Ваквиот пораз значеше казнување на Џонсон за сите промашувања и скандали, што пак го револтира партиското членство. Сега конзервативците сметаат дека лидерот треба да одговара за „правење журки и забави зад грбот на јавноста“, заборавајќи го своето досегашно арогантно однесување дека ништо не може да ги потресе.

Сега конзервативците се гневни на својот партиски лидер и премиер, па некои дури бараат и оставка и почнаа да ги бројат неговите пропусти. Од журката пред една година која може да се претвори во негов „Парти – гејт“, преку епидемиолошките мерки за кои опозицијата вели дека јавноста не ги сака, затоа што е погодена од тоа дека она што и се налага од владата, како обврска, не важи за луѓето во Даунинг стрит 10, па се до забошотената афера со непотребното адаптирање на службениот стан на премиерот, по неговата трета венчавка.

Адаптација со „сомнителни пари“

Велат дека адаптацијата и новиот мебел биле извршени со „сомнителни пари“ и тоа само затоа што третата сопруга на премиерот не го сакала мебелот што бил набавен пред две години за Тереза Меј.

Неколкуте такви скандали, предизвикаа пад на рејтингот на Џонсон, па сега 65 отсто од Британците не се согласува со тоа како ја води Конзервативната партија, но и државата. Посебно што се повеќе британски гласачи сметаат дека Брегзит не функционира. Или, едноставно, дека Британија „не требало да ја напушти ЕУ“.

Ниту економијата цвета, ниту миграцијата е помала, а ниту вработеноста (на домашните луѓе) е поголема од порано, па не е мал бројот на оние кои сметаат дека во догледно време – Британија можеби би требало да се врати во ЕУ.

Овие луѓе веруваат дека на тој начин земјата нема да биде во самоизолација, во постојан судир со Унијата, со која пријателски врски има само со еден Виктор Орбан, а во истовреме е целосно без никакво политичко влијание во остатокот на Европа.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе