Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Софискиот „Трудо“ меѓу Европа и Балканот

National Assembly of the Republic of Bulgaria, Yuli Krivoshiev, Petkov Government, CC0 1.0

Софискиот „Трудо“ меѓу Европа и Балканот

Бугарија, конечно, после 260 денови има избрана влада, која доби мандат во Парламентот да управува со земјата.

Ваквата разврска, по третите едно по друго вонредни избори, на кои никој немаше мнозинство да направи коалиција, или доволно поддршка за да ги собере околу себе другите партии – ги зарадува гласачите и јавноста во оваа најмалку развиена балканска држава – членка на ЕУ, но и земјите во регионот, како и Брисел.

И тоа, поради проблемите и кризата што во Западен Балкан и во Унијата ги предизвика долгото „безвластие“ и силно распалените националистички страсти. Велат – за да се прикрие кризата, корупцијата и пандемијата, како и за да се добијат гласовите на (се уште) силно националистички определените бугарски гласачи – барем кога станува збор за Македонија и за тоа кому таа му припаѓа.

„Шарена“ влада од „шарена револуција“

Владата во која премиер е Кирил Петков, наполно ново име на бугарската политичка сцена ја нарекуваат „шарена“ – поради нејзиниот крајно шарен состав, без малку како италијанската која е традиционално шаренолика, или повеќе како сегашната израелска, а и затоа што е произлезена од бугарската „шарена револуција“.

Во бугарската, коалицираат четири партии, што е прв таков случај во посткомунизмот и во неа се најдоа и менаџери школувани и дообразувани на Универзитетот во Харвард, во САД Продолжуваме со промените (ПП), конзервативци на десно – центристичките Бугарски демократи (БД), социјалисти, со силно обоено комунистичко минато (БСП) и популисти со националистички набој, затскриени зад „патриотизмот“ – како што се Има таков народ (ИТН).

Важно е само дека го нема Бојко Борисов, кој 12 години управуваше со својата партија ГЕРБ со Бугарија, иако освои над една петина од гласовите, за кого се вели дека дефинитивно ќе исчезне од политичката сцена – иако сакаше уште еден мандат, па дури и претседателска функција, по заминувањето од владата и од водството на некогаш проевропската партија која тој ја има создадено. Не стана ни премиер, а ни претседател.

Во режија на Румен Радев

Но, затоа со своето седење на две столчиња (малку Западот, а малку Истокот), со ароганцијата на домашната политичка сцена, распалената корупција, задушената транспарентност и (на крајот) неславното пропаѓање на еден претходно деклариран европеец, во стариот, добро познат бугарски национализам, зад кој не се сокриваат царистички територијални претензии кон Македонија – само му овозможи на старо – новиот претседател на државата Румен Радев да ја изведе „шарената револуција“ онака како што најмногу нему му одговара.

Практично, да ја компонира сегашната нова влада со свои луѓе – оние кои претходно веќе ги имаше определено за членови на техничката влада.

Така, на четири важни места во владата се доскорешните министри од техничката влада.

Петков е премиер, Асен Василев е министер за финансии, Бојко Рашков за внатрешни работи, а Стефан Јанев – долгогодишен советник на Радев и доскоро технички премиер. Токму претседателот ги соопшти и главните насоки на новата бугарска влада – прво, борбата со корупцијата, како и реформата на правосудниот систем – елементи кои се означени како први начела на договорот на кој се потпира актуелната четворна коалиција.

Влада на технократи

Јавноста, посебно онаа на која и здосади долгото владеење на гербовци, па бара модерен (европски) начин на водење на политиката, очекуваат од Петков и од неговиот другар и соосновач на ПП Василев, да дејствуваат вистински како технократи, какви што тие се, заменувајќи го досегашниот (кај гласачите) омилен стил на Борисов – со користењето на едноставниот јазик на комуникација, да се претставува како народски човек.

Со помош и на новиот стил на управување и комуникација, сега од новиот премиер се бара и темелна реформа на државниот апарат кој и натаму изгледа како оној, стариот, социјалистичкиот од времето на комунизмот.

Како и да е, само оваа коалиција можеше да создаде влада, без ГЕРБ и партијата ДПС (партијата на турското малцинство) кои досега беа сојузници и околу чие нетранспарентно управување и таквата политика, се случи „шарената револуција“. Уличните случувања, спретно ги водеше Радев, успевајќи во коалицијата да ја внесе и неговата социјалистичка партија, иако првично – ниту ИТН, а ниту либералите на БД, не сакаа да бидат заедно со БСП.

Сите аналитичари во Софија се согласуваат дека станува збор за една хетерогена (идеолошки) поставена коалиција, но кога станува збор за борбата со корупцијата, реформата на правосудството, кога е во прашање буџетот или пресметката со пандемијата – по што Бугарија е исто така последна во ЕУ – меѓу четирите партнери нема некоја голема разлика.

„Мост меѓу Борисов и Европа“

Критичарите и сега опозиционерите во ГЕРБ, меѓутоа, не веруваат дека владата може да опстане и како слаба алка се смета токму БСП и нејзината лидерка Корнелија Нинева. За неа се знае дека се сомнева во постоењето на Ковид (!?), а е министер за стопанство. Важи за силен и тврд националист, далеку од било какви европски стандарди, верува во постоењето на заговори и е противник на родниот феминизам.

Партнерите ги спојува само тргањето на ГЕРБ и ДПС од власта, што доколку остане единствениот сврзник за коалицијата, таа тешко дека ќе може да се одржи цел мандат – во наредните четири години.

Се смета дека таа е само како некаков мост меѓу времето на Борисов и новиот, европски, стил на управување. При тоа, силно му се верува на Петков како премиер, па тој популарно се означува како „бугарски Трудо“ – најмногу затоа што има живеено во Канада и како канадски државјанин се има вратено во Бугарија.

Тоа, меѓутоа, нема да му биде доволно за да ја европеизира земјата, на што инаку, постојано инсистира, која во финишот на владеењето на Борисов се врати на Балканот и се закопа во „балканштината“. Преку својот национализам, старо – новото кокетирање на Софија со Москва, покривајќи ја таквата дволичност со „историските врски“ и со големата енергетска зависност на Бугарија од Русија и рускиот гас.

Враќање кон Западот и НАТО

Има мислење дека токму под руски притисок се распали стариот национализам контра Македонија, се отвори „македонското прашање“, се удри по негацијата на македонската самобитност, а сето тоа за да се запрат „шарените“ и нивните протести на кои бараа промени.

Онака како што во комунистичко време, Софија со благослов на Москва, покренуваше националистичка кампања против Македонија, за да се казнува (во тоа време) Југославија, означена како „идеолошка закана“ за вистински комунистичкиот источен блок, во кој Бугарија беше најлојалниот советски сојузник.

Петков, сега, не ја вади од уста Европа, постојано инсистирајќи на лојалноста и врзаноста кон ЕУ, кон Западот и НАТО, пораки кои одамна не се слушнати од Софија.

Тој знае дека ЕУ и Брсиел одлагаат и ќе одлагаат и натаму со префрлањето на милијарда евра средства за санација од пандемијата, од специјалниот фонд на Унијата, кои неколку земји членки како Италија и Хрватска веќе ги имаат земено. Таква исплата нема за Бугарија, како што нема ниту за Унгарија и за Полска кои се имаат тешко грешено од правиката и прописите на ЕУ, околу владеењето на правото.

Петков ветува промена?

Едно од тие правила и стандарди, врз кои се потпира Унијата е и ликвидација на државно менаџираниот национализам, територијалните претензии и добрососедство – се она што Бугарија го прави за да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ. И тоа (во овој момент) само за да се почнат преговорите кои обично траат неколку години.

Сето Софија го прави покривајќи се со (наводната) заштита на своите национални интереси, а всушност, злоупотребувајќи го правото на вето. Уште и безобзирно удирајќи контра на Брисел и на Европската комисија, на ЕУ и на НАТО и САД и нивната стратегија за забрзано навлегување на Унијата во регионот, како брана од налетот на Русија и на Кина.

Кирил Петков (во интервју за „Фајненшл Тајмс“) дека неговата влада ќе прекине со опструкцијата кон Македонија и нејзината стратегија за приклучување кон ЕУ.

Не кажува кога, освен што веќе се знае дека тоа нема да биде на последниот Самит на лидерите на ЕУ во оваа година.

Се знае само дека 10 отсто бугарски граѓани подржуваат членство на Македонија во ЕУ, но затоа дури 70 отсто ја бранат непопустливоста на Софија кон „историските прашања“ и натаму верувајќи во тоа дека – Македонија е „бугарска земја, во која живеат само „Бугари“!

„Нов забрзан процес“

Новиот премиер, сега, нуди „нов процес” што би требало да биде брз и да трае најмногу шест месеци, со помошта на работни групи, во потрага по решенија за прашања за економијата, инфраструктурата, културата и образованието и историјата. Тоа би требало да значи дека нема да се тргнува од она што ги дели двете земји, како досега околу минатото, туку од она што може да ги поврзе и да ги врзе.

Португалија, на пример, како претседавачи на ЕУ до јуни 2021, изготви план кој Скопје го има подржано, но не и Софија, иако тоа е она на што Бугарија, од покренувањето на овој, во основа, небулозен спор, го бара.

Премиерот Петков за тоа не зборува, но неговото инсистирање за враќање на Бугарија на европската патека, се совпаѓа со француското претседателство со ЕУ, што почнува на 1 јануари, а кое ќе се одвива и во време кога канцелар во Германија не е повеќе Ангела Меркел.

Борисов и удри шлаканица, кога ја блокираше Македонија во текот на германското претседателство со ЕУ, откако таа во Европскиот Парламент најави дека „Македонија ќе го отвори преговарачкиот процес“.

Петков, овој пат, треба да покаже пред Макрон дека е навистина Европеец и дека ја подржи стратегијата на ЕУ кон Западен Балкан и таа за Македонија. Особено што токму Франција, на времето, најсилно лобираше во Брисел – Бугарија со Романија да станат членки на ЕУ.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе