Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нема обвинување за екс кралот Хуан Карлос

Нема обвинување за екс кралот Хуан Карлос

Швајцарското државно обвинителство нема да покрене обвинување против соработникот на бившиот шпански крал Хуан Карлос, кој беше осомничен во врска со сомнителната трансакција на над 100 милиони долари, што Саудиска Арабија му ги има испратено на екс кралот (како подарок) и на неговата некогашна љубовница – Корина Ларсон.

Нема никакво обвинување ниту за некогаш мошне популарниот шпански крал, но обвинителството во Женева ја казни швајцарската банка Мирабо, затоа што на Управата за борба против перењето пари, не ја пријавила милионската трансакцијата.

Банката ќе мора да плати казна и да ги плати сите судски трошоци, во вкупен износ, од 200 илјади швајцарски франци, затоа што тогаш на соопштила за постоењето на сметка на љубовницата на Карлос, инаку данско – германска бизнисменка, кај која (се вели) вљубениот крал ги префрлил добиените пари од Саудиска Арабија.

Сомнителна исплата од Саудиска Арабија

Обвинителството се има откажано и од истрагата што ја има отворено пред три години, против пет лица, сите осомничени за перење пари, заклучувајќи дека банката Мирабо не комуницирала на правилен начин со швајцарската Управа за борба против перењето пари.

Истрагата во Швајцарија беше покрената после пишувањето во шпанските медиуми и обвинувањата на некои луѓе кои претходно биле блиски до Карлос дека постои можност за незаконско исплатување на некои шпански компании, од што екс кралот би можел да има финансиска полза – односно дека и тој има земено мито..

За некои од исплатите што се споменуваа во весниците во Мадрид постеше сомневање дека се поврзани со провизии што биле исплаќани за проектот за изградба брза железничка линија меѓу Медина и Мека, две свети места во Саудиска Арабија.

Хуан Карлос не беше меѓу петмината осомничени за кои сега се вели дека нема да се прогонуваат.

Шпанците го сомничат Карлос

Целиот скандал тргна од 1 август во 2008 година, кога една шпанска истрага откри дека тогашниот крал има примено 100 милиони долари од саудиското министерство за финансии во Ријад, преку една фондација.

Станува збор за фондацијата Лукум, а обвинителите во Швајцарија се посомневаа дека користењето на фондацијата за да се земат тие пари, во еден толку висок износ, може да биде со намера да се „сокријат парите“. Сепак, истрагата не успеа да утврди и да докаже дека постои врска меѓу парите добиени од Саудиска Арабија и склучувањето на договорот за изградба на брза пруга.

Набргу после појавувањето на серијата текстови во кои се сомничи кралот, како и се даваат детали за неговата прељуба во врската со госпоѓата Ларсон, тој абдицираше во полза на својот син Фелипе, сегашниот шпански крал.

Преселба во Емиратите

Синот подоцна се откажа од наследството на било какви пари од таткото, а потоа и целосно ја затвори сметката за било какво користење, вклучувајќи и за хуманитарни цели, која можеше да го поврзе кралското семејство со веќе осомничената фондација.

Минатото лето, во екот на отворањето на истрагата за можна корупција, абдицираниот крал одлучи да ја напушти Шпанија – како што беше речено – за да не му создава дополнителни проблеми на синот, наследник на тронот – и се пресели во Обединетите Арапски Емирати, каде сега живее.

Тој, во ова меѓувреме, и исплати на шпанската држава, како неисплатен данок 4,4 милиони евра и полека станува заборавен од Шпанците, откако целосно беше дисквалификуван во јавноста. Упорно и порано и сега уверува дека е подготвен да помага и да соработува во истрагата.

Падот на популарниот монарх

Хуан Карлос, како наследник на династијата Бурбон, дојде на шпанскиот престол, веднаш по смртта на диктаторот Франциско Франко.

Токму генералисимусот Франко, кој владееше со земјата од после граѓанската војна, во триесеттите години на 20 век, одлучи да го постави Карлос за свој наследник, верувајќи дека кралството ќе ја одржи Шпанија онаква каква што тој ја имаше замислено.

Од 1975 година Карлос беше на престолот (заедно со својата сопруга, кралицата Софија, инаку грчка принцеза) се до неславниот морален пад и абдикацијата во 2014 година.

До тие моменти тој беше најпопуларниот европски монарх, особено по неговата силна поддршка на демократските промени во пост – франкистичка Шпанија и одбраната на демократијата при неуспемиот обид за пуч, со упадот на ултрадесничарите во шпанскиот Кортес (Парламентот).

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе