Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ни војна, ни мир на украинско-руската граница

reflextions/Depositphotos.com

Ни војна, ни мир на украинско-руската граница

Со недели трае напнатоста на границата која ги раздвојува Украина и Русија, откако Москва започна да полни границата со војска и со секакво вооружување и на секој начин да сугерира дека претстои руски напад, или можеби повеќе – инвазија врз украинската територија. Ако не на целата територија на земјата, тогаш на поголеми делови што би значело распарчување на Украина од која Русија веќе ги има земено и ставено под своја контрола полуостровот Крим и реонот на Донбас (Донецк и Луганск).

Над 175 илјади руски војници и околу 125 илјади украински се долж граничната линија, сместени во ровови. Русите – во исчекување да им биде дадена команда од Кремљ за напад, додека Украинците – чекајќи го нападот на непријателот, за кој веруваат дека е „неизбежен“.

Меѓусебни обвинувања

Во ова меѓувреме, постојано се зголемуваат тензиите меѓу Русија и Западот, проследени со некогашната студено – воена реторика од времето на поделена Европа и со меѓусебни обвинувања – кој прв почнал и кој е повеќе виновен за кризата која (инаку) трае 7,5 години, од руската анексија на Крим и воената интервенција во Источна Украина.

Западот ја обвинува Москва дека ситуацијата станува крајно вжештена, затоа што руската страна ја има покренато армијата со цел да се пресмета со Киев, затоа што Украинците во зимата 2013/2014 година се свртеа кон Западот, откажувајќи се од „историско – културолошките и политички врски“ што двете земји ги имаат низ минатите векови.

Русија, пак, за сегашнава криза ги обвинува Украинците и нивната намера – откако сега се повооружени од порано, имаат поквалитетна техника и нивните војници се пообучени од оние кои беа поразени во пролета пред седум години – на сила да ги врата назад отцепените Донецк и Луганск кои во изминатите години прогласија своја „народна република“.

САД се закануваат со тешки санкции

За смирувањето на напнатоста не помогна ниту неодамнешната, видео средба на американскиот и рускиот претседател – Џо Бајден и Владимир Путин. Впечатокот од средбата и после неколку денови не се менува – за тоа дека обајцата само се согласија дека не се согласуваат.

Бајден и се закани на Москва со санкции – „какви досега не се применети – доколку се нападне украинската територија, Путин, пак, бара од САД и од Западот гаранции дека НАТО нема да се шири понатаму на истокот од Европа, од она до каде е сега раширен. Или, се бара правно потврдена гаранција дека Украина (а тоа значи и Грузија, Молдавија и другите екс советски републики) нема да им се приклучат на Алијансата и на ЕУ.

Впечаток е дека Путин ја користи воената сила однесена на границата, како средство за ценкање со Западот околу украинските политички и стратешки амбиции. За нив Русите велат дека со Украина во НАТО, директно би била загрозена руската безбедност.

Не мал број странски аналитичари, сепак, не веруваат во уверувањата на Кремљ дека не се предвидува напад врз украинската територија. Особено што не се смалува жестината на заканувачката реторика од Москва.

Русија сака пазарлак

Самиот Путин често ги предводи таквите напади врз Киев, па неодамна ја оправдуваше окупацијата на Донбас, обвинувајќи ги Украинците за „геноцид“ врз населението кое зборува руски јазик и се чувствува како руско, во источна Украина. Таквото толкување, за кое се вели дека не е точно и дека е само изговор на Москва за да се оправда освојувањето на Донбас, како и да има основа за оправдување на нападот врз Украина. Наводно, за да се заштити локалното руско население и „оние кои сакаат да живеат во Русија“.

Тоа беше и се уште е објаснувањето за воената интервенција во Украина, во 2014 година.

НАТО од своја страна на неколкупати предупреди дека Алијансата нема да ја остави Украина сама во оваа криза, но во исовреме испраќа и порака дека ситуацијата може да се разреши со дипломатски средства. Американски и НАТО авиони, сега, го надлетуваат Црно море, на кое излегуваат три земји членки на Алијансата, патолирајќи во регионот и надгледувајќи ги движењата на Русите, Меѓутоа, Вашингтон порача дека САД не размислуваат за тоа да испратат свои војници – за да ја бранат Украина.

Во таков тон, се тврди дека поминала и последната средба Бајден – Путин. Според советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен, сепак, немало никакво заканување на Самитот, а ниту тонот бил кавгаџиски. Се вели дека Бајден ги соопштил позициите на САД и сугерирал како да се надмине сегашната состојба.

Напад во почетокот од 2022?

Пораката била дека ќе уследат остри економски санкции. „Она што не го направивме во 2014 година, сега сме спремни да го направиме“ – му рекол Бајден на рускиот претседател, објаснувајќи ја реакцијата на Вашингтон доколку уследи интервенција врз Украина.

Според позицијата на руската војска на граничната линија, добиена од сателитските снимки, јасно е дека станува збор за голема концентрација на воена сила која се подготвува за напад. Белата куќа. сепак, смета дека Путин се уште нема донесено таква одлука, иако воени аналитичари на Западот сметаат дека таа би можела да уследи на почетокот на следната година, кога се верува дека условите за војување (за руските војници) тогаш би биле најповолни.

Освен острите санкции, како блокада на руските средства во американските и во западните банки, Западот се подготвува на Украина да и испорача и да и дава дополнително вооружување и разна друга воена опрема, покрај она што на Киев веќе му е дадено. НАТО сојузниците, од источното крило на Алијансата, своја страна, ќе бидат дополнително зајакнати – за да одговорат на руската интервенција биде уште посилен.

Втора опција – деескалација

Другата опција, која стои на располагање и пред двете страни се дипломатијата и деескалацијата на кризата. Во тој случај, САД и западните сојузници би се вклучиле во широка дебата за стратегијата, врзана за Русија и за руските стратешки цели, но и за сите стравувања на Москва.

Официјален Кремљ потврди дека Путин и американскиот претседател главно разговарале за ситуацијата во и околу Украина.

И во Москва велат дека Американците ја обвинуваат Русија, додека руската страна му порачала на Бајден дека “во сето тоа нема руска одговорност“. Односно дека кризата е „резултат на опасните обиди на НАТО да ја освои украинската територија и да изгради воени потенцијали близу до границата со Русија“.

Она што сега го бара Москва, отприлика, е она што го има побарано СССР, на времето, по избувнувањето на кубанската ракетна криза во 1962 година. Тогаш пазарлакот беше – Москва да ги тргне ракетите од Куба, што беа насочени кон САД, а за возврат, Западот да ги повлече своите ракети во Турција, што на крајот, така и се случи.

Гаранции за откажување од НАТО/ЕУ

Овој пат, руската страна, бара гаранции дека Украина нема да стане дел од НАТО/ЕУ. Во барањата што Путин ги има споменато, станало збор и за прекинување со разместувањето на офанзивно оружје во земјите што се наоѓаат во руско соседство.

Правни експерти објаснуваат дека гаранции, какви бара Путин, едноставно, САД и НАТО не може да му испорачаат, во името на Украина.

Станува збор за изразена волја на Украинците (на Грузинците, исто така) кои иако до пред 30 години беа дел од земјите на екс СССР, сега сакаат да живеат во услови на западната демократија, а со Москва да ги врзуваат само билатералните односи, врз принципите на добрососедството и на взаемното почитување.

Од друга страна, паѓа во очи дека во понудениот пазарлак не се знае – што Русија нуди за возврат. Наместо тоа, се повторува заканата дека ќе има интервенција ако Западот ја мине „црвената линија“ што руската страна ја има повлечено.

Таа линија значи дека – “Западот нема што да бара на Истокот, во зона која за Москва била и останува само руска“. Или дека, Советскиот Сојуз го нема, но неговите поранешни републики – сега сите независни држави – мора да останат во руската геополитичка сфера – врзани за Москва.

Секако, освен Балтичките земји за кои Борис Елцин, на времето, дозволи да си заминат од замислениот и исцртан “руски двор“.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе