Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Ходорковски: Србија соработува со ФСБ против руските опозиционери

motioncenter/Depositphotos.com

Ходорковски: Србија соработува со ФСБ против руските опозиционери

Поранешниот руски олигарх и „нафташ“ кој падна во немилост кај власта, па беше повеќе години во затвор, Михаил Ходорковски – ги обвини Србија и нејзината тајна служба БИА дека соработува со руската разузнавачка агенција ФСБ, во борбата на Русија против сопствените опозициски активисти.

Се споменува случај од оваа година кога српската Безбедносно информативна агенција (БИА) ги прислушувала разговорите на руските опозиционери во Белград и потоа, транскриптот од снимените разговори, им ги предала на руските безбедносни власти кои набргу потоа уапсиле еден од прислушуваните активисти.

Тајна соработка

„Српската тајна полиција се откри дека тајно соработува со руската ФСБ и тајно ги снима разговорите на руските активисти, а потоа и ги предава на руската страна. Историјата не учи, а Хаг чека…“ – има напишано на Твитер, Ходорковски кој сега живее во странство, откако беше пуштен од затвор, после долгиот и силен меѓународен притисок врз руските власти, по што му беше дозволено да замине од Русија.

Гневот и цинизмот на Ходорковски се однесува на апсењето на рускиот опозиционер Андреј Пивоваров во Сенкт Петербург, каде оперативците на ФСБ го имаат извлечено од авионот во кој се сместил, подготвувајќи се за лет до Варшава.

Тој е еден од лидерите на невладината организација Open Russia (Отворена Русија) која, како и цела низа вакви неполитички и продемократски НВО, се забранети, или се под строга контрола од руските власти, обвинети дека се „странски агенти“ или пак дека им „служат на западните интереси“.

Пивоваров бил во Белград заедно со еден друг продемократски активист, Владимир Кара – Мурза кој исто така важи за критичен кон Кремљ и актуелната реалност во Русија. Во српскиот главен град имале состанок, но белградски независни медиуми тврдат дека нивната средба била надгледувана од српската тајна служба која го има снимено целиот нивни разговор.

Апсење на опозиционерот Пивоваров

Мошне брзо по нивниот состанок Пивоваров бил уапсен и сега го очекува затворска казна од барем шест години, за “учество во работата на непожелна организација“ – за каква се означува Отворена Русија.

Веста за апсењето го има објавено и раширени низ светот токму Кара – Мурза кој притоа го обвинува рускиот претседател Владимир Путин и го споредува со белорускиот автократ Александар Лукашенко, нарекувајќи ги двајцата како „браќа – близнаци“.

Владимир Кара – Мурза во посебно соопштение и самиот остро го осудува однесувањето на српските власти и сознанието дека неговиот разговор со Пивоваров бил прислушуван.

„Трогателна е подготвеноста на српските власти да седнат на задните нозе (како кученце) пред големиот брат од Кремљ” – има запишано на социјалните мрежи овој опозициски активист. А, за Пивоваров, сега, само се знае дека е во затвор, под строг надзор и дека со него никој нема никаков контакт.

Целата руска демократска јавност, се тврди дека била згрозена од сознанието дека српската тајна служба соработувала со руската во „ловот“ руските опозициски активисти.

Спречување на протестите

Во Белград, меѓутоа, за целиот случај малку се зборува, како што и малкумина имаат разбрано за острата реакција на прислушуваните. Освен што српските власти уште пред да се огласи Ходорковски, ги демантирале обвинувањата дека Србија и Русија имаат таен договор за борба со руската опозиција и дека БИА прислушкува за потребите на руската тајна служба. Единственото објаснување е дека двете страни се имаат договорено само за „безбедносна соработка“.

Независни белградски медиуми, сепак, изнесуваат поинаква верзија за сите овие случувања.

Според овие наводи, српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, кој важи за човек близок на Москва, во мај оваа година се има сретнато со секретарот на руската државна безбедност Николај Патрушев. Повикувајќи се на неидентификувани извори, овие медиуми ја потврдуваат верзијата дека Вулин на Патрушев му предал снимка од прислушуваните и снимени разговори на руските опозиционери.

Сега се открива дека двете земји, претходно, имале формирано заедничка група за борба против „шарените револуции“ (и во двете земји) со цел да се спречат и да се задушат масовни протести на граѓаните. Се смета дека ова тело треба да ги надзира опозициските лидери и нивните активности, потоа независните медиуми, како и разните НВО.

Против НВО и независните медиуми

Таквата заедничка активност се заснова врз констатацијата и на руската, но и на српската страна дека „шарените“ се “инструмент на политиката на определени центри на моќ, за да може да се повредува државноста на земјите и нивната сувереност, во името на демократијата“.

Станува збор за типична руска формулација зад која се крие обвинувањето кон Западот, кон западните тајни служби и пред се САД, како и разните богати филантропи кои ги финансираат демократските процеси низ светот, во земји каде демократијата и човековите права и слободи се загрозени.

Кога станува збор за (наводно) загрозената државност и суверенитет, во Москва се мисли на земјите со силни авторитарни режими, каде обично нема вистинска демократија, или воопшто ја нема – како Белорусија и Русија, на пример. Затоа и Белград и Москва (како што се посочува во некои текстови на белградски независни медиуми) се согласиле дека “слободните земји“ мора да се спротивставуваат на ваквите појави и состојби во своите средини.

После острата реакција на Ходорковски и на Кара – Мурза и осудата на однесувањето на Белград, станува појасно што содржи безбедносната руско – српска соработка. Велат дека тоа е „спречување на протестите, следење на активноста на опозицијата, на НВО и на независните медиуми“.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе