Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Сеп Блатер: СП во Катар е голема грешка

rarrarorro/Depositphotos.com

Сеп Блатер: СП во Катар е голема грешка

Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер изјави дека одлуката за тоа домаќин на Светското првенство во фудбал, во следната 2022 година, да биде малиот, но богат со нафта и гас Катар, е голема грешка. Во интервју за францускиот весник „Монд“, за ваквото решение Блатер го обвинува поранешниот претседател на УЕФА и некогашна ѕвезда на францускиот фудбал, Мишел Платини.

„Без интервенцијата на Никола Саркози, тогашен претседател на Франција, кај Платини, Катар никогаш немаше да ја добие организацијата на Светското првенство“ – рекол поранешниот прв човек на Меѓународната фудбалска организација, додавајќи притоа дека „станува збор за прв случај – една политичка интервенција да влијае за менување на фудбалска одлука.

Средба во Елисејската палата

Блатер се повикува на средбата на Платини со Саркози, во Елисејската палата во Париз, на 23 ноември 2010 година, на која присуствувал и сегашниот емир на Катар Тамим бин Хамад.

Само десет денови подоцна, на 2 декември, на состанок на ФИФА, СП во 2018 година и беше доделено на Русија, додека, следното, во 2022 на Катар – земја без фудбалска традиција и без пристојни фудбалски терени и стадиони.

Ваквото решение, пред 11 години, предизвика вчудовиденост во светскиот фудбал. Особено, што за домаќин за првенството во 2018 година, главен фаворит беше Англија, додека за тоа, четири години подоцна, сите очекуваа организацијата на првенството да ја добие САД.

Веднаш по ваквите одлуки на „Куќата на фудбалот во Цирих“ – британските и американските медиуми покренаа истрага, а подоцна тврдеа дека за двете вакви одлуки биле дадени пари – како поткуп пред гласањето – но, таквите тврдења не беа докажани.

Во секој случај, гласањето покрена истрага за финанското работење во ФИФА, како и за гласините дека организацијата подолго време е „заробена во корупција“, па низа долгогодишни функционери беа обвинети и тргнати од фудбалскиот спорт.

Демант на Платини

И Блатер и Платини беа осомничени, а обајцата сега се обвинети од швајцарските власти за исплатата на еден стар хонорар на Платини, уште пред да ја преземе УЕФА, што ја одобрил Сеп Блатер.

За можноста дека одлуката за Катар била „купена со пари“ – Блатер за парискиот весник рекол дека „кога се одлучува за доделување на организација на едно СП, можно е да се вртат пари, а нешто од тоа да се најде и во приватни џепови“.

Но, за катарската номинација тврди дека се стекнала со мнозинство, откако за оваа мала арапска земја, во Персискиот залив гласале Платини и уште тројца други функционери на ФИФА. За себе, Блатер вели дека тогаш гласал за САД. Сега вели дека одлуката за Катар била грешка – како од општествена, така и од климатска гледна точка.

Мишел Платини во писмо до весникот „Монд“ ги отфрла сите овие обвинувања.

„Станува збор за омраза, за клевета и за злоба. Веќе пет години Блатер зборува за овие лажни тврдења, без никаква основа. Ништо од ова не е вистина“ – рекол Платини.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе