Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Вилијам Хејг: НАТО трупи итно во Брчко и Тузла

Wirestock/Depositphotos.com

Вилијам Хејг: НАТО трупи итно во Брчко и Тузла

Поранешниот британски министер за надворешни работи Вилијам Хејг кој едно време беше и лидер на британските конзервативци, изјави дека ситуацијата во БиХ е мошне сериозна, па дека затоа е потребно НАТО итно да испрати трупи во оваа земја, кои би се распоредиле во реонот на Источна Босна, кај градот Брчко и на аеродромот во Тузла.

Според него, ситуацијата во БиХ постојано се влошува, низ речиси секојдневните тензии кои, доколку се остават да се развиваат, може да ја внесат Европа во сериозна криза.

Во авторски текст за лондонски „Тајмс“ Хејг се осврнува на сегашната состојба во односите на ЕУ и на европските земји со Русија и притоа и забележува на Унијата дека го има запоставено Западен Балкан.

Русија го дестабилизира регионот

Овој угледен британски ториевец предупредува на постојаните закани од Москва, забележувајќи дека додека Западот може да најде одговор на руското насилно однесување, тоа не може да го стори за регионот на Западен Балкан. Овој дел од континентот е клучен за Западот и затоа мора да се спречат сите настојувања за нарушувањето на неговата стабилност.

“Историјата укажува дека многу пати досега, ние (Западот) ја игнориравме заканата што доаѓа од Балканот, а таму во 1914 година започна најкрвавата војна во историјата (Првата светска), а регионот беше поприште и на крвавите воени судирања во деведесеттите години на 20 век, најстрашните воени случувања по крајот на Втората светска војна.

А, токму тука Русија сега се обидува да ги попречува аспирациите на милиони луѓе да живеат во стабилност и во западно ориентирани држави„- вели Хејг.

Тој потсетува на обидот на Москва да изведе пуч во Црна Гора (во октомври 2016). Потоа, зборува за (кај нас од некои, минимизираното) мешање на Русија во време на референдумското изјаснување околу историскиот Преспански договор- во Република Северна Македонија, но и околу неговата ратификација во Грција, како и на интензивирањето на притисокот врз политичкиот и врз економскиот живот во Србија.

Брисел и Лондон не треба да чекаат

На сето тоа, според Британецот, Европа реагираше како што не треба- ЕУ ги затвори вратите за натамошното ширење на Унијата со нови членки. Во исто време, Британија после Брегзит, а како последица на напуштањето на ЕУ, целосно го загуби своето влијание во земјите од Западен Балкан.

Затоа Хејг смета дека не само ЕУ, туку и Британија, не ќе може и понатаму да се луксузираат, запоставувајќи ја сегашната состојба во овој регион.

„Милорад Додик ја поткопува стабилноста на државата БиХ, веќе со години на ред. Сега, меѓутоа, тоа го прави со силна поддршка од Русија и од Србија.

За официјална Москва ова е можност да ги блокира евро-атланските интеграции на БиХ и да може и оваа земја да се претвори во уште една Украина, Грузија и Молдавија, во земја која не ќе може да стане членка на Алијансата, или дури и воопшто да функционира како секоја друга нормална држава“- вели Хејг.

Заканите со сецесија на Додик

Колку за потсетување, тоа веќе им се случи на овие три екс советски републики, со интервенцијата и анексијата на Крим, со „замрзнатата“ воена ситуација во Донбас (во Украина), со сецесијата на Абхазија и Јужна Осетија (од Грузија), или со практичната окупација на Придњестровје (во Молдавија).

Во БиХ ситуацијата максимално се усложни, откако Додик (српски член во босанското Претседателство) и неприкосновен лидер на српската енклава Република Српска, најави формирање посебна српска војска во рамките на државата БиХ, форсирајќи сецесија на енклавата. А, тоа е „онаа војска која беше виновна за геноцидот во Сребреница“.

Овој босански политичар настојува да ја искористи слабоста на Западот за да се интензивира кризата во и околу државата, што би предизвикало ново исцртување граници и создавање територија која потоа би можело да се анектира од Србија.

Хејг, затоа, бара итно да се реагира и смета дека сега е моментот да се дејствува, затоа се она што го прави и го зборува Додик значи провокација и спротивставување на Дејтонскиот договор.

Санкции за поткопување на Дејтон

Овој поранешен министер, смета дека сегашниот шеф на дипломатијата во Лондон Лиз Трас ќе треба да го покрене прашањето за покренување и за вклучување на НАТО во сегашната криза во БиХ, на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата , во Рига, идниот месец, но Хејг инсистира да не се чека и дека некои работи се потребни да се направат уште веднаш.

Поранешниот шеф на Форин Офисот бара Британија и ЕУ да воведат санкции за сите кои го поткопуваат Дејтонскиот договор.

Втора работа би требало да биде Западот да ја реафирмира поддршката на високиот меѓународен претставник во БиХ и над се, поддршката на неговиот легитимитет во заштитата на територијалниот интегритет на Босна, што инаку, Додик заедно со Русија, постојано го негира.

Конечно, заговара префрлање на силите на НАТО, наместо сегашните нејаки европски сили (ЕУФОР).

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе