Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Мизерни услови за Виетнамците во кинеска фирма во Србија

ChinaImages/Depositphotos.com

Мизерни услови за Виетнамците во кинеска фирма во Србија

Виетнамците кои работат во Србија за една кинеска фирма, почнаа штрајк, тврдејќи дека се измамени и намамени, за да дојдат, а дека сега работат и живеат во мизерни услови, сосема недостојни за луѓето во 21 век, уште и на тлото од Европа.

Еден од штрајкувачите за агенцијата АФП има изјавено дека пред да тргне за Србија, бил уверуван дека ќе работи за германска компанија која (наводно) гради фабрика на српска територија. Но, наместо тоа, кога тој и другите пристигнале разбрале дека нивни работодавачи се Кинези, дека компанијата е кинеска, а дека работните услови за виетнамските работници се ужасни.

Без струја, греење и топла вода

Виетнамците се ангажирани на градилиштето на идната (кинеска) фабрика за гуми „Линглонг“ која се гради во близината на градот Зрењанин (во покраината Војводина), но сега се жалат дека работодавачот нема исполнето ништо од она што им било ветувано, пред да тргнат на пат од Виетнам.

„Живееме како да сме во затвор, Ни ги одзедоа нашите пасоши, веднаш по пристигнувањето“- се жалеле овие луѓе во разговорот со репортер на француската агенција.

Сепак, најголемиот дел од нив, иако штрајкуваат, одбиваат да зборуваат за медиумите- како за српските, така и за странските. Дури од скоро, на градилиштето и во делот каде се сместени овие странски работници, инвеститорот има доведено приватно обезбедување кое не дозволува никаков пристап од надвор, а посебно не присуство на новинарски екипи.

Разни српски и европски организации за човекови права и за заштита на правата на работниците бараат од владата во Белград да интервенира кај кинеската компанија, затоа што Виетнамците живеат без греење и без струја, без топла вода- без елементарни услови за живот. Дури до градилиштето нема никакви пристапни патишта, а просториите каде спијат и се хранат, не се поврзани со никаква канализација.

„Линглонг“ ја префрла вината

Работите се отидени до таму што за случајот на виетнамските работници реагирал и Европскиот Парламент, а пратеничката од Германија Виола фон Крамон, го осудила однесувањето на Србија и на тамошните власти.

„Несфатливо е, земја која е кандидат за влез во ЕУ да толерира на своја територија и да молчи за случајот со присилна работа среде Европа“- има речено оваа европратеничка, зборувајќи за ситуацијата со виетнамските работници, ангажирани на една кинеска инвестиција на српската територија.

Компанијата „Линглонг“ се вади дека Виетнамците не се официјално ангажирани и вработени од неа, туку од еден кинески субконтрактор кој требало да води сметка за луѓето. Европски медиуми пишуваат дека е многу веројатно дека во случајот со фабриката крај Зрењанин станува збор за шверц на луѓе и на работна сила од Азија.

Но, виетнамските власти, веројатно, не сакајќи да се замерат со Кина која им е во соседство и со која веќе имаат друг тип проблеми, одбиваат да ги коментираат случувањата на кинеското градилиште во Србија. Претставник на министерството за надворешни работи, во изјава за АФП, рекол дека властите во Ханој немаат сознанија за било какви проблеми на нивни државјани, ниту пак некој се пожалил за својата ситуација.

Незаинтересираност на Белград

Слична е и реакцијата на владата во Белград. Премиерот Ана Брнабиќ има речено дека „инцидентот за кој се зборува може да е дел од заговорот против присуството на Кина во Србија“.

А, Кина е силно присутна на српскиот инвестициски пазар, не толку со некакви директни свои инвестициски проекти, туку многу повеќе со давање државни заеми и кредити на Србија, со многу повисоки камати од оние на ЕУ.

Кинеските фирми, најчесто, ги откупуваат старите српски суровински капацитети, а потоа ги ревитализираат за своите потреби. Притоа, тие не водат никаква сметка за било какви работнички права, за екологијата и за еколошките стандарди, ниту пак за загадувањето.

На ова постојано предупредуваат српските независни медиуми и разните еколошки здруженија, укажувајќи дека одделни делови од земјата се еколошки целосно уништени.

Коруптивни милијарди

На Србија и се преку потребни пари и кеш, па кинеското навлегување низ кредитите и со некоја инвестиција, не само што не му пречат на Белград, туку властите и ги поттикнуваат и тоа во време кога односите на Кина и ЕУ се нарушени, а Истокот и Западот „војуваат“ за влијание на Балканот.

Владата во Белград, затоа, постојано се обвинува дека му дозволува на Пекинг да се однесува како да е дома, дозволувајќи му да има слободно раце за да прави што сака.

Кина последниве години има вложено (доделени милијарди евра кредити) во Србија и во регионот, во српското соседство, а пред се во Унгарија, за да преку овој дел на континентот, по малку запоставен од ЕУ и од САД, се инфилтрира во земјите на Унијата од Средна Европа.

Се повеќе мешајќи се и во политиката на овие земји (внатрешна и надворешна) и добивајќи ги зделките со помош на корупција- со давање мито на корумпираните балкански политичари.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе