Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Ова не е крај на АББА”?

Pereira, Fernando / Anefo, ABBA Rotterdam 1979, CC BY-SA 3.0 NL

„Ова не е крај на АББА”?

Анифрид Лингстад, една од двете пејачки на прославената шведска група АББА изјави дека не би требало да се биде сигурен дека појавувањето на новиот албум, значи и конечно заминување и крај на бендот.

Пејачката која е позната како Фрида, едноставно, одбива да се согласи дека нивниот најнов албум „Voyage”, кој се појави после пауза од 40 години е последен и дека тоа е последното нешто што оваа шведска четворка го има направено – пред конечното повлекување.

Во интервју за радио Би – Би – Си, Анифрид (75) има речено дека „никогаш не треба да се рече никогаш повеќе“, признавајќи дека повторното влегување во студиото во Шведска, после толку многу години, заедно со другата пејачка од бендот Агнета Фалтског, за неа било како „враќање дома за да се забавува со помладата сестра“.

Нема договор што понатаму

Албумот кој се појави на 5 ноември добива различни оценки од музичките критичари, но тој во секој случај, до крајот од неделата, ќе се искачи како број еден на британската топ листа на албуми. Тоа, во оваа година, ќе биде најбрзо продаваниот албум.

Иако машките во АББА барале од Анифрид и Агнета да не даваат интервјуа за медиумите, барем пред албумот да се појави, Фрида се огласи со ретко свое интервју за Би – Би – Си во кое ја остава отворена можноста дека групата се уште го нема кажано последниот збор!

Таа се согласува со фронтменот Бени Андерсон дека АББА не мора ништо повеќе да докажува на музичката сцена. Вели дека овој проект е направен од „чисто задоволство и од забава“, откривајќи дека работејќи на него сите се чувствувале добро. Особено, што луѓето го имаат прифатено, па вкупниот впечаток е навистина прекрасен.

„Сакавме на почетокот да направиме нешто ново за планираниот виртуелен концерт, покрај нашите познати хитови. Така и се започна. После првите две нумери решивме тоа да се прошири со уште други осум, па така настана цел албум“ – раскажува Анифрид.

„Лебедова песна“

Затоа, таа сега вели дека била изненадена од изјавата на Бени дека после овој проект, АББА, најпосле ќе престане да постои, тврдејќи дека целата група, за тоа, никогаш нема зборувано. Таа, сепак, се согласува дека не би било чудно да се растурат, со оглед на нивните подминати години.

Нејзината реакција доаѓа по изјавата на Бени Андерсон дека албумот „Voyage” претставува „лебедова песна“ на групата.

При тоа рекол дека не сака повеќе да прави песни за АББА и дека со него се согласува и Бјорн Улваеус. Обајцата признаваат дека за тоа не разговарале со двете пејачки. „Ние сме четворка, па ако тие притиснат, или сите се согласиме дека се уште не е се готово, може да се појави уште еден албум. Не се знае.“ – има речено Улваесус.

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе