Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Војна“ на Лукашенко против ЕУ со мигрантите

Omstudio/Depositphotos.com

„Војна“ на Лукашенко против ЕУ со мигрантите

Белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој важи за последниот вистински диктатор во Европа, води своевидна „војна“ со ЕУ, користејќи ги како „оружје“ и како своја заштита мигрантите од земји на Блискиот Исток и Азија. Станува збор за неколку илјади лица, главно млади, но и за жени со деца и за постари луѓе кои намамени со лажни ветувања, тргнале на опасното патување за „лесен (илегален) влез“ во Унијата.

Таквата политика трае веќе неколку месеци, а особено е интензивирана од октомври, од кога режимот во Минск, практично, го координира напливот на мигранти на неговата граница со ЕУ, атакувајќи врз границата со Полска, како и со двете балтички држави – Летонија и Литванија кои се граничат со Белорусија, настојувајќи создавање криза во регионот.

Москва стои зад кризата?

Во Брисел се верува дека Москва стои зад ваквата политика на белорускиот диктатор кој ја има руската безгранична поддршка.

За постоењето криза на границата и воопшто за креирање криза во земјите од Унијата силно е заинтересирана Русија. Земјата на претседателот Владимир Путин веќе подолго време и самата води војна со ЕУ и прави се што може да се направи, за да се дестабилизира Унијата, за да се поремети нејзиното единство и за да се спречи стратегијата за ширење на ЕУ кон Западен Балкан, што настојува да го претвори во свој „плац – дарм“ против Европа.

Европската комисија, НАТО и САД веќе го осудија однесувањето на Белорусија, додека полскиот премиер Матеуш Моравјецки директно ги обвини Русија и Путин дека стојат зад кризата на белоруско – полската граница и дека таа е смислена и се креира во Москва.

Лукашенко е близок руски сојузник, но и лично близок со рускиот претседател. Официјална Москва постојано продолжува да ја заштитува Белорусија, онаква каква е сега, а рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, во својот стил – цинично му препорачува на Брисел да и помогне во „кризата со мигрантите, како што тоа го прави со другите земји“.

Донесени на граница и оставени

Најтешка е ситуацијата на границата со Полска, во реонот на главниот граничен премин со Белорусија, кај местото Кузница. Околу две илјади мигранти се вистински заглавени без храна и вода, без помош и без можност да тргнат на било која страна, во време кога таму ноќните температури веќе се спуштаат под нулата.

Видео снимки покажуваат како луѓе од белоруската страна, вооружени со ножици за сечење жица, се обидуваат да ја сечат бодликавата жичана ограда, поставена од полската страна, за да навлезат илегално на полската територија и на територијата на ЕУ. Полските безбедносни сили на тоа одговараат со солзавец и со забрзано градење на висока ограда долж границата – за да се спречи наплив на мигрантите.

Некои од нив се агресивни и подготвени за пресметка со полската гранична полиција, а владата во Варшава смета дека се настојува да се испровоцира поголема криза и да се направи дестабилизација на земјата. Според премиерот Моравјецки режимот на Лукашенко намерно пропушта мигрантите преку Белорусија да навлегуваат во ЕУ.

Гангстерска политика

„Ова е нов тип на војна во која луѓето се користат како човечки штит и како заштита во една сомнителна игра за креирање хаос во Унијата.

За прв пат во изминатите 30 години, полската граница е брутално нападната, па таму се испратени дополнителни воени сили, предупредени на можноста и од вооружени гранични инцидент“ – има речено полскиот премиер во текот на вонредната дебата во полскиот Сејм (Парламентот).

Европската комисија остро ја осудува политиката на Минск, обвинувајќи го Лукашенко дека „свесно ги намамува мигрантите, давајќи им брзо и лесно влезни визи во Белорусија, со ЛАЖНИ ВЕТУВАЊА дека лесно ќе може да се префрлат во ЕУ„. Претставник на Комисијата во Брисел ја оквалификува ваквата политика како “КРАЈНО НЕХУМАНА И ГАНГСТЕРСКА“.

А, таа е смислена и се прави само како одмазда на диктаторот кон Унијата поради воведените санкции кон него и неговата земји.

Тие се донесени поради фалсификуваните изборни резултати на претседателските избори во август 2020 година, кога Лукашенко по шести пат се прогласи за претседател, по што уследи брутална репресија на власта врз мирните демонстранти кои се бараа нови избори и оставка на диктаторот кој 41 година владее со земјата.

Страв од вооружен инцидент

Дополнителни санкции уследија откако Лукашено нареди присилно атерирање на авион на европска компанија додека ја прелетуваше белоруската територија, за да уапси еден анти – режимски активист.

По пристигнувањето во Белорусија, последната затворена за странци држава во Европа, мигрантите, најмногу изгледа се Ирачани, белоруските власти ги туркаат кон границата – најмногу на онаа со Полска, за да од таму влезат во ЕУ.

Според признание на некои од мигрантите, Белорусите им ги одземаат мобилните телефони за да не може да комуницираат со никого и за да не може да снимаат и ги оставаат во пограничната зона – не дозволувајќи им да се вратат назад.

Европски безбедносни експерти сметаат дека Минск сака да испровоцира поголем инцидент – со оружје – во кој би имало и човечки жртви.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе