Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Полска: Бремени умираат поради забранет абортус

lenaivanova/Depositphotos.com

Полска: Бремени умираат поради забранет абортус

Илјадници Полјаци демонстрираа во Варшава и во уште 8о други градови, против, речиси, целосно забранетиот абортус, оддавајќи и притоа почит и на Полјачката, која во септември почина во една полска државна болница од – септички шок – предизвикан од лекарите, исплашени од тоа да бидат казнети поради непочитувањето на новиот анти – абортус закон.

Станува збор за трагичен инцидент во полскиот град Псчиња, каде локалните лекари – не водејќи сметка за здравјето и за животот на мајката – не извршиле абортус, иако тоа требало итно да се направи – држејќи се за одредбите на законот – според кој не може да се изврши абортус се додека се слуша чукањето на срцето на фетусот!

Уставниот суд под партиска контрола

Гневните демонстранти носеа транспаренти – „Нејзиното срце се уште чукаше“, или „Таа се уште ќе беше жива“, или пак, најчесто, „Правата на жените се човекови права“ – заедно со големи фотографии со ликот на несреќната 30 годишна жена.

Според полската вистински демократска и либерална јавност, таа е првата жртва на законот, што минатата година беше потврден и од Уставниот суд на Полска, иако е апсурден и крајно нехуман за денешна Европа и за времето на 21 век.

А, уставните судии кои сега, со антиевропските правни реформи, се ставени под партиска контрола на владејачката, конзервативна, десничарска и клерикална партија Право и Правда, се согласија со одредбите од законот според кои вештачки прекин на бременоста лекарите може да направат само доколку плодот во телото на мајката е деформиран, или тешко оштетен.

Исплашени лекари

Демонстрантите остро ги осудуваат полската влада, што воопшто има предложено, а Парламентот што усвои еден ваков закон со кој се дозволени само две причини за легален абортус – силување, или инцест, односно кога е загрозен животот на бремената жена.

Но, посебно се гневни на Уставниот суд и на неговите членови кои го прогласија законот за уставен и дозволија тој да стапи во сила.

Токму таквите сурови одредби на законот ги натерале лекарите во болницата да чекаат со абортусот, до последниот момент – за да видат дали во настанатата ситуација прво ќе умре плодот – фетусот кај мајката – наместо да ја спасуваат несреќната бремена жена – стравувајќи дека ако не го почитуваат законот ќе завршат во затвор.

„После пресудата на Уставниот суд, кој е ставен под патронат на лидерот на партијата Право и Правда Јарослав Качински, државниот тужител, а не лекарите водат грижа за бременоста. Лекар во Полска кој би сакал да го спасува животот на бремена жена, кога ќе настапат компликации, мора прво да размислува дали ако го направи тоа на што го обврзува професијата и лекарската етика, нема да биде пратен во затвор. А, тоа го покажа случајот на несреќната Изабела“ – зборувале лидерите на демонстрациите и на полската опозиција.

Владата против демонстрантите

Не случајно, во Варшава демонстрантите ги имаат почнато протестите пред зградата на Уставниот суд, уверени дека доколку овој суд беше независен, не ќе можеше да донесе одлука и да прифати како уставен еден ваков закон за абортус.

Луѓето во големата поворка гласно ги обвинувале уставните судии за ваквата ситуација во земјата, во која бремени жени почнаа да умираат поради забраната на абортус.

Остри повици со осуда и несогласување биле изразени и пред една црква – полската католичка црква е една од најконзервативните во Европа и во светот – како и пред претседателската палата и министерството за правда.

Премиерот Матеуш Моравјецки кој постојани војува со ЕУ и со Брисел, поради сериозните прекршувања на одредбите од владеењето на правото во земјата, на кршењето на демократијата, на слободата на судството и на медиумите – правејќи од Полска недемократска и заробена држава – ставена во рацете на една партија и нејзиниот ултрадесничарски лидер, и во овој случај се спротивставил на слободарската јавност во Полска – бранејќи го законот.

Апсурдни одредби

Тој тврди дека смртта на младата бремена жена не е поради новиот закон, иако веројатно е свесен дека станува збор за апсурдни и за нехумани одредби што еднаш ги има осудено и Европа и меѓународната јавност.

Законот меѓудругото ги присилува младите Полјачки да се породат и да родат деца кои се со тешки деформации и со неизлечиви болести, за кои уште во текот на бременоста се знае во каква состојба се наоѓаат во утробата на мајката и за кои се знае дека може да починат веднаш по породувањето. Абортус, меѓутоа, е забранет во вакви ситуации и за тоа објаснување се наоѓа во некакви црковни и католички одредби, несвојствени за денешното време, освен ако не е загрозен животот на бремената жена.

За лекарите од градот Псчиња, младата мајка не била во категоријата на оние кои се сметаат за згрозени, па ја оставиле да чека со прекинот на бременоста – додека не настапило труење од што таа починала.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе