Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Европа одново епицентар на короната

jomahepu/Depositphotos.com

Европа одново епицентар на короната

Европа оваа есен одново е епицентар на пандемијата, откако коронавирусот забрзано се шири низ континентот, некаде во обем што е поголем и од времето на почетокот на епидемијата, во пролета 2020 година.

Европскиот оддел на Светската здравствена организација (СЗО) дури предвидува смртноста во следните три месеци, до почетокот на февруари, да се искачи до половина милион починати, доколку владите низ Европа не ги заострат мерките за борбата со короната – а пред се, на ја интензивираат вакцинацијата.

Според анализите на европските експерти на СЗО, токму недоволната вакцинираност и се уште високиот број лица кои немаат примено никаква вакцина, а кои се спротивставуваат да се имунизираат, е основната причина за сегашниот четврти по ред бран на вирусот.

Намалување на вакцинацијата

Воопшто, процесот на имунизација кој до летните месеци се одвиваше мошне интензивно, потоа почна забрзано да се намалува.

Тоа е силно видливо на европскиот Исток, каде ситуацијата со пандемијата во одредени држави добива мошне загрижувачки размери, но и на Западот од континентот – каде во јавноста се шират приказни дека пандемијата е веќе совладана – па целиот процес на имунизација делува ако да е запрен.

Во Шпанија, на пример, дури 80 отсто од населението има примено две дози со вакцина, но во една Германија, која на почетокот од пандемијата се посочуваше како пример за Европа и светот, има едвај 66 отсто вакцинирано население.

Во Романија и во Бугарија, две земји членки на ЕУ од јануари 2007 година, меѓутоа, имунизацијата на населението е катастрофално ниско, додека во Русија, која инсистира на тоа дека прва создаде вакцина против короната, официјално вакцинирани се 32 отсто од луѓето.

Пребрзо олабавување на мерките

Намалувањето на вакцинирањето и олабавувањето со мерките за епидемиолошка заштита – во СЗО се смета како грешка, затоа што тоа само зацврсна едно неточно уверување дека епидемијата е надмината, што потоа преку својата мрежа и над се, преку интернет, го раширија антиваксерите.

Конечно, после шест месеци, почна да се намалува имунитетот создаден од вакцините, што се смета дека е причина за повторното заразување, со сега поострите, мутирани варијанти на короната, за постарите лица, како и за сите „ранливи“ категории на лица од сите возрасти кои природно имаат послаб имунолошки систем.

За нив веќе е почнато давањето трета доза вакцина, но тој процес оди позабавено, затоа што се уште доминира мислењето дека кризата е надмината и дека најлошото веќе поминало. Во СЗО, но и низа европски епидемиолози оценуваат дека работата е далеку од тоа дека короната е победена. Само во последните четири недели бројот на новозаразените во Европа е зголемен за дури 55 отсто.

Германија има 37 илјади новозарзени, или дури 170 лица на 100 илјади население, што е повеќе од април оваа година. Она што загрижува е што постојано расте бројот на починатите, иако не во обем како на почетокот од пандемијата.

Фајзер контра Астра/Зенека

Ситуацијата во Британија се опишува како полоша од германската, што се објаснува со прераното олабавување на сите мерки и креирањето атмосфера дека „земјата се вратила во нормала“, што ја промовира популистичката влада во Лондон.

Британија останува земја со највисок процент вакцинирани, но хендикеп за неа е што таа прва почна со масовното вакцинирање, речиси целосно со Астра/Зенека, за која се вели дека се покажала помалку „издржлива“ од Фајзер, па сега е итно потребно забрзано давање трета доза.

Тој процес, меѓутоа, иако започнат, не оди со темпото кое беше познато од времето на давањето на првата доза, па експертите предупредуваат дека сегашните бројки од 34 илјади новозарзени и околу 300 починати, може да станат далеку повисоки.

Тоа предупредување се потпира на создадената атмосфера на опуштеност, посебно во Англија, а особено на најавите дека за претстојните божикни празници, како и за Нова година по тоа, владата во Лондон не планира никакви ограничувања.

Страв од Божик и Нова година

Евентуалната силно зголемена раздвиженост низ Европа за празниците, кои на Запад, традиционално, се врзуваат за патувања низ земјата и во странство, може само уште повеќе да ја покрене пандемијата. Романија веќе јави дека во еден ден има 600 починати, Бугарија околу 300, Русија изминатата недела регистрира 8200 починати за седум денови, Украина над 3800 лица.

Сите овие источноевропски земји имаат крајно ниско ниво на вакцинирани лица и силен отпор на имунизацијата.

Во Унгарија, која исто така долго време се фали дека била успешна во борбата со пандемијата, продолжува да се однесува како короната да е веќе минато, па маски за лицето во земјата на Виктор Орбан е обврска само во јавниот транспорт и во болниците.

Слично се однесуваше и Хрватска, па сега се подготвува за враќање на старите, остри епидемиолошки мерки, откако дневно бележи по 6500 новозаразени и смртност каква немала ниту на почетокот од пандемијата. За заострување на мерките се размислува и во Холандија, каде бројот на хоспитализираните е зголемен за 31 отсто.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе