Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Блатер и Платини обвинети за измама

photogearch/Depositphotos.com

Блатер и Платини обвинети за измама

Поранешните високи функционери на ФИФА – Швајцарецот Сеп Блатер и Французинот Мишел Платини и формално се обвинети од швајцарските власти за измама и за уште неколку други кривични дела.

Според швајцарското обвинителство, во 2011 година, Блатер бесправно уредил на сметката на Платини да се префрлат два милиони швајцарски франци (2,2 милиони долари). Државниот обвинител тврди дека на тој начин била изиграна и оштетена ФИФА, додека Платини се збогатил на нечесен начин и спротивно на законот.

Сега и обајцата – некогаш угледни функционери на светскиот и на европскиот фудбал – се соочуваат со судење. Доколку бидат прогласени за виновни, ризикуваат да добијат затворска казна, или во најдобар случај – високи парични казни.

Обвинетите против обвинувањата

Случајот беше откриен и за прв пат покренат, пред шест години, во 2015 година, откако јавноста во Европа и низ светот разбра дека со години на ред „Куќата на фудбалот“, како што популарно се нарекува Светската фудбалска федерација (ФИФА), била длабоко потоната во корупција.

По првите сознанија, реагираше етичката комисија на ФИФА која отвори истрага за „случајот Блатер/Платини“, по што и обајцата беа тргнати од своите функции во организацијата и исклучени од фудбалскиот спорт.

Беше тоа тежок удар врз угледот на светската организација, но и за Блатер (85) кој цели 17 години беше на претседателската функција, како и за Платини (66) некогашна ѕвезда на францускиот и европскиот фудбал, подоцна претседател на УЕФА и главен кандидат за наследник на челната функција во ФИФА.

Обајцата и тогаш, а и сега ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека ништо незаконско нема во исплатата, која сега од швајцарското обвинителство се третира како измама.

Советничка функција

Станува збор за исплатата што ФИФА му ја има префрлено на Платени, за неговата, како што се тврди, советничка функција во периодот од 1998 до 2002 година.

Адвокатите на Блатер тврдат дека сето ова е непотребно, затоа што нивниот клиент е „100 отсто невин“ и дека нема ништо противзаконско во исплатата на хонорарот, иако тој бил усмен и за него нема никаков документ.

Но, адвокатите, сепак, инсистираат дека пред да бидат префрлени парите, исплатата на хонорарот поминала низ повеќе тела на ФИФА и никој не го спречил, ниту видел во тоа кршење на законот.

Во едно поранешно интервју за Би – Би – Си, Сеп Блатер има речено дека ФИФА ја има одобрено исплатата, а самиот Платини во меѓувреме има платено данок на хонорарот во швајцарската даночна управа.

„Купени“ првенствата во Русија и Катар?

Колку за потсетување – случајот со корупцијата во Светската организација, ја отворија британските медиуми, веднаш откако беа соопштени резултатите од тајното гласање за тоа кои ќе бидат домаќини на светските првенства во фудбал за 2018 и 2022 година.

Лондонските весници тогаш обвинија дека и за првенството во Русија, а посебно за она во Катар, што треба да се одржи идната година, се дадени пари, за да се добие организацијата на шампионатите.

Англија беше кандидат за домаќин за светското првенство во 2018, додека САД за 2022 година.

Англичаните сметаа дека наместо Русија, тие треба да ги угостат фудбалерите од целиот свет, откако претходно тоа го имаа направено о 1966 година, кога станаа светски прваци. Американците, пак, сметаа дека земја како Катар, без ниту еден стадион и без никаква фудбалска традиција, уште во крајно неповолни климатски услови, не може да биде домаќин на едно светско првенство.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе