Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Западен Балкан меѓу Макрон и Лепен

Ale_Mi/Depositphotos.com

Западен Балкан меѓу Макрон и Лепен

На Брдо кај Крањ (во Словенија) се одржа Самит на земјите – членки од ЕУ со државите од Западен Балкан – последното парче од Европа, во кое се сместени шест кандидати и претенденти за влез во Унијата кои останаа надвор од големото (и богато) континентално семејство.

Некои затоа што самите не знаат дали навистина сакаат да се најдат меѓу 27 – те членки, други затоа што се уште не можат да бидат ниту кандидати за влез, а трети, затоа што самите себе си, досега, си имаат направено најголема штета – продавајќи лажен патриотизам и национализам, наспроти европските принципи и стандарди.

На другата страна се Европејците кои никако не можат да се стабилизираат, после масовното примање на „браќата“ од Истокот на Европа, од некогашниот комунистички, советски блок. Особено, откако стана јасно дека по зголемувањето на личниот и општествениот стандард, со европски пари – 375 милијарди евра во првите 15 години членство – за десетте новопримени, се претвораат во антиевропејци.

Истокот контра Западот

Газејќи ги европските принципи што при приемот ги прифаќаа, спротивставувајќи се на правилата на ЕУ, овие источноевропски националистички земји членки – практично – ја поткопуваат основата на целиот европски концепт, служејќи им директно на непријателите на ЕУ и на домашните деспоти.

И, сето тоа, се случува во време кога ЕУ, после низа години, одново се сврте кон Западен Балкан и кога (одново) искажува спремност за интегрирањето на регионот во европското семејство. Не само затоа што регионот географски, историски, културолошки и политички е составен дел од Европа, туку и затоа што непријателите, оние кои сакаат слабеење и дезинтегрирање на Унијата, веќе се пред вратата.

Со помош на некои од западнобалканските лидери кои се рекламираат како „патриоти“ кои наводни се „загрижени за својот народ“ а всушност, само се грижат за тоа да останат вечно на власт, но и со истите такви автократи во самата Унија, меѓу оние од нејзиниот Исток, Кина и Русија не само што се дојдени на границата за да ја загрозуваат ЕУ, туку веќе и навлегуваат во неа.

Сите заедно, го шират британското зло, посеано со Брегзит, наречено евроскептицизам, што во вистински европскиот дел од ЕУ, се манифестира како страв од натамошното ширење на Унијата.

Страв од проширувањето?

Можеби тоа им е само изговор, што го злоупотребуваат оние кои сметаат дека веќе е доста со проширувањето. Уште и со шест други, исто така, поранешни социјалистички и комунистички земји со лабави стандарди за европските демократски квалитети и стандарди.

Но, факт е дека (не само на политичарите), туку и на јавноста, а посебно на дел од медиумите кои ги креираат мислењата на обичните луѓе, веќе им е доста од оние од Истокот, кои откако ќе ги земат парите, го вртат грбот и стануваат противници во семејството во кое се примени како браќа.

Преку глава им е од Орбани и Јанши, од прикриени полски деспоти, од бугарски старокомунистички националисти и разни Радеви, кои фрустрациите ги решаваат со занесувањата за некаква величина, со што ги злоупотребуваат европските правила, за да се мешаат во внатрешните работи на соседни земји.

Тоа што Македонија многу доцни со своите европски, интеграциски процеси, сепак, виновна е самата. Предолго играше „патриотски игри“, правеше комитски престави, претендирајќи дека е некаков „центар на Балканот“ како и дека историјата во регионот, безмалку, е само македонска, иако е јасно дека македонската државност е стара помалку од 80 години.

Одржувањето Самит е успех

Можеше да биде во Европа, уште и со Словенија (какви што тогаш беа меѓународните услови и регионалната состојба), а сигурно, заедно со Хрватска. Но, домашните лажни патриоти и исто такви националисти, наместо кон Европа, за волјата на сега избеганиот криминален деспот, наместо кон Западот, се свртеа кон Истокот и ја донесоа Русија, за да сега, сложно, заедно со неа, создаваат пречки на (конечно, од една влада во Скопје), определениот европски пат.

Во едни вакви услови се одржа Самитот на Брдо кај Крањ – ЕУ/Западен Балкан – што само по себе е добро и за Европа и за регионот.

Самитот и онака на беше претходно планиран, затоа што мнозинството од членките, а пред се големите, сметаа дека за еден вистински Самит треба да има и некакво постигнување, посочувајќи го како успех на Унијата почетокот на пристапните преговори меѓу Република Северна Македонија (со Република Албанија) и ЕУ.

Но, работите се оддолжија поради неразумното, силеџиско однесување на Софија, против Скопје, како и против Брисел, во исто време, што ја направи бугарската страна сојузник на непријателите на ЕУ.

Затоа од Самитот и се очекуваше, пред се, да го истакне (одново) ставот на Унијата дека таа останува на патот за проширувањето и за приемот на земјите од Западен Балкан. За сите шест земји од регионот, иако тие не се со иста стартна позиција.

Регионот со различни позиции

Косово се уште го нема заокружено своето меѓународно признание, а пет држави од ЕУ не ја признаваат ниту неговата независност. БиХ, пак, останува заробена во национализмите на локалните Срби, Муслимани (Бошњаци) и Хрвати, живеејќи како нефункционална држава, во која Белград и Загреб (со Москва од страна) прават се таа да не стане земја како и сите другите во Европа.

Освен тоа, токму поради ваквата внатрешно – надворешна ситуација, БиХ нема ниту тргнато на европскиот пат.

Остануваат, така, како кандидати за ЕУ само четири земји – Македонија и Албанија, како и Србија и Црна Гора, кои од порано се наградени со старт на преговарачкиот процес, што меѓутоа, не е отиден подалеку од неговиот почеток.

За Самитот во Словенија, затоа, беше важно политичките лидери од европскиот сојуз и од оние од регионот да бидат заедно, едни покрај други, лице во лице, да си кажат што е она што ги зближува и што ги раздвојува – освен владеењето на правото, слободата на медиумите, вистинската демократија, независноста на судството, борбата со корупцијата – работи кои се многупати речени, а кои сега се јавуваат како загрозувачки состојби и внатре, во самата Унија.

Ескалација на Софија

Самитот беше прилика и за тоа да се направи уште еден напор да се надминат кризните ситуации и да се покрене решавање на споровите. Тоа е, пред се, прашањето на Косово кое сега веќе е јасно е првиот услов за европските амбиции на Белград, како и предуслов Приштина да се стекне со меѓународен кредибилитет, преку влезот во ОН.

На тапет, пак, се најде и случајот со Бугарија и нејзиниот наметнат и со ништо не испровоциран спор што Софија го покрена со Скопје, за националниот идентитет на етничките Македонци.

Сега од Румен Радев додадено со директното мешање во внатрешните работи во соседната земја – пасошите што Софија ги печатеше за оние во Македонија кои доброволно се направија “бугари“ – сега сите да се прифатат како „бугарско“ малцинство на територијата на Македонија, со статус каков што имаат и другите етнички заедници кои живеат во земјата.

Ден по тоа, тој беше јавно осуден од Европската комисија за мешање во внатрешните работи на една земја (Македонија), но, сепак, работите и на овој Самит, на тој план, не отидоа понапред.

Остана само сознанието дека некои работи на Балканот тешко се менуваат. Дека српско – косовското несогласување може да ескалира и за обични таблички на автомобилите, и дека Софија се има претворено во најнационалистичката земја во ЕУ (како во времето на комунизмот, кога беше најлојалниот сојузник на некогашен СССР).

Датум за влез – да, или не

За Самитот кој на Словенија и на Јанез Јанша им беа потребни и за внатрешни политички потреби, а и како дел од стратегијата за правење некаков паралелен, националистичко – десничарски сојуз (!) внатре во ЕУ, Љубљана предложи датум – рок, до кога ЕУ би требало да го прими целиот регион – па определи тоа да биде – до крајот на 2030 година.

И, веднаш се појавија различните гледања и позиции.

Не мало мнозинство се согласија дека тоа е добро решение – ќе ги натера земјите кандидати кои навистина сакаат во Унијата, да ги спроведат дадени задачи. Останаа, меѓутоа, тивки по ова прашање дел од членките, додека три од нив – Франција, па Холандија и Данска се спротивставија. Германија за која беше речено дека подржува идеја за определување датум за влез во ЕУ, излезе дека тоа е став на дипломатијата, но не и на Ангела Меркел. Таа на Брдо кај Крањ откри дека се противи на датум.

Смета дека треба да се влегува како и досега, тогаш кога една земја ќе биде подготвена за влез, во пакет од две – три земји кандидати, или дури и сама, како што тоа се направи со Грција, или со Хрватска, во 2013 година.

Разделување на „шесторката“

Остана Самитот без реакција на француската првична идеја – воопшто да не го споменува процесот на проширувањето – до после француските избори. Наводно, пак, крајната десница во Франција била закана за Републиката, па Емануел Макрон бил изедначен кај гласачите со Марин Лепен, а таа е (нели) против ширењето на Унијата.

Што ќе рече дека уште еднаш европската стратегија за заокружување на интеграцијата на континентот да се претвори во заложник на изборите во Франција и на судирот Лепен, против другите, овој пат со Макрон. Компромис се најде така што се тргна рокот за влез во ЕУ.

Тоа го искористија сите оние кои се декларираат како приврзаници за заокружување на европската интеграција со Западен Балкан (во целина), потоа оние кои сметаат дека не треба да има нови проширувања (наводно тоа ќе чинело скапо за ЕУ), па дека тоа ќе треба да им се каже на Балканците. А, тука се и оние кои сметаат дека ЕУ не треба да ги прими сите од регионот.

Има земји – кандидати кои не знаат дали воопшто сакаат да бидат во Европа. Има такви кои уживаат да седат на две столчиња. Има и лидери кои  сакаат само власт за себе. Затоа, и се размислува „шесторката“ да се сведе на оние кои искрено се на европскиот пат и сакаат да останат на него. Тоа можеби е подобро од ставањето рок – за сите.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе