Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Брегзит предизвика нафтена криза во Британија

Starsphinx/Depositphotos.com

Брегзит предизвика нафтена криза во Британија

Во екот на политичко – дипломатската изолација на Британија во Европа, последниве две години, како и целосната врзаност за елиминирање на пандемијата, што ја има окупирано домашната политика, оваа доскорешна важна членка на ЕУ, западна во сериозна нафтена криза – и тоа предизвикана токму од Брегзит.

Официјално петата светска економија не се соочува со недостиг на пари за купување нафта, а ниту има проблеми со резервите нафта која и самата ја вади од подморските длабочини во Северно Море, туку од тоа што НЕМА ЛУЃЕ – РАБОТНИЦИ, ВОЗАЧИ – што треба со цистерни да ги пренесуваат бензините и дизел горивата до бензинските пумпи.

Иако тоа властите го премолчуваат, станува јасно дека оваа работа многу често и во најголем број ја вршеле луѓе од другите земји членки на Унијата, кога и Британија беше дел од неа, најчесто од Истокот на Европа, што после референдумот од 2016 година и конечниот Брегзит од почетокот на 2020, беа набркани од земјата.

Англичаните не сакаат „валкани“ занимања

Всушност, како што пишува лондонски „Гардијан“ со Брегзит стапи на сила и одлуката – целосно да се запре – слободното движење на работната сила, на луѓето од земјите на ЕУ, кои англиските националисти и тврдите брегзитери ги изедначуваат (и сега) со мигрантите од разни страни на светот кои настојуваат илегално да влезат во Британија преку Ламанш. Исто како што ги нарекуваат оние луѓе од Либија и Африка, кои со мали бротчиња и чамци се обидуваат да стигнат преку Медитеранот, до брегот на Италија и ЕУ.

Кризата откри дека домашните луѓе, пред се оние во Англија, повеќе сакаат да се занимаваат со било каков бизнис и со се друго, па и да не работат за да живеат како корисници на социјална помош, само за да не се бават со „валкани“  занимања кои (очигледно) ги оставаат и им ги оставале на странците.

Сега кога нив ги нема, ниту за да се изнајмат на контракт, како што се правеше во времето додека земјата беше во ЕУ, се откри дека нема ни камионџии за пренос на нафтените деривати до потрошувачите.

Минимизирање на кризата

Така и настана криза која Даунинг стрит 10 (седиштето на владата во Лондон) настојува да ја минимизира што е можно повеќе.

Пред се, затоа што актуелниот премиер Борис Џонсон беше најгласниот и најсилнот брегзитер, додека неговите поддржувачи продолжуваат да тврдат дека со Брегзит на Британија и е подобро и дека таа може сама.

Критичарите се согласуваат дека една моќна економија, како британската, нема да пропадне без ЕУ. Сепак, притоа, потсетуваат дека и тоа како добро ќе и дојдеа на Британија милијардите евра што ќе ги примеше од специјалниот Фонд за санирање на економиите на земјите – членки, доколку останеше во Унијата и го истакнуваат проблемот со недостиг на работна сила – токму поради Брегзит.

Затоа и ја обвинуваат владата на Џонсон што продолжува да „војува“ со Брисел и со ЕУ за се и за сешто, наместо да бара начин да се спогоди со Европа за да биде подготвена за вакви вонредни ситуации кои (секако) ќе ги има и во иднина и за што вината ќе биде во Брегзит.

Армијата на “стенд – бај“

Сега земјата и луѓето се влезени во паниката дека ќе останат без гориво, па купуваат бензин и нафта и преку потребното, за да создадат залиха, правејќи проблеми за оние кои ја немаат и кои не може да дојдат до гориво. Постои страв дека нема да може да има гориво и за дистрибуција на прехранбени производи до самопослугите, како и да застане дистрибуцијата на разните производи кои секојдневно им се потребни на луѓето.

Затоа, итно е покрената британската армија, за која лондонските медиуми велат дека војската е на „стенд – бај“ за да биде мобилизирана.

Станува збор за тоа војници да вршат дистрибуција на бензинот и нафтата до бензинските пумпи, што се смета како „доказ за ескалација на кризата во снабдувањето со нафта“ во земјата која е производител на нафта и на гас.

Владата продолжува да се однесува како да е во прашање епидемија на обичен грип, па само советува да не се создава паника, да нема прекумерно купување и правење резерви. Синдикатот, меѓутоа, предупредуваат дека не смее да се случи поради нафтената криза да останат без гориво здравствените установи и домовите за нега на стари и тешко болни лица.

„Лакомите газди на горивото“

Од владата се бара да наложи воени цистрени да почнат да пренесуваат гориво, а војниците итно да се обучат за работа на бензинските пумпи, за претворување на горивото, за да се олесни сегашната состојба.

Впечаток е, меѓутоа, дека владата на Џонсон развлекува со една ваква одлука затоа што таа ќе влијае врз неговиот популистички имиџ и ќе влијае за создавање атмосфера на сериозна криза која тој настојува да ја избегне, сега кога се уште не може да се ослободи од пандемијата.

Во меѓувреме, силно антиевропски и про – Џонсон определениот „Дејли Експрес“, индиректно, ја пренесува владината позиција, за тоа дека вината за кризата (не е во Брегзит) туку во „лакомоста по парите на газдите на горивото“.

Цената на бензинот и дизелот постојано расте, па весникот ги обвинува овие „газди“ дека  „пумпајќи“ ја кризата која  (наводно) е изнасилена, сакаат да предизвикаат натамошен раст на цената на горивото.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе