Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Ишгл обвинет за ширење на короната

4kclips/Depositphotos.com

Ишгл обвинет за ширење на короната

Австрискиот алпски зимски центар Ишгл и формално е обвинет за ширење на коронавирусот, на самиот почеток од глобалната пандемија.

По тој повод, во Виена, во еден тамошен суд почна судски процес против австриските здравствени власти, затоа што не реагирале на време на појавата на заразата во овој популарен скијачки туристички центар. Обвинувањето е дека вирусот се раширил од Ишгл низ цела Европа, се до далечниот Исланд, на северот од Атлантикот.

Адвокатите на тужителите – членови на семејства на заболени и починати туристи – уште тврдат дека здравствените власти знаеле за тоа што се случува, односно дека во зимскиот центар лоциран во провинцијата Тирол има опасна зараза, но дека тоа на почетокот го сокривале од јавноста и од многубројните гости, дојдени од сите страни на Европа, под притисок на туристичкиот сектор.

Најголем кластер со корона

Ишгл беше и остана најголемиот кластер со короната, на почетокот од пандемијата. Стотици гости, во најголем број странски туристи, беа заразени во време на зимувањето кои, потоа, враќајќи се дома – го имаат раширено вирусот во земјите од каде потекнувале.

Германските власти, на пример, на почетокот од минатата година, зборуваа дека првите случаи со корона заразата во земјата, потекнуваат од туристите – скијачи кои се вратиле од австриски Тирол, а дека првите жртви (во најголем број случаи) биле нивните блиски, повозрасните и постари членови на семејствата.

Засега, предмет на судскиот процес се дваесетина приватни тужби кои се повикуваат на австрискиот закон за заштита на правата на потрошувачите. Односно дека гостите, како корисници на услугите на туристичкиот центар, не биле заштитени во текот на својот престој.

Првиот случај против државата Австрија, го имаат покренато една вдовица и нејзиниот син, за смртта на сопругот и татко кој починал по зимувањето во Ишгл, од коронавирусот. Тие сега бараат отштета од 100 илјади евра.

Алармот дојде од Исланд

Локалните власти во Тирол, во случајов се однесуваат како да тие немаат никаква одговорност и вина за она што се има случено. Во изјави за медиумите тиролските власти уверуваат дека го известиле министерството за здравство во Виена, за појавата на зараза, тогаш се уште не знаејќи дека станува збор за непознат, смртоносен вирус, кој се има раширено од Кина и градот Вухан.

Прв случај на корона во Ишгл е регистриран на 7 март 2020 година, само неколку денови откако Исланд и нивните епидемиолози ја алармираа Европа дека сите Исланѓани кои биле на зимување и на скијање во австрискиот Тирол, се вратиле дома заразени.

Австриските епидемиолози, сега, веруваат дека вирусот навлегол во Ишгл еден месец порано, на почетокот на февруари, минатата година, но дека тогаш никој не знаел за што станува збор.

„Зимска алпска Ибица”

Експертите веруваат дека центар на заразата бил најпопуларниот бар во зимскиот центар, каде секоја вечер се собирале многу гости, на забави и дружење, а дека (многу веројатно) се тргнало од еден од бармените кој се жалел дека не се чувствува добро.

И тој и неговите работодавачи верувале дека станува збор за обичен грип, па никој нема преземено ништо тој да се изолира и да се тргне од барот.

Ишгл е популарно сврталиште на скијачи од Европа, па во Тирол и во Австрија важи за „зимска Ибица“ – место каде покрај скијање има и „луда забава“, како што во шпанската, оригинална, летна Ибица, покрај пливањето има постојано бројни журки.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе