Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Софија во криза – Скопје под блокада

thebackground/Depositphotos.com

Софија во криза – Скопје под блокада

Бугарија продолжува да живее во политичка криза која почна уште во летото минатата година, а се интензивира со двата, едно по друго, неуспешни изборни процеси (во април и јули оваа година), а во исто време да ја блокира ЕУ – нејзината стратегија за ширење на Унијата кон Западен Балкан – и над се, да ги блокира Република Северна Македонија и Република Албанија – на нивниот веќе одработен европски пат.

Блокадата, инаку, се однесува за отворање на преговарачкиот процес на Скопје и на Тирана со Брисел, што по правило трае неколку години и во тоа време, секоја земја членка може да „интервенира“ со забелешки и екстра барања, за некоја земја – кандидат.

Значи, се уште не станува збор за влегување во Унијата. Но, Софија ја користи својата развлечена криза за да, вистински, тера инает со Европа, порачувајќи и на Македонија дека “патот за ЕУ минува низ Софија“ и уште казнувајќи ја притоа и Албанија, со својот старински, од времето на комунизмот дизајниран национализам.

Бугарија е далеку од Европа

Се мислеше дека бугарската политичка елита и новокомпонираните политичари, ќе најдат сила за да бидат на нивото на една земја – членка на Унијата. особено сега, кога сите европски земји се во длабока економска и социјална криза што ја предизвикува долгата пандемија со коронавирусот. Другите земји ги стабилизираа внатрешните состојби за да може да конкурираат за добивање на грантови и заеми од масовниот финансиски фонд од околу 1000 милијарди евра.

Италија, брзо најде решение за својата владина криза (по падот на владата на Конте), така што сите партии (од лево и од десно) се согласија за една непартиска влада, со премиер, веќе пензионираниот банкарски експерт Марио Драги (76), за да ги повлечат големите, безмалку 200 милијарди, за стабилизација на земјата. Хрватска, исто така, ги надмина меѓупартиските страсти и веќе има одобрено повлекување на 13 милијарди евра. Грција, на пример, е на пат да прими 30 милијарди.

Бугарија, во својот типичен балкански менталитет, наместо за стабилизација и за излез од кризата – да зборува за (наводно) загрозените „национални интереси“ – (Македонија е „заканата“), па не само што не успеа да обезбеди политичко – партиски консензус за правење влада по изборите во април, тоа истото го повтори уште еднаш – по вторите вонредни избори во јули.

Трети избори за шест месеци

Овој пат, со уште полош распоред на политичките сили. Со минимална предност (од шест илјади гласови) прворангирана беше една новосоздадена партија ИТН (Има таков народ), чиј лидер нема никакво политичко искуство, познат е како пејач, забавувач и водител на ТВ програма во која се критикува власта – и ништо повеќе.

Покажа дека е вистински новак, па вторите избори излегоа и поголемо политичко фијаско од првите. Но и тој, како пејач на патриотски песни, ги играше старите, антимакедонски патриотски игри. И за него, како и за сите другите играчи на бугарската политичка сцена, Европа и европските стандарди не минуваат. Земјата останува во европското беспаќе.

Сега ќе има трети избори во период од шест месеци. Претседателот на државата распиша трети вонредни избори за 14 ноември. Во исто време, кога ќе се гласа и за избор на претседател на Бугарија. Како сега стојат работите, многу е веројатно дека сегашниот Румен Радев, поранешен генерал на авијацијата, ќе остане на својата функција во уште еден мандат.

До тогаш, на позицијата, останува и техничката влада, одново со Стефан Јанев (61) пензиониран генерал и претходно функционер во кабинетот на шефот на државата, како бугарски технички премиер. Владата (формално) има мандат за да обезбеди организација на третите по ред парламентарни избори. За неа се вели дека таа нема друг мандат, особено, не да носи политички решенија, или било какви прописи.

Има – нема овластување

Но, меѓу април и јули таа има донесено низа решенија во економијата, а посебно во борбата со корупцијата (сите на линија за дисквалификација на ГЕРБ, партија која единаесет години беше на власт). Тоа и има донесено некаква популарност во тамошната јавност, која, сепак, никому не помогна на јулското гласање, освен што двајца најпопуларни „технички“ министри сега одбија да останат во „техничката“ влада. Најавувија дека имаат политички амбиции за ноемвриските избори.

Така или не, потезите што ги има влечено владата покажува дека таа, сепак, ИМА ОВЛАСТУВАЊЕ да го симне ветото што Софија го има ставено во ЕУ против Македонија (и Албанија).

Тоа го потврдуваат и бугарски правни експерти и европски стручњаци, затоа што станува збор за „техничка“ одлука – формална согласност да почнат преговорите. Уште повеќе што тука е и претседателот Радев кој ја претставува Бугарија на сите европски собирања и самити.

Тоа ги отфрла како невистините уверувањата од Софија дека владата на Јанев е задолжена само за да земјата има каква – таква влада, за да се одржат изборите и дека таа не носи никакви одлуки – ни внатрешни, ни надворешни.

Случај без преседан во ЕУ

Истиот тој Јанев, меѓутоа, во извештајот до Парламентот се пофали дека на меѓународен план – „неговата влада успешно се борела за заштита на бугарските национални интереси“. Или, што ќе рече, истраела на блокадата што владата на ГЕРБ и ја наметна на Македонија, иако сега, сите се против оваа партија на Бојко Борисов.

Очигледно е дека и како „техничка“ владата на Јанев била овластена да ја „одржува војната“ против западната сосетка, која во основа е без преседан во Европа и во европските интеграциски прописи.

За прв пат некоја земја – членка, бара од друга земја – кандидат за влез во ЕУ – да прифати нешто што никој не го покренал како барање и услов за влез во ЕУ. А, тоа е софиското барање до Скопје да се прифати „бугарски карактер“ на Македонија и „бугарско потекло“ на македонскиот јазик.

Од Скопје и од Брисел стојат на позициите на португалскиот предлог, додека Португалија беше претседавач со ЕУ, како најдоброто и најприфатливото решение за наметнатиот „спор“. Софија, пак, или одбива, или се правда дека чека да се создаде нетехничка влада, која како тргнале работите може да остане само пуста желба и по третото гласање на бугарските гласачи.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе