Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Олаф Шолц пред „човекот на Меркел“

Ale_Mi/Depositphotos.com

Олаф Шолц пред „човекот на Меркел“

Парламентарните избори во Германија, закажани за 26 септември, на некој начин ќе останат забележани по заминувањето на Ангела Меркел од функцијата канцелар и од политиката. Но, тие може да бидат обележани и како први, по повеќе години, на кои со заминувањето на Меркел од власт ќе замине и нејзината партија ЦДУ.

Така навестуваат анкетите за моменталното расположение на германските гласачи, според кои во водство се Социјалдемократите (СПД) и нивниот лидер Олаф Шолц.

Втори се сега владејачките ЦДУ/ЦСУ, иако овој десно – центристички блок е дел од т.н. „црно – црвена коалиција“ заедно со лево – центристичката СПД, како што тоа го имаат правено и во минатото. На третата позиција, кај гласачите е паријата на Зелените која во еден момент беше дури и најпопуларната германска партија, поради нивната „тврда“ политика кон климатските промени и за заштитата на човековата околина.

Како четврти, се рангирани либералите (ФДП) кои бележат искачување и зголемена популарност по повеќе години назадување и идеолошко скитање, додека крајната десничарска Алтернатива за Германија (АфД) сега е на петата позиција, со 12 отсто поддршка, наместо добиените над 20 отсто, на изборите пред четири години.

Неизвесна изборна трка

Во секој случај, се предвидува крајно неизвесна изборна трка, затоа што разликите во моменталната популарност на партиите се мали. Освен тоа, сигурно се очекува дека никој нема да обезбеди мнозинство за да може сам да создаде влада, па затоа одново се предвидува Германија да има коалициона влада.

Едната варијанта е коалицијата да ја сочинуваат партиите што сега се на власт. Втората можност е коалиција на левиот блок – Социјалдемократите, Зелените и партијата Левица, која се верува дека ќе успее да го мине прагот за да стане парламентарна партија. На овој блок (без левицата) би можело да се приклучат и пратениците од ФДП, но пореално би било либералите да прават коалиција со блокот на ЦДУ/ЦСУ, кој инаку сега е на историски ниско ниво од 20 отсто поддршка.

Меѓутоа, она што е поинтересно за германската политичка јавност и за Германците е кој ќе ја наследи Меркел на функцијата сојузен канцелар .

За тоа место има само тројца кандидати – новиот лидер на партијата на Меркел – ЦДУ (демохристијаните) Армин Лашет, потоа Олаф Шолц и Анелена Бербок, лидер на германските Зелени.

Нехаризматичен политичар

Според анкетата на „Дојчландтренд“, лидерот на СПД Шолц, речиси, наеднаш стана главен фаворит за канцелар, откако неговата партија ја има поддршката на 25 отсто од Германците, што навестува дека прв пат по безмалку две децении социјалдемократите може да освојат најмногу гласови. Цели пет отсто повеќе од ЦДУ.

Шолц (63) важи и за најпопуларниот германски политичар. Тој сега е на функцијата министер за финансии во коалиционата влада на Меркел. За него се вели дека е нехаризматична личност, но дека е умерен политичар кој во СПД е уште кога имал 17 години.

Тамошните медиуми пишуваат дека растот на популарноста на овој поранешен градоначалник на Хамбург е резултат на довербата што луѓето ја имаат во него, иако сите му забележуваат што не внесува повеќе емоции во улогата на лидер и потенцијален канцелар. Неговите политички неистомисленици знаат да ги исмеваат неговите, како што велат, монотони говори и строгоста што обично ја изразува во јавните настапи.

Во кампањата инсистира на социјалните теми кои најмногу ги интересираат луѓето – како што се социјалата, зголемувањето на минималната плата и помагањето за елиминирање на штетата од глобалната пандемија. Се верува дека најмногу политички поени има собрано со финансискиот пакет за помошта на малите бизниси и на целата економија.

„Природен наследник“

„Земјата (поради пандемијата) е во криза. Цените растат и има поскапување, но да не правиме ништо што би можело да биде уште поскапо“ – често вели Шолц во текот на кампањата.

Армин Лашет, пак, себе си се претставува како природен наследник на Ангела Меркел. Таа и самата силно лобира и агитира кај Германците за него

За Лашет се зборува дека знае да ги обедини луѓето за она во што верува, дека ја држи центристичката линија на ЦДУ и дека е силен проевропеец, односно дека во политичко – идеолошкиот дел е верна копија на канцеларката на заминување. Еден е од ретките кој застана зад Меркел во 2015 година, за да им се даде азил на стотина илјади мигранти и бегалци од Сирија и Авганистан.

Во моментот е премиер на најнаселената германска покраина Северна Рајна – Вестфалија. Роден е и израснал во Ахен, близу до белгиската и холандската граница. Католик е по своето религиозно уверување и поранешен новинар.

Анелена Бербок е далеку помлада од Шолц и Лашет. Има 40 години и доколку биде избрана за канцелар ќе биде првата мајка на таа функција. Меркел е првата жена која ја води германската влада 16 години, но таа и нејзиниот сопруг немаат деца.

Млада и неискусна

Нејзината популарност (одново) се зголеми по големите и катастрофални поплави во кои загинаа безмалку 200 лица и беше предизвикана огромна материјална штета. Истрагата откри дека вината треба да се бара и во лошиот систем за одбрана од големи води и во нерегулираните водотеци, за кои лидерката на Зелените тврди дека таа би можела да ги надмине овие состојби.

И таа, како и Шолц, во кампањата заговара подобра социјална политика и предлага решенија за тоа.

За неа се вели дека делува енергично, но дека сепак, е премлада за да води земја каква е Германија и нема политичко искуство. Нејзината позиција (и на партијата) беа растресени откако во јавноста се зборува дека ги има „плагирано“ своите научни трудови. Тоа не е докажано, но рејтингот што го имаше на крајот од пролета се намали уште повеќе кога медиумите открија дека нејзината биографија е „фризирана“.

Се тврди дека таа е со најмали шанси да ја наследи Меркел. Но, сите тројца се соочени со лошата „судбина“ да бидат германски канцелар после една Ангела Меркел, на која, како што се вели, никој од нив “не и е дораснат“. Ниту за да биде лидер на Германија, ниту за да ја предводи ЕУ, а ниту да биде значаен глас во глобалната политика.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе