Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

„Починал со ковид, наместо умрел од корона“

Ale_Mi/Depositphotos.com

„Починал со ковид, наместо умрел од корона“

Во Австралија се размислува да се измени класификацијата на починатите пациенти, кои биле заразени со коронавирусот, но не успеале да се излечат. Се инсистира, притоа, дека не станува збор за некаква техничка – лингвистичка операција, туку за нов начин на евидентирање на умрените, што ( од поодамна)  се јавува како потреба во досегашната борба на лекарите со пандемијата.

Сите починати, досега, во болниците и пред властите, се евидентираат како “УМРЕЛ ОД КОРОНА“. Без разлика што се случувало со пациентот пред и посебно во текот на неговото лекување, сите кои се примени со симптомите на вирусот и на болеста Ковид, како починати, нивната смрт се врзувала само за вирусот.

Сега, наместо оваа класификација, размисла и сугестија е умрените пациенти, при евиденцијата да се заведуваат како “ПОЧИНАЛ СО КОВИД“.

Тешко до вистински заклучок

Според австралискиот експерт др. Џереми Мекнелти кој за тамошните медиуми ја објаснувал измената и ги толкувал причините зашто е тоа потребно, тоа е неопхпдно  затоа што „беше и се уште е тешко да се донесе заклучок – дали некој умрел директно и само од коронавирусот, или пак, поради некои состојби и болести во организмот, што ги носел со себе“.

Општо е познато дека кога ќе почине некој постар пациент, претпоставка на лекарите е дека во неговиот организам настанале низа коморбидитети. Освен тоа, станува збор за повозрасни и за стари лица, па ризикот од смртта (посебно при вакви епидемии) е многу поголем.

„Ковидот често пати може да доведе до смрт, но и не мора“ – рекол овој австралиски експерт.

Според неговото објаснување, не е ретко случај да има починати пациенти кои, меѓутоа, пред да умрат речиси се опоравувале од заразата и од короната. Дури биле подготвени и да си одат дома, како излекувани, но тогаш, наеднаш, се случувале компликации, или други состојби во нивниот организам, па тие умирале – пред збунетите и не ретко шокираните лекари кои ги лекувале.

Неочекувани компликации

Такви случаи има во Австралија и во тамошната лекарска пракса, во изминатите 18 месеци од борбата со глобалната пандемија, но такви примери има насекаде низ светот, што се смета како најкарактеристичната непознаница и последица на коронавирусот и на сите негови мутирани сојови.

„Едноставно, во ваквите ситуации, пациентите им умираат на лекарите пред очите, а во услови на раширена пандемија, причините за смртта тешко може да се утврдат и да се открие – каде настанала компликацијата“ – има речено Мекнелти.

Затоа и е потребна  одлуката за изменет начин на кој се пријавуваат починатите лица – да се водат како умрени СО ковид, освен, доколку постојат јасни индиции и показатели дека токму короната и ковидот – директно – ја предизвикале смртта.

Дилеми и во Германија

Австралиските медиуми пишуваат дека тамошните лекари кои лекувале пациент (што подоцна починал) тешко можат да формулираат мислење – во која мерка и дали навистина вирусот ја предизвикал смртта.

Слични дилеми има и во Германија каде инфицираноста и смртноста е далеку повисока од онаа во Австралија, па и таму се настојува да се утврди колку од починатите пациенти – навистина – умреле од короната, а колкумина од разните други компликации и состојби на заразените пациенти кои се лекувале во болниците.

Исто така, непознато е како доаѓа до смрт кај помладите лица, за кои нема претходни сознанија дека имале здравствени проблеми, од било која природа и кој според возраста, би требало да бидат здрави.

Германците, исто така, настојуваат да утврдат како да ја третираат смртноста во ова време на пандемија, па Институтот за истражување на здравјето од Берлин кој не е државна институција и работи независно, има покренато истражување на оваа тема.

„Короната не е виновник“

Во заклучокот на нивното истражување, што го пренесува весникот „Велт“, се вели дека короната НЕ Е ПРИЧИНА ЗА СМРТА во дури 80 отсто од досега регистрираните смртни случаи од вирусот, пријавени од германските медицински власти до 1 јули годинава.

Ако е така, тогаш станува јасно дека некои држави веќе од порано ги разделуваат починатите пациенти при евидентирањето на нивната смрт, па затоа се јавуваат и големи разлики во смртноста од една земја, до друга.

Во ова не треба да се ставаат случаите на намерно прикривање на вистинските бројки за смртноста, што се прави од разни причини, или за едноставното лажно прикажување на вистинските состојби со пандемијата.

Излегува, така, дека евиденцијата – „починал со ковид, а не умрел од корона“ – можеби треба да стане унифициран начин за броење на вистинските последици од коронавирусот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе