Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Енди Мари: Тенисерите треба да се вакцинираат

zhukovsky/Depositphotos.com

Енди Мари: Тенисерите треба да се вакцинираат

Британскиот тенисер Енди Мари изјави дека врвните играчи кои се на двете светски тениски листи – АТП и ВТА – треба да покажат одговорност (кон сегашната ситуација и кон јавноста) и да примат вакцина против коронавирусот.

Во овој момент, меѓутоа, многумина од нив не се подготвени да се вакцинираат.

Тоа се случува и за време на штотуку започнатиот Гранд слем турнир во Њујорк, иако во овој американски град, каде короната со Делта вирусот, одново се има вратено, се воведени мерки за епидемиолошка заштита.

„Фрустрација на невакцинираните“

Гледачите на УСА – Опен, на пример, мора да покажат доказ дека се вакцинирани барем со една доза, што уште повеќе го зголемува притисокот врз невакцинираните тенисери кои учествуваат на овој турнир. Во исто време, во Њујорк од сите (па и од тениските играчи) се бара потврда за вакцинација при влегувањето во ресторани во затворени простории, како и при користење на теретани и сите локации за забава и провод.

Во интервју за радио Би – Би – Си, Мари рекол дека се надева оти повеќе тенисери, сепак, ќе се одлучат да се вакцинираат, како што тој тоа го има направено, примајќи две дози вакцина.

„Јас, лично, сега се чувствувам одлично, како да водам нормален живот. Но, мислам дека тоа не е случај и со оние кои не се вакцинирани, за кои верувам дека се чувствуваат фрустрирани од состојбата во која се наоѓаат“ – рекол Британецот.

Одговорност кон јавноста

„Сметам дека сите ние (тенисерите), затоа, треба да бидеме вакцинирани – поради пошироката јавност (и одговорноста што кон неа ја имаме), но и како играчи, кои постојано патуваат низ светот. Мораме да се грижиме за таквата ситуација“ – изјавил Мари.

Вакцинација, инаку, е можна на секој од големите турнири од серијата АТП (кај мажите) и ВТА (кај жените). Сепак, не е мал бројот на тенисерите кои и натаму тераат инает со глобалната пандемија, иако таа и натаму одзема човечки животи.

Според американските медиуми, некои од играчите како изговор за невакцинирањето ја посочуваат својата форма во оваа сезона, кога за разлика од лани, се одржуваат сите позначајни тениски турнири. Изјавувале дека се плашат од „можните контра – индикации и од некакви странични ефекти“ по примањето на вакцината, што наводно, ќе им наштетеле на спортската форма во оваа тениска сезона.

Ѓоковиќ против вакцините

Портпарол на серијата АТП турнири изјавил дека околу половина од сите играчи од оваа листа се вакцинирани против короната, но исто толку не се имунизирани. Меѓу нив се и првиот рекет во светот, Новак Ѓоковиќ кој е во Њујорк и е главен фаворит на годинешниов УСА – Опен.

За него американските весници велат дека пред почетокот на турнирот рекол оти се надева дека вакцинацијата – “нема да биде присилна“. Односно дека нема да биде задолжителна, или што ќе рече – нема да биде услов за учеството на некој турнир.

Всушност, тој и натаму продолжува со својата анти – ваксерска филозофија за тоа дека – “вакцината и вакцинацијата се работа на личен избор“, што никаде не му поминува.

Без разлика што има шанса да биде најуспешниот тенисер на сите времиња и да ги надмине постигнувањата на еден Роџер Федерер и Рафаел Надал – поради својот егоизам, кога станува збор за вакцинацијата, се почесто предизвикува контроверзии низ светот и не ретко станува неомилен кај гледачите – со кои влегува во расправии.

„Страв од иглите и боцкањето“

Се почна минатото лето, кога во Белград, со државна помош, организираше некаков егзибициски турнир среде распалената епидемија и блокадите во Европа – со публика и полни трибини. Тројца од учесниците на турнирот (меѓу кои и бугарскиот играч Григор Димитров се заразија). Меѓу заразените, подоцна се разбра дека била и поранешната тенисерка Јелена Јанковиќ, како и стотина гледачи кои не носеа маски, ниту седеа оддалечени едни од други.

Во тоа време Ѓоковиќ призна дека е против вакцинирањето, затоа што се плаши од иглите и од боцкањето. На првиот Гранд – Слем оваа година, во Австралија тој одново направи инцидент, откако властите на сојузната држава Викторија, каде Мелбурн е главен град, него и уште десетина други играчи, ги стави во изолација, во еден хотел.

Српскиот тенисер тогаш се побуни што хотелот за карантин не е на реномето што има во светскиот тенис. Побара подобра храна, како и сместување во приватни вили во кои има терени за тенис – за да може да тренира. На тоа, реагираше лично премиерот на Викторија кој му порача дека мерките против коронавирусот важат за сите – подеднакво – што значи и за врвните тенисери.

Потреба од општи услови

Остана до крајот – под пропишаните услови – но, Енди Мари сега вели дека ситуацијата од почетокот на годинешнава сезона може да се повтори и на стартот од следната – во 2022 година, на следниот Гранд – Слем во Мелбурн. А, тоа значи дека до тогаш, Светската тениска федерација ќе мора да ги определи условите за сите турнири „под нејзина капа“, кога станува збор за пандемијата.

Американците на сегашниот турнир во Њујорк, дозволуваат вакцинираните тенисери да влегуваат во ресторани, во затворено, па дури и да не мора да се изолираат ако биле во контакт со некој позитивен на вирусот.

За невакцинираните, на турнирот во Париз се најде решение – ако се открие дека некој од тие играчи бил со некој позитивен, веднаш беа исклучени од Френч – Опен. Но, тоа важеше само таму и тогаш, додека траеше парискиот Гранд – Слем.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе