Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

„Квантас“: Задолжително вакцинирање за сите вработени

„Квантас“: Задолжително вакцинирање за сите вработени

Најголемата австралиска авионска компанија „Квантас“, една од најголемите и во светот, им наложи на сите свои вработени да се вакцинираат против коронавирусот, откако пандемијата во оваа земја – континент, иако во помал обем во споредба со Европа, САД и другите делови од светот, продолжува да се шири.

Во наредбата на управата на компанијата се вели дека со задолжителната вакцинација, прво, ќе бидат опфатени вработените во т.н. прва линија. Тоа се членовите на посадите во авионите кои ќе мора да се вакцинираат до 15 септември. За другите, кои не се постојано во директен контакт со луѓе, рокот за вакцинација е до први март, следната година.

Од оваа мерка се исклучени само оние кои поради здравствени проблеми не може да бидат вакцинирани, но се смета дека нивниот број е мошне мал. Досега, во „Квантас“ биле вакцинирани речиси 89 отсто од вработените.

Сиднеј со полициски час

Оваа авионска компанија, чии авиони летаат во сите делови од светот, досега беше надвор од специјалниот сектор на епидемиолошки мерки и на здравствена заштита, каде вакцинацијата е задолжителна.

Одлуката на управата доаѓа во време кога здравствените власти, пред се, оние во сојузната држава Нов Јужен Велс, каде Сиднеј е главен и најголем град, одново ги продолжија специјалните мерки за заштита и за одбрана од короната, сега од доминантниот Делта вирус.

Властите, затоа, одлучија да го продолжат полицискиот час до крајот на септември, или за уште еден месец. Првично беше предвидено локдаунот во Сиднеј да заврши на 28 август. Освен тоа, маските за лице, веќе не се доброволни и мора да се носат само во затворени простории, туку сега се задолжителни и на отворено.

Градот сега бележи по 700 нови случаи во 24 часови, што е висок скок во споредба со досегашниот релативно умерен раст. Под клуч Сиднеј е од почетокот на јули, а од тогаш, па до пред некој ден, се регистрирани 65 новопочинати лица.

Полицискиот час почнува од 23 август и ќе трае од 21 до 05 часот. Тој е главно насочен на предградијата, каде се жариштата на пандемијата и повеќето смртни случаи.

Нов Зеланд со продолжен локдаун

Владата на соседен Нов Зеланд, пак, признава дека не успеа да го блокира ширењето на Делта вирусот, кој сега од Окланд се „пресели“ и на главниот град Велингтон.

Таму се откриени три случаи на заразени со короната, сите дојденци од Окланд за кои се знае дека биле во контакт со лицето кое ја донесе заразата во оваа островска и далечна земја.

Првично, локдаунот требаше да трае три денови во целата земја, а една недела во Окланд.

Тоа требаше да биде одговор на здравствените власти на првиот регистриран еден случај на новозаразен пациент со коронавирусот – по шест месеци. Одлуката на новозеландската влада тогаш предизвика бројни коментари низ светот, каде пандемијата е се уште позасилена – главно дека е избрзана и преостра – но, беше мирно и со одобрување примена од населението.

Во новонастанатата ситуација, владата на премиерката Јасинда Арден се одлучи за итно засилување на процесот на масовно вакцинирање, откако одобри да се вакцинираат и млади на возраст меѓу 12 и 15 години.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе