Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Фашизам со здравјето

Adam Nieścioruk/Unsplash

Фашизам со здравјето

Во Скопје и во Струмица (градот не е случајно избран) опозициските вмровци организираа антивладини протести – против мерките што владата ги презема за заштита на народното здравје во ова време на (веќе може да се каже) бескрајната ГЛОБАЛНА пандемија со коронавирусот.

Се собраа прво пред зградата на Парламентот, а потоа и пред владата, протестирајќи против настојувањето на епидемиолозите и на македонските здравствени власти – што повеќе луѓе да се вакцинираат, затоа што се покажа дека иако не стопостотна, вакцините кои се на пазарот, сепак, обезбедуваат доволно висок имунитет за заштита од заразување.

Над се, вакцините обезбедуваат масовна имунизација – што ќе рече – оневозможуваат одржување во живот на заразата и го запираат ширењето на пандемијата. Тоа го покажува нашето, овдешно искуство, тоа го покажува искуството на европските земји и на САД, пред се, а тоа го тврдат експертите ширум светот – дека масовната вакцинација, почна да ја зауздува пандемијата.

На партиска задача

Протестите требаше да изгледаат како „спонтан народен револт“ против владината политика, спакуван во приказната за „заштита на човековите права“, за „заштита на Уставот“ или за „одбрана“ на принципот за „слободен избор“.

Значи, кој ќе се зарази, нека се зарази, а оние кои ќе преживеат – ќе раскажуваат. Но, нема вакцинирање и нема да се прифатат мерките кои значат ограничување на влез и присуство на јавни настани, на затворено, за невакцинирани, или за оние кои не може да докажат дека го минале корона тестот.

Лажната „спонтаност“, меѓутоа, заврши кога се виде вмровската декорација на скопскиот протест, мавтањето со туѓи, немакедонски знамиња и присуството на партиските активисти и на дежурните демонстранти – по потреба.

На нив, по партиска задача, им се приклучија десничарските „левичари“, друштвото на анти-ваксерите, како и поединци кои 18 месеци останаа изгубени во измислените приказни за некаков „меѓународен заговор“, за „злодухот“ Бил Гејтс и за неговите „чипови“ кои – ние вакцинираните – ги имаме веќе во себе, иако сме примиле и руска и кинеска вакцина.

И се така до оние кои веруваат дека ова е работа за Господ, во која обичните смртници – влада и министри, лекари и експерти – нема што да се мешаат. Едноставно, треба да се остави се на судбината и на она што ни било пишано.

Против интересот на народот

Партискиот печат на овие собирања беше удрен кога говорниците на протестите читаа барања за оставки – на премиерот, на министерот за здравство, на целата влада, за да можело вмровците да се инсталираат на власт, со ваквите нивни експертизи, понудени на протестите за решавање на пандемијата.

Тие и порано и за други работи, постојано ја замајуваат јавноста со тврдењето дека се “со народот“. Всушност, уште еднаш покажаа дека се против него, против јавното здравје, против здравјето на сите луѓе – само од ситните партиски интереси и за ситните пропагандни цели, за локалните избори во втората половина на октомври.

Сега заговараат спротивставување на масовното вакцинирање, пак во „името на народот“, иако пролетоска уверуваа дека со своите алаш – вериш бизнисмени и со „пријателите“ во странство ќе обезбеделе „илјадници дози со вакцини“, а отрчаа први во соседството да се вакцинираат, претходно праќајќи ги своите пропагандисти во медиумите – да го скршат мразот.

Одново за партиски цели, овој пат заговараат да не се носат маски и да не се почитува одржување социјална дистанца, како што тоа веќе се бара низ Европа, затоа што континентот е нападнат со мутираниот индиски сој (Делта вирусот), но и да немало ограничување меѓу вакцинираните и невакцинираните.

Невакцинираните се закана

А, тие, невакцинираните, се закана за себе, за своите блиски, за оние со кои работат и ЗА СИТЕ НАС другите.

Прво, затоа што го продолжуваат векот на пандемијата и затоа што САМО ПОРАДИ НИВНИОТ ЕГОИЗАМ, или партиската послушност, повеќе сакаат СИТЕ ДА БИДЕМЕ ВО НОВ ЛОКДАУН. Само затоа што тоа е добро за вмровската пропаганда против владата.

Конечно, оваа партија самата повика на протести против здравјето – откако претходно, некој од вмровските „нови сили“ ги обвини здравствените власти, а потоа и владата дека мерките за масовна имунизација биле ЧИСТ ФАШИЗАМ!?

Тоа треба да значи дека како фашистички бил методот на здравствените власти во Македонија да се натераат луѓето да се вакцинираат, во интерес на сите нас и на здравјето на населението во државата.

Измешани лончиња

Сигурен сум дека овој вмровец не знае што зборува. Тој и тие што го натерале да се истрча со навреда и дисквалификација на сите нас – кои сакавме и се вакциниравме изминатите месеци – прогласувајќи не за ФАШИСТИЧКИ ПРИВРЗЕНИЦИ – имаат слушнато дека слични протести и дисквалификации кон лекарите, властите и – во крајна смисла – и вакцинираните, има и во некои европски земји.

Во Франција, на пример, тоа се приврзаниците на Марин Ле Пен и нејзините ултра – десничари и национал-популисти, или германската Алтернатива за Германија (АфД) – партии и движења на кои идеолошки, според недемократските методи на дејствување, им припаѓаат и овдешните вмровци. Но, таму не ги навредуваа вакцинираните и оние кои се согласуваат со мерките за борба со пандемијата. Иако нивните методи се ултрадесничарски, таму никој нема речено дека постои фашизам во здравството.

За оние, пак, кои не знаат – фашизмот е тоталитарна, диктаторска идеологија, врзана за дваесеттите години на 20 век и за Италија, која таму беше на сила се до поразот на италијанските фашисти во Втората светска војна.

Таа е уредена за да му служи на лидерот – водач (во Италија Дуче) кој одлучува за се. Тој знае се, во се може да се разбира и неговото е последно. Спротивставувањето на водачот значи елиминација на оној кој ќе се спротивстави.

Режимските 11 години

Тоа би требало добро да го знае и да го има научено овој млад активист на скопските вмровци.

Затоа што имаат таков водач – лидер кој ги водеше и нив, но и државата, низ деспотијата и авторитарниот режим, пред кукавички да побегне за да не оди во затвор – за криминал – со помош на странски земји, негови поддржувачи и заштитници. И, се уште ги води, од задграничната канцеларија, што е историска вмровска оставштина.

Сега, колку да не излезе дека сме заборавиле – тоа се 11 – те години апсење на улица и пред режимски тв камери. Држење во затвор без обвинување и без судење. Прислушување на телефоните на над 25 илјади македонски државјани.

Тоа се годините кога избеганиот водач беше и главен архитект и главен урбанист. Кога градеше непотребни мостови, кич споменици, кога беше и обвинител и судија, кога целото работно време го користеше за тоа како да се исперат валканите пари на белосветските и на неговите мангупи кои станаа најбогати во Македонија. Како и за тоа – колкава провизија притоа да се земе, во годините кога земањето поткуп беше работа на државата – на тогашната власт.

Кич театар на улица

Тоа е времето кога се правеа кич претстави за уреден популизам со некакви евтини театрални настапи на водачот во стилот – од мобилка да се праќаат команди по општините, за да наводно му се помогнело на НАРОДОТ – да се реши некаков проблем.

Во стилот на ОНОЈ дуче во Италија кој постојано има зборувано дека работи и живее за народот, градејќи мегаломански, непотребни и повеќето кич споменици, како и шетајќи по италијанските полиња со коса и срп во рацете. Секако, сето снимено од режимските камери. Како што тоа сакаше да го прави и го правеше и овдешниот водач, за време на ретките појавувања во јавноста – меѓу народот.

Слична таква кич претстава приредија и демонстрантите против владата – кога една вмровска активистка – театрално исече заштитна маска за лицето.

Но, од тоа и такво друштво, како и од оние кои ги натераа да се појават на улица, сега барам извинување. За навредата, за тоа што ме споредуваа со фашизмот. Што мене и на другите ни го повредуваа нашето право на здравје.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе