Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Не може да се постигне колективен имунитет“

Photocreo/Depositphotos.com

„Не може да се постигне колективен имунитет“

Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, во пролета минатата година, британската влада, советувана од некои домашни експерти – епидемиолози, градеше посебна одбрана од вирусот заснована на тоа дека не се потребни специјални мерки за заштита, повикувајќи се свеста на секој поединец. Намерата беше да се создаде т.н. колективен имунитет од оние кои ќе се заразат и ќе оздрават.

Таа теорија за колективна „одбрана“ која на почетокот ја бранеше и Шведска, но како свој модел и без гласноста на Британците, а подоцна околу тоа се размислуваше и во Холандија, остана важечка во Велика Британија, дури и кога во Италија, на пример, луѓето се заразуваа и умираа, безмалку како во средновековните епидемии – најчесто од чумата.

Постојат сознанија дека во тоа време кое наликуваше на она – кој ќе преживее ќе раскажува – се починати голем број – главно возрасни лица – што ја направи оваа европска земја да се рангира многу високо во светот, според смртноста од вирусот.

„Закопана“ теорија

Работите почнаа да се менуваат откако и Британија почна забрзано да брои инфицирани и починати луѓе, а посебно откако премиерот Борис Џонсон, дотогаш силен бранител на создавање колективен имунитет во земјата – во услови на непостоење на никаква вакцина против короната – се зарази и мораше една седмица да помине на интензивна нега во болница.

Британците тогаш брзо ја напуштија теоријата за колективен имунитет и почнаа да се заштитуваат со носење маски, со одржување дистанца, а потоа и со остар локдаун, кога во карантин се најде и Лондон. Кога се појавија вакцините, британската влада ги „зароби“ за себе оние на британско – шведската компанија Астра/ Зенека, го прекрши договорот за програмата Ковакс, воспостави национализам и политика за вакцините и почна со интензивно вакцинирање на сопственото население.

Една година по деновите кога се пропагираше колективен имунитет и кога забрзано се трагаше по спасоносните вакцини, раководителот на тимот од истражувачкиот центар во Оксфорд, кој ја создаде вакцината за Астра/Зенека, конечно, ја „закопа“ теоријата за колективен имунитет на премиерот и на неговиот советнички тим од тоа време.

Короната не е како сипаниците

Според професорот Ендрју Полард – “не е можно да се постигне колективен имунитет, сега и во услови на интензивна вакцинација, затоа што индискиот сој (Делта вирусот) се шири брзо и меѓу оној дел од популацијата кој е веќе вакциниран“.

Тој смета дека вакцините нема да можат да го запрат ширењето на коронавирусот на начинот на кој било запрено ширењето на сипаниците.

„Тоа значи дека сите кои не се вакцинирани, во определен момент ќе се сретнат со вирусот“ – има изјавено Полард, уверувајќи дека вакцинацијата може да го забави процесот на пренесување на короната.

Овој британски експерт вели дека во овој момент Делта вирусот ги напаѓа и ги инфицира и оние кои се вакцинирани, па затоа колективен имунитет не би можело да се постигне, изразувајќи сомнежи дека вирусот ќе може да го отфрли и следниот (мутиран) сој, што веројатно ќе се шири и пренесува уште побрзо меѓу вакцинираните лица.

„Не вакцинирајте деца“

Тоа, како што вели Полард, е дополнителна причина да не се инсистира за создавање на колективен имунитет со вакцинирањето.

Овој британски научник е против тоа да се вакцинираат децата, за да се заштитат возрасните. Тој смета дека е подобро и корисно да се обезбеди вакцинација за возрасните и тоа низ целиот свет.

Ендрју Полард ги критикуваше и најавите на британското министерство за здравство кое најавува вакцинирање со трета доза. Тој вели дека треба да се прекине со тоа, затоа што Британија би можела да се најде во ситуација во која постојано ќе врши довакцинирање на луѓто.

Полард се залага за прекинување на масовното тестирање и наместо тоа да се премине на доброволно клиничко тестирање.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе