Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Маски треба да носат и вакцинираните

Dirima/Depositphotos.com

Маски треба да носат и вакцинираните

Во време на летото кое оваа година на југот од Европа е екстремно топло, коронавирусот продолжува да создава проблеми.

Пандемијата одново се зголемува низ регистрираните случаи на новозаразените, сега со индискиот сој на короната, означен како Делта вирус. Смртноста, навистина, е помала од минатото лето, но целата оваа ситуација изгледа познато и не делува неочекувано.

Епидемиолозите уште пред почетокот на сезоната на одморите, предупредуваа дека летувањата и рашетувањето по летувалиштата, како и наглото олеснување на дотогаш важечките ограничувања – пред се носењето маска на лицето и одржувањето дистанца меѓу луѓето – може да ја вратат короната.

Особено што сега има неколку верзии мутанти на основниот вирус и што поголемиот број луѓе во светот се вакцинирани со една доза од некоја од вакцините.

Одново забрзана имунизација

Новиот напад на короната ги натера земјите во Европа, како оние во ЕУ, така и другите и во САД, каде пандемијата се врати со четвртиот бран, да ја покренат масовната вакцинација која олабави, затоа што луѓето станаа незаинтересирани за тоа, уверувајќи се себе си дека пандемијата е завршена.

Германија, на пример, ги укинува бесплатните тестови кои досега важеа, за да ги натера невакцинираните (кои не се малку) да се вакцинираат.

Слични мерки навестуваат и Британците кои и натаму веруваат дека се ослободиле од короната и се противат на враќање на некои од ограничувањата.

Наместо тоа, сега пропагираат (за себе) дека треба да се вакцинираат и децата, или да се дава и трета доза, пред се, на некои категории луѓе, без разлика што Светската здравствена организација (СЗО) сугерира да не се брза ниту со едната, а ниту со другата мерка.

Едноставно, за да не се трошат непотребно вакцините кои понатаму може да бидат повеќе потребни.

Ризикот е помал, но постои

Новиот бран кој е присутен и во регионот на Западен Балкан, како и на целиот потег од Словенија, до Грција и Турција, вклучувајќи ја и Македонија, иако кај нас во засега поумерена форма, ја отвори старата дебата за тоа како да се однесуваат вакцинираните лица. Дали треба и натаму да бидат внимателни – како што тоа го правеа пред имунизацијата – или да отфрлат се, враќајќи се во „нормала“ – без маските и физичкото дистанцирање.

Сегашните експертски сознанија велат дека можноста од заразување со короната е ТРИ ПАТИ ПОМАЛА кај оние кои се вакцинирани, отколку кај невакцинираните. А, тие не се само антиваксерите, туку и оние кои од разни други причини продолжуваат да веруваат дека тоа не е потребно.

Но, дали вакцинираните, сепак, може да бидат носители на вирусот и да се јават и како негови пренесувачи.

Според луѓето во германскиот институт „Роберт Кох“, веројатноста оние кои веќе се имунизирани да се појават како позитивни на ПЦР тестовите – е мала, па сепак, таквата можност, постои. Податоците укажуваат дека иако количеството на вирусот е многу помала кај вакцинираните, има ризик дека тие луѓе може да ја шират короната.

Маски и дистанцирање

Германски експерти сметаат дека тоа зависи од ефектот на вакцината кај некои луѓе и од количеството на вирусот околу определено лице. Тоа, би можело да биде посебно опасно за постарите лица, како и за оние кои се заболени.

Има и такви кои не се целосно вакцинирани (само со една доза) и тие би можеле тешко да се разболат, доколку се заразат.

Сето ова, сметаат епидемиолозите во Германија, но и во другите делови од Европа и САД, налага дека – ВАКЦИНИРАНИТЕ ТРЕБА ДА НОСАТ МАСКИ, како и да држат дистанца, особено ако се во друштво лица кои не се вакцинирани. Посебно на места каде се собираат многу луѓе – како што е тоа било кој од јавниот превоз.

Ова е време кога низ светот доминира Делта вирусот, кој е многу позаразен од оној основниот од Вухан, а и полесно и побрзо се раширува, па затоа лекарите велат дека овој сој на короната, практично, носи многу поголемо количество од вирусот. Таков каков што е, се внесува во организмот на луѓето, а тоа значи дека сега РИЗИКОТ ОД ЗАРАЗУВАЊЕ Е МНОГУ ПОВИСОК.

Свадбите ризични и за вакцинираните

Останува и дилемата за тоа дали вакцинираните би требало да се тестираат на вирусот.

Епидемиолозите (и во Европа и во САД) сметаат дека доколку едно лице се наоѓа на некоја забава, или на некаква семејна прослава, добро би било сите да се тестираат – како вакцинираните, така и оние кои тоа не го направиле.

Таквите помасовни собирања – вклучувајќи ги и свадбите, кои се многу популарни на југоистокот од Европа и секако на Балканот – се високо ризични дури и за вакцинираните.

На вакви собирања на кои нема дистанцирање и на кои никој (освен персоналот на салите каде се организираат) не носи маска – ризикот е зголемен и за имунизираните. Ниту тие не се безбедни и не треба да се однесуваат „нормално“ – што тоа и воопшто да значи.

„Едноставно, никогаш не е познато дали некој – па без разлика дали станува збор за еден, или за двајца присутни – носат во себе коморбидитет. Затоа, би требало сите да се тестираат“ – порачуваат епидемиолозите.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе