Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Меѓународен „специјалец“ во Босна

bloodua/Depositphotos.com

Меѓународен „специјалец“ во Босна

Кристијан Шмит поранешен германски министер за земјоделство во владата на Ангела Меркел, од редовите на „сестринската“ баварска ЦСУ во блокот што оваа партија го има со поголемата и помоќна ЦДУ, на се уште актуелната канцеларка на Германија, стапи на должноста во Сараево, како претставник на меѓународната заедница во БиХ.

На таа функција, Германецот го замени досегашниот меѓународен претставник Валентин Инцко. Но, неговото доаѓање е проследено со бурни настани и случувања кои и претходеа на оваа, во основа, техничка смена на функцијата, а кои продолжија и на стартот од неговиот мандат.

Затоа, Шмит веднаш беше означен како меѓународен “специјалец“ во Босна кои ќе треба да работи за да не „пукнат рабовите“ на кои се одржува оваа поранешна ЈУ република, која и после повеќе од четврт век од завршувањето на војната, не може да обезбеди вистински мир.

Студено добредојде

Муслиманските (бошњачките) политичари и тој дел од босанската јавност очекуваат тој да ги смири тензиите кои ја потресуваат земјата изминатите месеци.

Хрватскиот блок тврди дека во него гледа пријател. Впрочем, пред две години, токму актуелната влада на ХДЗ му има доделено орден за неговите силни заложби за прием на Република Хрватска во ЕУ. Но, премиерот Андреј Пленковиќ во Загреб изјави дека “верува оти Шмит ќе работи во интерес на сите во БиХ, како и во интерес на босанските Хрвати кои треба да останат рамноправни“, со другите две конститутивни етнички заедници.

Во српскиот ентитет на државата – Република Српска – меѓутоа, а посебно од нивниот лидер и член на претседателството на БиХ, Милорад Додик новиот претставник е пречекан како непријател.

За овој националистички определен политичар, Шмит не е добредојден и дека тој „лажно се претставува “, бидејќи за (босанските) Срби не е никаков меѓународен претставник. Односно, дека тој и неговата позиција се непотребни и треба да се укинат како „анахронизам и надживеано “ решение.

Додик против Шмит

А, функцијата е креирана со Дејтонскиот мировен договор, што токму Србите во БиХ не дозволуваат на било кој начин да се редизајнира, дури ниту за да се овозможи функционалност на земјата, постојано инсистирајќи работите да останат како што е зацртано во договорот, направен пред повеќе од 25 години во воената база во Дејтон, во сојузната американска држава Охајо.

Додик зборува дека „овој човек (Шмит) не е добредојден“ во неговата Република Српска, притоа повторувајќи ја сепаратистичката ориентација за „мирно растурање“ на Босна и за подоцнежно приклучување на енклавата кон Република Србија.

Од Белград, меѓутоа, нема никаква (јавна) реакција. Претседателот на Србија не го има коментирано доаѓањето на новиот човек на меѓународната заедница во Сараево, освен што (одново) порача дека го почитува територијалниот интегритет на БиХ, но и интегритетот на енклавата Република Српска.

Запалива атмосфера во БиХ

Како и да е, Шмит стапи на должност во една запалива атмосфера во Босна – предизвикана од постојаните закани на Додик за отцепување, од одбивањето на Бања Лука на било каква идеја за (неопходните) промени на Дејтонскиот договор – што инаку се во интерес на сите во државата – како и од одлуката на Инцко, пред заминување, да наложи казнивост на негирањето на геноцидот во Сребреница.

Тоа од Србите (Додик) беше примено како отстапка, кон муслиманите и како закана (!?) за Србите, па тој реагираше со контра мерка.

Брзо наложи да се донесе контра закон со кој се негира одлуката на Инцко, а налутен одлучи тој и другите српски функционери да ги бојкотираат федералните тела, со што ја блокираа и онака постојано блокираната БиХ. Уште се заканува дека ќе се повлече и од колективното претседателство.

Шмит така, на своето стапување на функцијата, се сретна со актуелниот претседавач на претседателството Жељко Комшиќ (босански Хрват) и со муслиманскиот претставник Џаферовиќ, но не и со било кого од српската етничка заедница во Босна.

Трагање по компромиси

Сега европските дипломати и германските весници се прашуваат како овој „специјалец“ испратен на предлог на Меркел и со „благослов на ЕУ ќе работи и што тој, воопшто, може да направи.

За него велат дека е принципиелен и прецизен политичар кои работа врз основа на фактите со кои располага и дека како таков има изградено и кариера во германската политика. Од 2018 година тој е само пратеник во Бундестагот и член на Одборот за надворешна политика на германскиот пратеник.

За негов успех, како „специјалец“ во Босна, сепак, ќе му треба соработката со локалните политички (националистички) елити со кои ќе треба да гради компромис.

Во овој момент е важно да се „олади“ реториката на бошњачките политичари, како и да се дефинира што навистина сака Загреб.

Таму продолжуваат да војуваат со Комшиќ, одбивајќи да го прифатат како претставник на (босанско – херцеговските) Хрвати, кокетирајќи понекогаш и гласно со идејата за обнова на „Херцег – босна“ како енклава во БиХ за Хрватите и притоа, не ретко согласувајќи се со екстремизмот на Додик. Посебно кога станува збор за неменливоста на Дејтонскиот дил.

Изолација за Бања Лука и Белград?

Главната работа, меѓутоа, ќе треба да се случи во српскиот дел, во Република Српска, а тоа дефинитивно, не ќе може да се направи со еден ваков Додик. Тој е главниот кочничар на сите работи, колку и другите две страни да не може да се наречат „светци“.

Бања Лука со својот семоќен лидер, силно подржуван во Белград, се повеќе навлегува во конфронтација. Прво, со Сараево и со федерацијата, а потоа и со меѓународната заедница, а преку тоа со ЕУ и во секој случај со Германија, кога се гледа односот кон Кристијан Шмит.

Затоа, главното прашање е дали официјален Белград, а тоа значи претседателот Вучиќ, ќе си дозволат да се поиграат со иднината на српските граѓани само за да се одржи на власт Додик, за да и натаму остане „контраш“ на се што може и треба да се направи во БиХ.

Во тој случај, и српската енклава, но и Република Србија ризикуваат да се најдат во изолација.

Тоа би било висока цена за Србите во Босна и за српските граѓани во Србија – сега кога токму Белград, на сите ѕвона ѕвони за заживување на проектот „мини Шенген“ што после договорот во Скопје прерасна во Отворен Балкан. Во него, Кристијан Шмит треба да ја внесе и БиХ, која најмногу поради бошњачкиот отпор (поради политиката на Белград кон Сараево), засега, одбива да се приклучи.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе