Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Тестирање на сите жители на Вухан

VictorJiang/Depositphotos.com

Тестирање на сите жители на Вухан

Властите во кинескиот град Вухан соопштија дека одлучиле да направат корона – тестови врз сите жители на овој 12 милионски град, откако, како што официјално се тврди, во градот „се појавиле неколку нови случаи на корона вирусот“.

Станува збор за само три нови случаи и за вкупно околу 300 новозаразени лица во последните недели. Властите тврдат дека последните новоинфицирани се „работници кои допатувале од другите кинески провинции“, но дека сепак, се определиле за масовно тестирање сите жители – какво што никаде до сега не е направено.

Град-епицентар на короната

Вухан, е градот-епицентар на големата глобална пандемија со короната од која светот се уште не може да се ослободи, после дваесетина месеци од нејзиното избувнување.

Првите случаи тогаш третирани како „тежок облик на грип“ кој остава тешки последици врз белите дробови, а подоцна и како “непознат, моќен и смртоносен вирус“ се појавија токму во овој кинески град, уште во ноември 2019 година.

Градот е познат како виролошки центар затоа што тука се лоцирани десетина кинески научни лаборатории кои експериментираат и истражуваат вируси, врз природни основои, главно врз животни – лилјаци – кои некои од Кинезите ги користат и за храна.

Но, се правени експерименти во лабораториски услови и во потрагата по вакцини за други заразни болести, регистрирани во Кина, но и во другите делови од светот.

Тоа предизвика и се уште предизвикува силни сомнежи дека експлозијата со коронавирусот и со болеста Ковид – 19 која однесе над 4,5 милиони човечки животи – на глобално ниво – е предизвикана од луѓето, по некаква хаварија во една од главните лаборатории во Вухан.

Тој и таков инцидент предизвикал опасниот вирус, брзо да се рашири низ овој голем град и низ провинцијата во која се наоѓа, а потоа, со патувањето на кинеските туристи и работници, низ светот да ја „покори“ целата планета.

Лилјаци и експерименти

Официјален Пекинг категорично ги отфрла сите вакви сомнежи и инсистира дека вирусот потекнува од пештерските лилјаци од тој дел на Кина (кои инаку ја носат во себе короната), откако биле изедени од „други животни“ кои луѓето ги користат за исхрана и на тој начин го префрлиле вирусот на луѓето.

Многу научници во светот, меѓутоа, не веруваат во оваа приказна на кинеските власти и бараат од Светската здравствена организација (СЗО) да се избори за уште една истрага – со посета на лабораториите во Вухан.

Кина веќе соопшти дека нема да прифати нова истрага за короната, инсистирајќи дека таа ја има совладано пандемијата и дека Вухан е „слободен“ град.

Таму во јуни се одржуваа и големи свечености и концерти со присуство на десетина илјади лица, без никакви ограничувања, но сега и официјално се тврди дека короната се вратила во овој голем град. Последните случаи беа регистрирани во мај годинава.

Сите новозаразени се од т.н. Делта варијанта на вирусот (индискиот сој) што прв пат се појави во јуни, во источните делови од Кина, а потоа се ширеше и низ другите делови од земјата, иако со далеку помала брзина од оној, оригиналниот вирус, од Вухан.

„Фризирани“ податоци

Епидемиолозите од другите делови на светот, внимателно ја надгледуваат целата ситуација со Вухан, поучени од настаните на почетокот од 2020 година.

Особено што е познато дека долго време, на стартот од минатата година, кинеските власти ја сокриваа вистината и даваа „фризирани“ информации во врска со вистинските размери на епидемијата со која таму се соочуваа, а другиот дел од светот не знаеше ништо за тоа.

Сега, одново се зборува за „неколку случаи” на новозаразени, а сепак, за нив се покренува една огромна операција – сите да се тестираат. Затоа, се стравува дека одново се случува февруари 2020 година и дека уште еднаш, можеби Кинезите не ја откриваат правата вистина за ситуацијата во градот Вухан.

Кина на 107 место?

Официјално, во провинцијата Хубеј и во Вухан заразата е префрлена од соседната провинција Жиангсу и нејзиниот главен град Нанџинг, каде во изминатите две недели бројот на новозаразените – се има искачено на 420 лица.

До 2 август, Кина со своите 1,5 милијарда жители, која на светот му го даде најубиствениот вирус во изминатите 100 години, службено има пријавено само околу 94 илјади заразени и вкупно помалку од пет илјади смртни случаи.

Според овие службени податоци на властите во Пекинг, Кина е рангирана дури на 107 место во светот, далеку под цела низа мали земји во светот, што изгледа крајно нереално.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе