Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Хрватите и Србите во кавга за Никола Тесла

demerzel21/Depositphotos.com

Хрватите и Србите во кавга за Никола Тесла

Хрватите и Србите влегоа во една типично балканска расправија, за тоа чиј е американскиот научник Никола Тесла и кому повеќе му припаѓа – на Хрватска, или на Србија.

Засега во расправијата не се има вклучено политиката, но реагираа претседателот и премиерот на Хрватска. Зоран Милановиќ, во свој стил, изјави дека Брус Ли има врска со Србија, колку што има Тесла, а премиерот Андреј Пленковиќ рече дека  Белград може да има свој став, но тој е без влијание. И уште дека- „никој никому ништо не одзема“ .

Од српска страна, меѓутоа, многу брзо и прва  во кавгата се вклучи Народа банка на Србија (НБС), тврдејќи дека станува збор за „присвојување на културното и научното наследство на српскиот народ“, предизвикувајќи ја реакцијата на Загреб.

Што ќе биде – кога ќе биде

Во елаборација на ваквата оценка, НБС вели дека „прославениот научник се декларирал како Србин по потекло“ и уште се навестува дека доколку хрватската страна не се откаже од својата намера – тогаш е „сосема сигурно дека (Србија) ќе преземе соодветни активности кај надлежните институции на ЕУ“.

А, поводот на расправијата околу Тесла, кој е роден во близината градот Госпиќ во Република Хрватска, од српско етничко потекло,  е нешто што допрва треба да се случи!

Тоа е – Хрватска да стане членка на еврозоната, па потоа да може да издава и монети со хрватски мотиви што би се пласирале во зоната на еврото – како што тоа им е овозможено на сите сегашни членки.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претходно,  најави дека владата во Загреб планира Хрватска (веројатно заедно со Бугарија) да влезат во еврозоната до крајот на 2023 година.

Со евро од 2023 година?

По тој повод, во земјата била спроведена анкета меѓу населението околу тоа кои и какви мотиви да се најдат на кованите евра и малите центи.

Според владата, анкетата правена преку интернет, покажала дека Хрватите се определиле на монетите што ќе ги издава Хрватска да се најдат – шаховницата, географската карта на државата, куната, глаголицата и – Никола Тесла.

За овој голем научник, се определиле над една петина од учесниците во анкетата, па мотивот со Тесла го има истиснато дури и Дубровник, што претходно го предложила владината комисија.

Во Загреб велат дека станува збор за конечен предлог, што ќе се разгледа на Националниот совет за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска, за што владата, потоа, ќе донесе конечен заклучок.

Реакција на НБС

Но, шаховницата, секако, ќе ја има на сите монети, додека другите ќе бидат распределени според разните апоени од две и едно евро и на оние од 50, 20 и 10 центи.

Никола Тесла би се нашол на монетите од половина евро и од 20 и десет центи.

Сето тоа е во сферата на она што ќе треба да уследи – Хрватска, прво, да влезе во еврозоната, за што се потребни низа економско – финансиски стандарди што оваа поранешна ЈУ република, членка на ЕУ од јули 2013 година, се уште ги нема  исполнето.

НБС во Белград, меѓутоа, силно полемизира и со тоа – дали Хрватска воопшто има право да става свои мотиви на монетите што таа ќе ги издава, што во крајна смисла не е нејзина работа, ниту е работа  на било кого во Република Србија.

Урнат споменик на Тесла во 1992

Така или не, расправијата е покрената.

И, како тоa обично се случува на балканските простори – веднаш на помош е повикана историјата. Во случајот со Тесла, не од 19 или 20 век кога тој живеел, туку од времето на распадот на Југославија и првите години на независна Хрватска.

Историчари потсетуваат дека во тие години, на научникот од САД се гледало сосема поинаку, па се потсетува дека во 1992 година, тогаш новата хрватска власт на ХДЗ (која и сега е владејачка партија) донесе одлука да се тргне споменикот на Тесла од главниот плоштад во Госпиќ.

Споменикот беше оддалечен само пет километри од неговата родна куќа, а се одлучило и да се преименува плоштадот, што до тогаш се нарекуваше со името на научникот, роден во тој крај.

Подоцна, властите и го урнаа споменикот и целосно ја видоизменија локацијата.

„Победа на здравиот разум“

Но, хрватскиот историчар Хрвое Класиќ на сегашната ситуација гледа како на позитивна промена во Хрватска.

За него, гласањето на хрватските граѓани, Тесла да се најде на идните центи кои ќе се издаваат кога земјата ќе биде во еврозоната, е „победа на здравиот разум, а пораз на хрватскиот национализам“.

Според него е „срамота да се бројат крвните зрнца на Тесла, како во Хрватска, така и во Србија“. Класиќ смета дека Тесла никогаш во својот живот немал полза ниту од Србите, а ниту од Хрватите. Сега и едните и другите сакаат да го користат за себе и се расправаат чиј е тој – вели овој историчар.

Расправијата околу присвојувањето на големиот научник, меѓутоа, продолжува во балканскиот стил да се тера кавга за историјата и за нејзиното толкување и гледање, на чудење и неразбирање на странците.

Тесла е Американец

Американскиот амбасадор во Белград, на пример, во една претходна расправија има речено дека на ја разбира ваквата кавга, кога Тесла е Американец и тоа не по раѓањето, туку според неговиот личен избор, како и дека Американците се горди на своето наследство, без разлика на корените, па тоа се однесува и за Никола Тесла.

Ретки се оние- и на двете страни – кои велат дека кога би го слушал и гледал сето ова, што се случува денеска, 165 години по неговото раѓање,  Тесла би се срамел од однесувањето во Србија (и во Хрватска).

Уште поретки се оние (во Белград) кои мислат дека треба да се прифатат фактите – а тие се дека научникот е роден во Хрватска, со српско потекло, па затоа не може да биде ниту само хрватски, ниту само српски. Едноставно, треба да се прифати дека им припаѓа и на двете страни, па затоа и едните и другите можат да го сметаат за „свој“.

Расправија која тече

Другите, а тие се мнозинството, продолжуваат да се убедуваат кој е повеќе во право.

Во Загреб, на пример,  велат – дека Тесла никогаш не престојувал во Србија, откако како многу млад заминал, како емигрант, во Америка.

Во Белград на тоа одговараат – дека после хрватското решение за евро монетите, Србија (когa ќе влезе во ЕУ/еврозоната) ќе треба на своите центи да го стави ликот на хрватскиот бан Јелачиќ – затоа што е роден во Петроварадин, во Војводина (денес дел од Република Србија), во времето кога таа била дел од Австро – унгарската империја.

Од хрватската страна, на ова возвраќаат со Вук Караџиќ и велат дека творецот на современиот српски јазик бил роден во селото Тршиќ (во тогашна Отоманска Империја). Целиот свој живот го поминал во Австро-унгарија и умрел во Виена. Па, според тоа тој и не бил роден на територијата на Србија.

Бан Јелачиќ и Караџиќ

Расправијата продолжува и многу е веројатно дека ќе заврши и како што почна, затоа што правењето за евро монети со хрватски мотиви би требало да почне шест месеци, пред Хрватска да стане членка на еврозоната и да го прифати еврото за своја валута.

Новото препукување на Загреб и Белград, во стилот кој прв почна, сепак, покажува дека влегувањето во ЕУ и членството во Унијата не значи – автоматски – европеизација и на духот и на општествената свест во новопримената земја – членка.

Тоа го покажува, прво, Унгарија, но и една Бугарија, со нејзиниот насилнички  однос кон Македонија, а еве сега во слична ситуација се најде и Хрватска, колку и да е различна кавгата за тоа – чиј е Тесла.

Допрва треба да разбереме како ќе се однесуваат во Софија, кога тие таму ќе влегуваат во еврозоната и кога ќе имаат право да издаваат „свои“ евро – монети. Особено што ЕУ која мораше да реагира во српско-хрватската расправија, појасни дека секоја земја од еврозоаната САМАТА си одбира мотиви за монетите што ги издава.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе