Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Страв од мемоарите на Хари

p.k./Depositphotos.com

Страв од мемоарите на Хари

Британскиот принц Хари пишува мемоари за својот живот, што треба да се појават кон крајот на идната 2022 година.

Според соопштението на издавачката куќа „Рандом Хауз“, книгата ќе даде “конечен приказ на животните искуства, на доживувањата и  на загубите и животните лекции кои му имаат помогнато на Хари да се изгради како личност“.

Бегство во Америка

Војводата од Сасекс и неговата сопруга, Американката Меган Маркл која ја носи титулата војвотка од Сасекс, се откажаа од своите ројалистички задолженија, ја напуштија Велика Британија и сега живеат во САД, во Калифорнија, со своите две деца.

Обајцата ја вознемирија јавноста во Британија и го протресоа кралското семејство со интервјуто за американската телевизија со Опра Винфри.

Во него на необично отворен начин, за членови на најтесното кралско семејство, зборуваа за состојбите во семејството, за односот кон Меган, за нејзината борба со лондонските таблоиди кои од почетокот се нафрлија врз неа.

Таа во интервјуто откри дека кога побарала помош, од семејството, за да ја заштитат од медиумите, тоа не сакало да и помогне.

Расизам во семејството

Врв на откривањето работи за семејните состојби беше нивната изјава дека еден од луѓето во семејството ги има прашано каква ќе биде бојата на кожата на нивното прво дете, тогаш се уште не родениот син Арчи. Тоа обајцата го имаат примено како расизам.

Во интервјуто Хари и Меган одбија да откријат за кого станува збор, освен што само рекоа дека тоа не се кралицата Елизабета и тогаш се уште живиот војвода од Единбург, принцот Филип, сопругот на кралицата.

Но, критиката дека во британското кралско семејство постои расизам, предизвика големо бранување во тамошната јавност.

За својата книга – мемоари Хари има изјавено дека ја пишува не како принц, туку како човек каков има станато.

Што ќе се најде во книгата

Токму тоа, сега, ја плаши домашната јавност, но изгледа и кралското семејство со кое и натаму се нема до крај измирено.

Ретко комуницира со татко му, принцот – престолонаследник Чарлс, со братот Вилијам, како и со неговата сопруга Кетрин – Кејт – Мидлтон со кои беше исклучително близок.

Само на два пати има престојувано во Лондон – еднаш на погребот на неговиот дедо принцот Филип, а вториот пат на откривањето на споменикот на неговата покојна мајка, принцезата Дијана. И во двата случаи без сопругата Меган.

Претходно, во една прилика,  Хари има признаено дека со алкохолот и со дрогата настојувал да ги сокрие емоциите поради смртта на мајка му.

Дијана и Меган

Оние кои му се блиски и  наклонети сметаат дека одлуката да се повлече од кралските обврски е само негова и дека е последица на односот на јавноста, на медиумите и на некои луѓе во семејството кон неговата избраничка, а  сега сопруга Меган Маркл.

Во една друга ситуација Хари има признаено дека не сакал уште еднаш да гледа како медиумите се нафрлаат врз Меган, исто онака како што на времето се имаат нафрлено врз мајка му, принцезата Дијана.

Не само Хари, туку и братот, принцот Вилијам сметаат дека токму таблоидите се виновни за нејзината стресна состојба во последните години од животот и за прераната смрт.

Хари – немиркото

Сето тоа, сега  се очекува да се најде во неговата книга – мемоари.

Во неа би можело дури да биде откриено и лицето кого тој и сопругата, во интервјуто за Опра Винфри, го обвинија за расизам, но и тоа за неговата одлука да оди на фронт, во војната во Авганистан, без знаење на никого, како и за времето минато во војска.

А, потоа и за мамењето на испит во колеџот Итон, за натепаниот лондонски папарацо, за носењето кукаст крст на кошулата на една “откачена“ лондонска журка, за секси „таблич“ партијата во Лас Вегас.

За сите овие работи лондонските медиуми веќе имаат детално пишуваа, но тогаш , на крајот, се завршуваше со симпатии за младиот принц, кого го означуваа  како „Хари – немиркото“.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе