Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Англија слави победа над вирусот“!

Powerofflowers/Depositphotos.com

„Англија слави победа над вирусот“!

Понеделникот (19 јули) во Англија се славеше како „ден на победата“ и како „враќање на слободата“ во еуфоријата создадена од владата во Лондон и од нејзе блиските таблоиди, како, безмалку, да се прославуваше Денот на победата, на крајот од последната светска војна.

Ваквата атмосфера беше создадена откако премиерот Борис Џонсон остана доследен на себе и на својот популизам, па како што ветуваше – ги укина речиси сите досегашни мерки против коронавирусот (во Англија).

„Закана за светот“

Не ги сослуша сугестиите од над 1200 домашни и странски експертите, а не ги послуша ниту нивните предупредувања дека прогласувањето „победа над вирусот“ во неговата Англија и „ослободувањето“ во стилот – навикнете се да живеете со короната – е закана за целиот свет.

Стадионите и големите сали за концерти и за претстави, од понеделникот, се отворени со полн капацитет. Тоа истото се однесува и за дискотеките и баровите, а повеќе нема да има никакви ограничувања и за угостителските објекти – популарните пабови.

Носењето маски на лицето повеќе не е задолжително, но (велат) дека е препорачливо во јавниот транспорт. Тука веќе веднаш настана хаотична атмосфера.

Разногласие околу маските

Според градоначалникот на Лондон Садик Кан, во чија надлежност е компанијата „Лондонски транспорт“ (автобусите и подземната железница во британскиот главен град) треба да се има маска при патувањето со градски автобус и со метрото.

Во градските возови и во т.н. комјутерски превоз – возовите кои го врзуваат градот со околните приградски населби – маските не се потребни, затоа што тој сообраќај е во надлежност на владиното министерство за транспорт – а владата објавени – нема веќе носење маски.

Маски не треба да се носат ниту во продавниците и во шопинг центрите, но таа мерка е укината само во Англија.

Засега, другите делови од Обединетото кралство не брзаат да го следат Џонсон, па од 19 јули тие имаат укинато само по некоја од мерките против вирусот.

Короната се врати во Британија

Ваквата одлука на британската влада – што за многумина епидемиолози е пребрзана, бесмислена и опасна – доаѓа во време кога Велика Британија, а посебно Англија секој ден бележи зголемување бројот на новозаразените.

Сите се инфицирани со индискиот сој (Делта вирусот) и сите се од редовите на помладата и младата генерација Англичани и жители на тој дел од Британија.

Бројот на хоспитализираните расте секој ден, како и на починатите, иако далеку помалку од бројките во јануари и февруари годинава, кога дневната бројка на заразените изнесуваше, исто како и сега, околу 55 илјади лица.

Меѓу новозаразнте е и новиот министер за здравство Саџид Џавид, иако е вакциниран со две дози, па сега се наоѓа во самоизолација.

Пилот-програма?

Првично не се откриваше како се заразил министерот, ниту каде, а не се откриваше ниту со кого се им среќавано пред да открие дека е позитивен на вирусот.

Потоа се разбра дека се среќавал со министерот за финансии и со премиерот Џонсон, што веднаш покрена лавина прашања – зашто Џавид е во изолација, а не се и тие двајцата.

Случајот го покренаа медиумите – зашто во изолација одат обичните луѓе, кои биле во контакт со позитивен на вирусот, или биле во иста просторија со него. Во изолација одат и оние кои се враќаат од странство – иако се вакцинирани и со направен тесст – но, тоа не важи и за премиерот на државата кој ги има наложено сите овие мерки.

Под притисок на јавноста, веднаш по тоа, Џонсон и министерот за финансии, наводно, доброволно се тестирале, па иако биле негативни, заминале во самоизолација.

И Џонсон во самоизолација

Но, Џонсон не би бил она што е доколку брзо не возврати, па брзо објасни дека целиот случај со неговото неодење во изолација, по блиските контакти со инфицираниот Џавид – всушност, бил дел од една „пилот програма“.

Целта (наводно) била да се испита дали вакцинирани лица, или во случајот на Џонсон и еднаш заболени од Ковид – 19, како што беше тој, можат одново да се инфицираат. Односно, да се утврди дали вакцините со кои се вакцинирани Британците – се ефикасни во борбата со пандемијата.

Јавноста, меѓутоа, колку и да се радува на „слободата“ и на „победата“ – сепак – не веруваш многу во приказната за „пилот програма“ – па, инсистираше на тоа дека кога станува збор за рамноправноста пред заштитните мерки – сите мора да бидат еднакви.

Здравствени пропусници од есен

Од самоизолација Џонсон, сепак, повика на внимателност и на будност и на тоа да се продолжи со вакцинацијата која и таму веќе не оди со она темпо како пролетоска.

Тој навести дека владата ја испитува можноста за воведување „здравствени пропусници“ – веќе од септември. Тоа ќе зависи од тоа дали состојбата околу новозарзените продолжи да се развива со сегашното темпо и го достигне очекуваното ниво од 100 илјади инфицирани за 24 часови.

Вакви пропусници – за тоа дека тој што ја поседува – е вакциниран со две дози – ќе бидат неопходни за влез во дискотеки и ноќни клубови. Тогаш нема повеќе да важат негативните тестови.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе