Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русија и Путин – сепак – со поддршка за Трамп

thenews2.com/Depositphotos.com

Русија и Путин – сепак – со поддршка за Трамп

Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин имаат покренато специјална операција за мешање во претседателските избори во САД во 2016 година – со силна поддршка на Москва за републиканскиот кандидат – означен како „ментално неспособен“ Доналд Трамп – тврди лондонскиот весник „Гардијан“ повикувајќи се на извештај, направен врз тајни документи на Кремљ.

Според весникот, оваа операција била одобрена лично од рускиот претседател, за која се расправало на специјална седница на Советот за национална безбедност.

Седницата била одржана во јануари 2016 година и на неа покрај Путин присуствувале и шефовите на сите руски тајни служби и министри во владата.

Во служба на руските интереси

Тогаш бил постигната согласност дека Трамп во Белата куќа би значело остварување на стратешките цели на Русија.

А, тоа значи – слаб претседател во Вашингтон, што пак би значело избувнување социјални и расни немири низ Америка, што би предизвикало земјата да биде постојано зафатена со себе и исполнета со постојана нестабилност.

Сето тоа би придонесло за отежнување на преговарачката позиција на САД – секаде каде би се судрила и соочила со Русија и со руските интереси.

Врз основата на една вака определена стратегија, трите руски разузнавачки агенции имаат добиено задача да ја покренат операцијата.

Што ќе рече – да направат се што треба Трамп да стане претседател на САД, а не тогаш попопуларната, фаворизирана кандидатка на демократите Хилари Клинтон – поранешен сенатор и државен секретар на САД.

Успешна операција

Клинтон успеа да го порази Трамп во т.н. народно гласање и тоа уверливо, но не стана првата жена претседател на САД, затоа што загуби при електорското гласање.

Тоа значи дека руската операција, на крајот, излезе успешна, а во Белата куќа влезе еден новак во политиката, целосно неук за претседателската функција, и тоа на земја какви што се САД, што тој уште веднаш почна тоа да го покажува и докажува.

„Гардијан“ вели дека документот кој го има на располагање го им дадено на експертиза на независни експерти кој заклучиле дека тој делува прилично уверливо и автентично.

Исто така, повеќе западни разузнавачки агенции внимателно го анализираат.

Истрагата на Роберт Малер

Кремљ, нормално, сето тоа го демантира, како што цело време официјална Москва, а повеќе пати и самиот Путин, уверуваат дека Русија не се мешала во изборите на САД во 2016, а ниту во последните во 2020 година, па дека сите такви тврдења се само злонамерни шпекулации и анти-руска кампања.

Во официјалната истрага на специјалниот истражител Роберт Малер, се докажа замешаноста на Русија по неколку основи.

Се докажа дека низа луѓе од штабот и опкружувањето на Трамп, во текот на изборната кампања, контактирале Руси на разни нивоа, но истрагата не откри дека некој од нив, за тоа има добиено задача од Трамп.

Неколкумина беа судени и осудени – за лажно сведочење и за попречување на правдата – во сите овие случаи на “руската врска“ во изборите од пред пет години, но ниту Москва, а ниту избраниот претседател Трамп прифаќаа дека имало руска поддршка за Трамп, за да и се наштети на Клинтон.

Трамп бега од сомничењето

За Трамп, тоа беа и останаа „лажни и измислени вести“. На тој начин Трамп бегаше од тоа да биде поврзан со Русија. Но и од тоа – никако да не излезе дека некој друг му помагал да стане претседател.

Цврсто верувајќи дека тој самиот – со својата политичка платформа – десничарска, расна и антиимиграциона, носен од изолационизмот, во стилот – Америка на прво место – ја има поразено Хилари Клинтон.

Уште и заканувајќи и се дека треба да одговара за „криминал“ во врска со аферата со приватните мејлови, кога таа беше министерка за надворешни работи.

Сето тоа беше онака како што Русите (според документот што го има весникот) го имаат смислено во сценариото. Трамп да биде претседател и да се однесува и да дејствува онака како што тоа им одговара на руските интереси.

Извештаите на кои се повикува весникот – сите означени како супер тајни – меѓутоа, го третирале Доналд Трамп крајно неубаво.

„Комплекс на инфериорност“

Во психолошкиот портрет што бил направен, тој е окарактеризиран како – „импулсивен, ментално нестабилен и како неурамнотежена личност“, за која се вели дека страда од комплексот на инфериорноста.

Во документите што ги има презентирано „Гардијан“ се вели и дека Русија има компромитирачки материјали за Трамп – нејзиниот штитеник – од времето пред да стане претседател на САД.

Тоа се годините кога руските тајни служби го имаат одбрано за надгледување, тогаш како потенцијален кандидат за лобист за руската кауза, но и од неговиот приватни (бизнис) посети на Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков има речено дека документите на кои се повикува лондонскиот весник се „пет – парачка литература“.

„Гардијан“, меѓутоа, забележува за „необично лесната достапност“ на сите документи на Кремљ за Трамп и за руското мешање во изборите на САД.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе