Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Кубанците на масовни социјални протести

Кубанците на масовни социјални протести

Неколку денови Кубанците излегоа на улиците од Хавана и десетици помали места во внатрешноста, на први масовни протести по низа децении комунистичка власт на овој најголем и најнаселен карибски остров.

Демонстрациите во својата основа се социјални, а не политички, какви што во минатото, повремено се случувале, иако на сегашниве протестите демонстрантите имаат извикувано и пароли за демократија на Куба и за слобода.

Недостиг на храна

Луѓето протестираат поради недостигот на храна и на основните потреби на луѓето, ситуација со која Кубанците, инаку, се соочуваат сите изминати години на кастровиот режим, како и против скапотијата и високите цени на она што се нуди.

Но, и незадоволни од начинот на кој властите се справуваат со пандемијата со коронавирусот, што сега е широко раширена на островот.

Во судирањето со полицијата се јавува и за (засега) една жртва, 36 годишен млад Кубанец кој загинал во судирите со специјалните сили во едно предградие на Хавана.

Властите тврдат дека инцидентот се случил за време на “брутално насилство“ на демонстрантите, додека, како што се вели, напаѓале владини објекти.

Прва жртва

Сведоци на случувањата, меѓутоа, велат дека тоа не било така и дека полициските сили се нафрлиле врз демонстрантите кои мирно протестирале.

Демонстрациите од било каков облик, или за било која причина,  се забранети на Куба – со закон.

Во секој случај не се знае како загинал демонстрантот. Властите уверуваат дека луѓето „подметнувале пожари, ја напаѓале полицијата и атакувале дури и на луѓето кои не им се придружиле“.

Другата страна има сосема поинаква верзија за сите случувања и тврди дека силите на редот се нафрлиле врз демонстрантите, како и дека на почетокот употребувале и огнено оружје.

Се зборува дека имало и контра протести, но тие биле во помал обем, кога се видела масовноста на главните протести и брзината со која тие се рашириле низ државата.

Апсење на дисидентите

Колку што се знае, над сто лица се уапсени, а нивните роднини им изјавиле на странските медиуми дека голем број од уапсените биле извлекувани од дома, означени од порно како дисиденти и како противници на режимот.

Сепак, во средата, полицијата била тргната од улиците и се добива впечаток како властите да воспоставиле контрола врз случувањата, иако политичката ситуација останува напрегната и нервозна.

Изгледа дека владата на претседателот Мигуел Дијаз Канел, првиот кој не е Кастро, без разлика што беше определен за наследник на челната позиција во државата од Раул Кастро, братот на починатиот „Ел Команданте“ – Фидел Кастро, не очекувала дека може да дојде до еден ваков револт.

Во стилот на кастровци, Канел веднаш ги обвини САД за избувнувањето на протестите.

За тоа дека со воспоставената блокада, која е силно заострена во време на администрацијата на Доналд Трамп, Куба се соочува со недостиг на прехранбени производи.

Канел ги обвинува Американците

Канел уште обвинува дека тоа се прави намерно, за да се испровоцира незадоволство кај Кубанците.

Сепак, колку и да е блокадата тешка, кубанската власт, особено не сегашнава, не би требало да се брани и оправдува за сите кубански промашувања и неуспеси со САД, со непријтелството на Амерка и со воспоставената блокада.

Од револуцијата и падот на диктатурата на претходниот режим, на 1 јануари 1959 година, Куба сепак можеше да спроведе некакви свои, внатрешни реформски мерки и да застане на свои нозе. Особено што во времето на светскиот комунизам беше галениче на СССР и на комунистичка источна Европа.

Ништо од тоа не е направено, или е направено крајно малку, откако падна комунизмот и се растури СССР.

Во Хавана, тогаш се зборуваше дека Куба ќе тргне по патот на Виетнам, со комунистичка партија, но со отворена економија, во кинески стил. Засега, ништо од тоа не се случува на Куба. Виетнам, пак, во меѓувреме стана економски тигар во Југоисточна Азија.

Ограбување на продавниците

Тоа е она што го предизвика гневот на луѓето, затоа што се уште мораат да живеат во услови на рацонализирано снабдување, со ограничени можности да се најдат и најосновните потреби за едно домаќинство.

И, живеат  во сиромаштија, шеесет и неколку години подоцна од ветувањето на Фидел Кастро дека на Куба настапува ново време на револуција, на благосостојба и еднаквост.

Но демонстрантите во малото место Сан Антонио де лос Бањос, каде се случија првите протести, и сега, во 21 век, не гледаат ништо од тоа во современа Куба, па затоа гневни тргаа во грабежи.

Беа ограбувани продавниците во кои цените се во странска валута.

За многу Кубанци овие продавници се единственото место каде може да се најдат сите производи кои ги нема, но таму цените се многу високи, за крајно скромните кубански примања.

Освен тоa, само оние кои важат како елита во кубанското општество може да купуваат во странска валута.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе