Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Криминалците убиваат новинари

Криминалците убиваат новинари

Познатиот холандски новинар Петер де Врис беше тешко ранет и се бори за животот, откако пред некој ден беше застрелан во главата, во центарот на Амстердам. Според полицијата, на него се испукани пет истрели. Започната е опсежна истрага и според локалните медиуми, уапсени се три лица, осомничени дека се вмешани во нападот, но засега нема никакви други детали.

Холандскиот ТВ канал РТЛ објави дека новинарот бил нападнат, веднаш штом излегол од студиото. Де Врис гостувал во една емисија на РТЛ, во која се зборувало за случајот со убиството на еден фризер, што се има случено во 2019 година.

Јавноста во Холандија е шокирана од обидот да се убие новинарот кој во тамошната јавност познат по својата битка со организираниот криминал, мафијашкото дејствување во холандското и европското криминално подземје.

Со остра осуда и со вчудоневиденост од оружениот напад врз новинар, во земја каква е Холандија – се огласија премиерот Марк Руте, како и холандскиот крал и кралицата.

„Национален херој“

Градоначалникот на Амстердам во своето обраќање пред новинарите го означи Де Врис како “национален херој“, поради неговата храброст и неуморното трагање по правдата.

Тој е еден од најпознатите холандски новинари. Често се јавува како коментатор на специјализираните телевизиски програми посветени на криминалот и важи са експерт во оваа област од новинарството, кому јавноста му верува поради неговите врски во полицијата, но и во тамошното подземје.

Во Холандија го знаат како новинарот кој беше вклучен во откривањето на мафијашките босови и на т.н. „кралеви на дрогата“, како и по тоа што тој многу пати досега и има помогнато на полицијата да решат бројни случаи врзани за организираниот криминал, на високо ниво.

Во холандската јавност се памети неговата истражувачка, новинарска работа од 1983 година, откако беше киднапиран магнатот на пиво Фреди Хајнекен. Има добиено меѓународна награда во 2008 година, за истражувачката работа по исчезнувањето на тинејџерката Хатали Холовеј, која исчезна во 2006 година, во Аруба, на Карибите.

Закани од подземјето

Премиерот Руте, веднаш по веста за нападот врз Де Врис одржал итен состанок со високи функционери на полициската единица за антитероризам, а потоа на новинарите им изјави дека обидот да се убие еден новинар, претставува напад врз слободата на медиумите.

Петер де Врис (64) има добивано закани од криминалното подземје, па во еден период имал и полициска заштита.

Кинаперот на Хајнекен кој беше фатен и осуден, сега служи казна доживотен затвор, не само за киднапирањето, туку и затоа што беше обвинет и за учество во пет убиства. Новинарот Де Врис, бил вклучен и како портпарол на еден заштитен сведок и советник на поранешен член на една банда (кој решил да пропее) во случај против „кралот на дрогата“ Ридуан Таги.

Холанѓанецот, меѓутоа, не е единствената жртва последниве години, на одмаздничките напади и казнувањето на новинарите, само затоа што трагаат по висината во случаи за корупција, затајување данок, примање поткуп, за поврзаноста на криминалците со определени политичари и со властите во некои земји.

Убиство во Атина

Еден од нив е грчкиот новинар Јоргос Караивас (52), исто така искусен новинар кој пролетва беше убиен пред својот стан во Атина, со десет истрели во градите и главата.

И тој беше полициски известувач и водеше битка против криминалот во грчкиот главен град. За овој случај веќе пишуваше Скопје/Глобал, пренесувајќи ја вознемиреноста во грчката јавност.

Истрагата за неговото убиство се уште е отворена, но тамошните безбедносни служби веруваат дека Караивас е ликвидиран по нечиј налог, од професионални, платени убијци, кои најверојатно, веќе ја имаат напуштено Грција.

Случајот на словачкиот новинар – истражувач Јан Куцијак (27), сепак, предизвика поголемо бранување во европската јавност, затоа што убиството предизвика и политичка криза во Словачка.

Во февруари 2018 година, во неговиот стан, брутално беа убиени новинарот и неговата свршеница, која стана жртва на одмаздата кон Куцијак само затоа што се најде на погрешно место (кај својот свршеник) во погрешно време.

Случајот на Словакот Куцијак

Овој млад новинар има пишувано за даночните измами на локалните бизнисмени, поврзани со највисоките словачки функционери. Се верува дека е убиен затоа што ги истражувал обвинувањата за незаконско наплатување од развојните фондови на ЕУ, преку даночните злоупотреби..

Неговата несреќа била во тоа што во сите тие измами имало замешано словачки, но и италијански државјани – и едните и другите поврзани со италијанската Мафија, со злогласната организација Ндрангета. Во сторијата има и политички скандал, затоа што во словачката јавност и натаму се верува дека во големата измама биле замешани и луѓе блиски до поранешниот словачки премиер Роберт Фицо.

Конечно, во ова група на новинари, ликвидирани од криминалците и од криминалните подземја, се вклучува и убиството на независната новинарка – истражувач од Малта, Дафне Каруана Галиција, убиена пред четири години. Таа стана жртва на подметната бомба, под нејзиниот автомобил, паркиран пред нејзината куќа.

Таа беше новинар, блогер, писателка и активист во борбата против корупцијата која, инаку, е силно раширена во оваа мала, островска земја, членка на Унијата.

Дафне Галиција против корупцијата

Галиција беше позната и во Малта, но и низ Европа, затоа што многу често, директно ја обвинуваше владата во Валета, за бројни корупциски скандали. Затоа, нејзиното брутално убиство предизвика шок во европската јавност.

Нејзините текстови укажуваа на долгогодишната замешаноста на врвовите од власта со корупција, со перењето пари и поврзаност со коцкарската индустрија и со делови од организираниот криминал. Дафне Галиција прва има пишувано за корупцијата во (дозволената) операција државјанство и малтешки пасош за пари, но и за крајно сомнителните зделки (поради поткупот) на малтешката влада со Азербејџан.

Во својот последен блог, објавен само еден час пред да ја убијат, Дафне Галиција одново го обвини шефот на кабинетот на тогашниот малтешки премиер Џозеф Мускат дека е “обичен крадец“ кој ја има искористено својата функција за лично богатење. Се верува дека, сепак, е убиени за многу потешки и поголеми криминални зделки на сомнителниот бизнис кој од разни страни се сели на „безбедната“ Малта.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе