Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Делта забрзано се шири низ Грција

bestravelvideo/Depositphotos.com

Делта забрзано се шири низ Грција

Коронавирусот Делта (индискиот сој) забрзано се шири низ Грција, откако здравствените власти признаа дека нагло е зголемен бројот на новозаразените лица. Овој вирус за кој се знае дека се шири многу побрзо од кинескиот оригинал на короната и е позаразен, се има раширено низ земјата, посебно напаѓајќи ги младите.

Според медиумите во Атина, во последните 24 часови се регистрирани 1800 новозаразени, од кои илјада има само во поширокиот регион на грчкиот главен град. Пријавени се осум смртни случаи, додека 170 пациенти се наоѓаат на респиратори.

Грчките здравствени власти и владата предупредуваат дека во последните десет денови било регистрирано дека просечната возраст на новозаразените изнесува 27 години, при што е откриено дека една третина од заразените, биле инфицирани откако присуствувале на собирања, забави и журки на ОТВОРЕНО.

Журки на отворено

Само на една бурна, како што велат медиумите, журка во познат и популарен бар на една од плажите во реонот на Атина, се заразиле над сто млади луѓе, кои биле гости на ноќната забава.

Поради тоа, властите одлучија итно да ги заоструваат еднаш веќе повлечените мерки и да ги воведат старите рестрикции.

Од четврток, сите кафулиња, ресторани, барови или клубови ќе може да бидат отворени и да работат, само доколку имаат обезбедено места за седење. Целта е да се избегне тискањето што обично го има на ваквите места и колку – толку да може да се обезбеди дистанцирање.

Заменик министерот за внатрешни работи Никос Хардијас, многу позаразната Делта варијанта на короната може да стане доминантна во Грција, па го повика населението на итна вакцинација. Таа во Грција и досега одеше забавено, поради силниот отпорт на антиваксерите, но и на некои религиозни, конзервативни кругови, кои се против вакцинирањето, но сега, после олеснувањето на низа анти-корона мерки, процесот е уште поуспорен и речиси запрен.

Домаќини и странци

Грчките епидемиолози се уште поостри околу ситуацијата со брзиот раст на новизаразените. Тие предупредуваат дека веќе до крајот на идниот месец, Делта сојот ќе биде „апсолутно доминантен“ во Грција – прво затоа што е успорен процесот на вакцинирањето, поради олабавувањето на заштитните мерки, како и затоа што е сезона на годишни одмори.

Оваа земја има голема потреба од приливот на туристи, посебно од странство и тие годинава доаѓаат, но тоа ја отвора опасноста за ширење на пандемијата, иако никој (засега) за тоа не ги обвинува странците и странските туристи.

Минатото лето, среде сезоната, се отвори една таква расправија меѓу Лондон и Атина – околу тоа кој е виновен за наглиот скок на бројот на инфицираните.

Британската страна ги обвини домаќините, после откритието дека стотина британски туристи на Закинтос, на Јонско Море се заразени со коронавирусот. Грција, пак, ги обвини британските власти дека на одмор довеле веќе инфицирани туристи кои потоа, веднаш, со првиот авион беа вратени назад.

Три пати повеќе новозаразени

Сличен инцидент имаше и со две групи српски туристи, кои со нивните автобуси, со полициска придружба беа испратени надвор од Грција, без право да го продолжат летувањето, затоа што (според грчките власти) дошле на одмор (од Белград) веќе заразени.

Годинава, состојбите, сепак, се различни – пред се – поради процесот на вакцинирањето (во Британија и во Србија се инсистира дека е на ниво над европскиот просек), па дека вакви инциденти, ова лето, не може да има.

Грчката влада, меѓутоа, останува да им верува на бројките, а тие покажуваат дека од 28 јуни, па до 6 јули, бројот на новозаразените е ТРИ ПАТИ поголем.

Владата веднаш се определи за воведување нови мерки за сите локали- ќе може да работата само ако се почитуваат барањата за социјално дистанцирање. Маските за лице одново се во сила, во затворени јавни простории, но и на отворено, ако се собира поголем број луѓе. Во рестораните , на една маса, може да седат до десет лица.

На отворено ќе може да се соберат до 300 лица, а до 120 лица на јавните плажи, на простор од 1000 квадратни метри.

Во Грција на одмор има гости на летување и одмор и од Македонија, како и илјади туристи од Србија кои минуваат низ земјата, на пат за Егејскиот брег, враќајќи се потоа, по истиот пат дома.

На одмор, секако, одат оние кои се вакцинирани и имаат тестови за присуство на антитела, но епидемиолозите предупредуваат дека ВАКЦИНИРАНИТЕ СЕ ПРЕНОСНИЦИ НА ВИРУСОТ, кога се меѓу оние кои не се вакцинирани. А, такви, на Балканот се уште има многу.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе