Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Руди Џулијани без адвокатска лиценца

"Rudy Giuliani" (CC BY-SA 2.0) by Gage Skidmore

Руди Џулијани без адвокатска лиценца

Адвокатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и некогашен градоначалник на Њујорк Руди Џулијани, остана без својата адвокатска лиценца, па повеќе не ќе може да се занимава со адвокатура.

Врховниот суд на сојузната држава Њујорк соопшти дека дозволата за работа и за бавење со оваа професија му е официјално – суспендирана. Според американските медиуми, се очекува да биде поднесена жалба на ваквата одлука на судот, но суспензијата ќе остане во сила се додека трае истрагата против Џулијани, некогашната политичка ѕвезда на американската републиканска партија.

Лажни обвинувања

Ваквата одлука судот ја има донесено откако е утврдено дека  „постојат неспорни докази дека адвокатот на Доналд Трамп, во  американската јавност, но и пред судовите во САД има пласирано и  дадено – ЛАЖНИ ИЗЈАВИ- ширејќи притоа измамнички тврдења. Станува збор за изборите во ноември 2020 година (што неговиот клиент Трамп уверливо ги загуби) за кои Џулијани на сите страни, како и на митинзи, тврдеше дека изборите се фалсификувани, дека на Трамп му е украдена победата и дека е направена голема неправда.

Ваквите тврдење и обвинувања, без притоа да се даде било каков доказ, се истоветни со оние на републиканскиот претседателски кандидат, поразен од гласачите, а сето тоа има придонесено во американската јавност Трамп, постојано и упорно да се прикажува како некаква жртва, а во истовреме,  демократската партија да се обвинува за „грабеж и за измама“ на претседателските избори.

Ваквите неосновани обвинувања имаат придонесено за создавањето наелектризирана атмосфера во САД (уште во текот, но и по изборите),  бидејќи обвинувањата имаа широк одек во домашната јавност. Тоа сега му се става на товар на Џулијани – за сторена измама кон Американците, но и кон целиот законодавен и изборен систем на САД.

Претрес во станот на адвокатот

Џулијани, засега, не може да се појави пред судот и да биде сослушуван, затоа што се уште трае истражната постапка против него. Тоа ќе му биде овозможено откако истрагата ќе биде завршена- се вели во соопштението на Врховниот суд на Њујорк.

Пред крајот на април, полицијата има извршен претрес на станот на Џулијани, како дел од истрагата за неговите посети на Украина и за соработката со делови од властите во Киев, во потрагата по компромитирачки материјали и предмети против синот на (тогаш) демократскиот кандидат Џо Бајден и за него самиот, од времето кога беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама.

Против Џулијани (76) оваа истрага се води уште од пред завршувањето на изборната трка за неговата улога во лобирањето во една странска земја (Украина) во полза на Трамп, а за да му се напакости на Бајден, што според американските прописи е недозволено. Во изборната кампања на САД, на било каков начин, не смее да биде инволвирана било која странска земја.

Поткопување на довербата

Што се однесува до сузпензијата на лиценцата,  познато е дека адвокатот Џулијани има дадено „бројни лажни изјави“ за изборните резултати во Пенсилванија, Џорџија и Аризона, тврдејќи дека изборите биле „наместени и фалсификувани“.

При тоа, како „аргумент“ се зборуваше дека гласачките ливчиња  „не биле правилно преброени“ од специјалните електронски машини за броење на гласовите, а дека сето било направено  „на штета на Трамп“, посебно оние кои беа стигнати по пошта.

Судот се повикува на насилничките немири на Капитол Хил од 6 јануари и на неколку часовното „освојување“ на зградата на Конгресот на АД од страна на бунтовнички, ултра-десничарски и расистички банди- сите приврзаници на Трамп. При тоа има оценето дека упорното, продолжено тврдење на Џулијани за (наводно) наместените избори, можеле да предизвикаат да се поткопа довербата на американската јавност во изборниот процес во САД, но и во целата правна професија.

Трајна суспензија?

„Оваа земја (Америка) е длабоко поделена со постојаните напади на легитимитетот на изборите во 2020 година и на изборот на Џо Бајден. Таа штета се зголемува со лажните изјави на Џулијани кои во сето ова беше вклучен со авторитетот на адвокат“- се вели во одлуката на судот.

Врховниот суд на Њујорк, притоа, има речено дека суспензијата на Џулијани како адвокат и одземањето на неговата адвокатска лиценца, што веднаш стапуваат во сила, би можело да станат трајна одлука.

Џулијани засега нема реагирано на судската одлука, но неговите правни застапници ја имаат опишано како „разочарувачко решение“, уверувајќи дека тој не е закана за јавниот интерес на САД.

Против републиканецот Џулијани е поднесена тужба за клевета од страна на компанијата „Доминион Вотинг Систем“.

Илегално лобирање во Киев

Тоа е фирмата која ги произведува машините за регистрирање и броење на изборните гласови, за која адвокатот на Трамп тврдеше дека била  „наместена“ да ги фалсификува гласовите- на штета на Трамп, како и дека само поради тоа поранешниот претседател не освои уште еден мандат.

Компанијата сега бара отштета од 1,3 милијарди долари.

Во исто време, федералните обвинители од Менхетен, во градот Њујорк, водат паралелна истрага за активностите на Рудолф (Руди) Џулијани во Украина. Во обидот да му се напакости на Бајден пред изборите, адвокатот на Трамп беше во Европа, прво во Будимпешта, а потоа и во Киев, за да откријат „нечесни работи“ против демократскиот кандодат на изборите.

Сега се испитува дали адвокатот Џулијани ги прекршил законите на САД при лобирањето, јавувајќи се како нерегистриран, странски агент,  во истото тоа време кога беше и адвокат на тогашниот претседател Доналд Трамп.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе