Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Мекафи почина во затвор

"John McAfee" (CC BY-SA 2.0) by Gage Skidmore

Мекафи почина во затвор

Контроверзниот американски бизнисмен и милијардер Џон Мекафи, познат во светот како креатор на досега најпознатиот антивирус – софтвер за компјутери, е најден мртов во неговата затворска ќелија во затворот во Барселона.

Според затворските власти, смртта била откриена откако само неколку часови пред тоа, еден Виш шпански суд пресуди Мекафи да биде екстрадиран во САД, за да му се суди за неплаќање данок и за цела низа даночни измами.

„Илегални“ даноци

Шпанското министерство за правда соопшти дека првичната истрага за неочекуваната смрт на Американецот, упатува на тоа дека тој самиот си го одзел животот, но во соопштението не се даваат други детали, ниту како сето тоа се случило. Само се верува дека станува збор за самоубиство за да не биде одведен во САД – на судење.

Неговата смрт, во затворската ќелија и под (засега) неразјаснети околности, ги обновија приказните за неговиот контроверзен живот и за тоа дека тој до крајот остана и таква личност.

Овој Американец, роден во Британија, во осумдесеттите години на 20 век ја има создадено својата тек – компанија која подоцна ќе го создаде комерцијалниот софтвер – анти вирус, што ќе го носи неговото име. Ова откритие ќе го направи и познат и славен, а и богат, но ќе покрене и цела едфна индустрија што сега вреди десетици милијарди долари.

Малку се знае дека Мекафи се има обидувано да влезе и во американската политика, за претседателските избори во 2016 и 2020 година, врз една крајно контроверзна и за САД од никого не прифатлива политика – дека даноците и оданочувањето на луѓето се „илегална работа“.

Во судир со законите

Ова не е прв пат да се најде во судир со законите и правдата. По кризата во 2008 година, која и него го има тешко погодено, се одлучил да продаде се што имал, за да се пресели и да живее во Белизе, поранешна британска колонија, каде требало да почне бизнис со антибиотици. Но таму се има „закачено“ со својот сосед, инаку американски емигрант, кој подоцна ќе биде откриен мртов во својата куќа.

Мекафи од полицијата во Белизе ќе биде означен како главен осомничен, па за да не го уапсат за убиство, тој побегнал во Гватемала во 2012 година. Таму, ќе биде уапсен за илегално влегување во оваа центалноамериканска земја. Нема долго да остане во земјата, затоа што локалниот судија ќе нареди тој да биде протеран и вратен дома- во САД.

Случајот со убиениот човек во Белизе ќе остане отворен и никогаш нема да се разбере кој е убиецот.

Американските медиуми, во меѓувреме, продолжиле да се занимаваат со неговиот живот, па така ќе се разбере дека живее со една малолетна, 17 годишна девојка, како и дека уште од младоста е наркоман-  дрогираќи се со тешки дроги. Се тврди дека одел  дрогиран и на работа, како и дека има пиено по едно шише виски на ден.

Измамнички план

Во 2015 полицијата го уапсила во Лос Анџелес за возење под влијание на дрога и алкохол.Две години подоцна , побегнал од Америка.

Во октомври минатата година, меѓутоа, Мекафи беше уапсен на аеродромот во Барселона, во моментите кога се подготвуваше да влезе во авионот што требаше да го однесе во Истанбул, во Турција.

Беше уапсен врз основа на обвинувањето за неплаќање данок во последните четири години и за даночни измами. Станува збор за период кога тој има заработено „многу пари“ и милионски износи од разни договори за консултантски услуги, од разни меѓународни зделки, од трговијата со крипто – валутата, како и од хонорарите за неговата биографска книга.

Обвинителите го товарат дека сите даночни измами ги правел така што секоја од зделките што ги правел и секој бизнис што го имал, бил пријавуван, или се водел на друго име. Личното богатство – како имотот во куќи, автомобилите, или јахтата, исто така биле прикажувани дека се сопственост на некое друго име.

Мекафи без заштита од вируси

Уапсен бил кога истрагата ги има поврзано сите овие махинации – со него.

Сепак, не се знае зашто морал да си го одземе животот. Но мадридскиот весник „Ел Паис“ пишува дека во текот на судските сослушувања во истрагата, зборувал дека сето ова што му се случува е дел од некаков заговор, што наводно се води против него, а дека тој е невин.

Судот, меѓутоа, при донесувањето на одлуката за екстрадиција, заклучил дека не е најден никаков доказ – оти зад обвинувањата против него има било каква идеолошка, или политичка заднина.

Како и да е, Џон Мекафи ќе остане запаметен како создавач на (првиот) анти-вирус за компјутерите. Продавајќи му го својот патент на Интел тој има заработено 7,6 милијарди долари.

Целиот свој контроверзен живот, сепак, го има поминато „војувајќи“ со даночната управа и со даноците, за да најде начин како да не ги плаќа. Во исто време, постојано ќе зборува дека иако има измислено софтвер за заштита на компјутерите од вируси – никогаш го нема вградено на своите, лични компјутери. Дури ни неговиот Мекафи анти-вирус.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе