Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Романија препродава и подарува вакцини

Mircea Moira/Depositphotos.com

Романија препродава и подарува вакцини

Романија се одлучи да ги препродава, или да ги подарува вакцините против коронавирусот што ги има на залиха, откако вакцинацијата на населението е значително забавена, затоа што забрзано се намалува интересот на населението да се вакцинира – соопштува министерството за здравство во Букурешт.

Властите соопштија дека владата дури и ќе го откаже планираното купување на повеќе милиони дози, а наместо тоа, со посебна владина уредба, се овозможува оние дози со вакцини кои се на располагање, да ги препродава на трети земји и таму каде се потребни.

Романската влада веќе има испратено стотина илјади вакцини на соседна Молдавија, а други 150 илјади ќе им бидат префрлени – како хуманитарна помош – на други две соседни држави – на Украина и на Србија.

Откажани 4,5 милиони дози

Владата во Белград, пак, постојано добивајќи кинески и руски вакцини – самата префрла од својот голем вишок на други земји – главно на најблиските соседи – но, така што ги повикува државјаните од соседните земји – да доаѓаат за да се вакцинираат на српска територија. Но, Србија, сепак, нема да ја одбие романската помош.

Што се однесува до Романија, држава од преку 20 милиони население, досега, преку заедничката европска процедура, за земјите – членки на ЕУ, има примено околу 15 милиони дози. Функционер на министерството за здравство, меѓутоа, има изјавено за домашните медиуми дека владата се одлучила да откаже од купувањето на уште 4,5 милиони, предвидени за овој месец, затоа што за тоа нема потреба.

Едноставно, затоа што исчезнува интересот за вакцинирање, за кој велат дека и досега не бил премногу голем. Владата во Букурешт планираше – пред почетокот на јуни – да се вакцинираат пет милиони луѓе, или нешто над 20 отсто од вкупното население. Но, досега, само четири милиони Романци имаат примено две дози вакцини.

Популистичка кампања

Властите постојано се обидуваа – на разни начини – да ги мотивираат луѓето да се вакцинираат. Беа покренати скапи кампањи, па дури се организирани и т.н. маратони во вакцинирањето.

Во еден момент таквите акции имаат дадено некаков резултат, па во државата во текот на мај имаше денови кога се вакцинирани и по 100 илјади лица. Таквиот ентузијазам, меѓутоа, брзо има спласнато и сега владее само апатија и незаинтересираност, па дневно се вакцинираат едвај по 30 илјади лица.

Некои романски епидемиолози за ваквата ситуација ја обвинуваат владата и нејзината – како што велат – популистичка кампања за брзо вакцинирање, по углед на онаа во Британија, или во Израел, само за да брзо се почне со друга кампања – за успешно спроведената имунизација.

Таа беше проследена со укинување на низа рестриктивни мерки, уште во текот на минатиот месец, кога многу земји во регионот и во ЕУ, не се одлучуваа на тоа, иако имаа повисоко ниво на вакцинирани лица од Романија.

Избрзано олеснување на мерките

Владините критичари велат дека таквата кампања постигна сосема друг ефект – почна да ги одвраќа луѓето од вакцинацијата.

“Не може да ги убедувате луѓето да се вакцинираат, ако во исто време зборувате за успех на имунизацијата и ги олабавите сите мерки за заштита од пандемијата“ – има изјавено еден романски епидемиолог.

Уште во мај, во Романија беше укината наредбата за носење маски на отворено, а владата дозволи работа на рестораните и на кино салите.

Сега, откако се виде штетата од избрзаното фалење со успешната вакцинација, владата одново почна да предупредува дека пандемијата не е победена и дека земјата може да се соочи со нов, четврти по ред бран на епидемијата со коронавирусот.

Третиот бран, што ја зафати земјата на почетокот од пролета, тешко ја погоди Романија, па во еден момент оваа балканска земја, членка на ЕУ, беше меѓу најтешко погодените во Унијата. Над 1500 пациенти дневно беа примани во одделенијата за интензивна нега и на респиратори.

Како и секаде низ Европа, бројот на новозаразените лица сега е драстично намален.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе