Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Воениот злосторник до крајот на животот во затвор

"The last trial – Ratko Mladić" (CC BY 2.0) by ictyphotos

Воениот злосторник до крајот на животот во затвор

 

Ратко Младиќ, означуван во делови од српската националистичка јавност како „воен херој” и како „војвода“ – конечно – е осуден како воен злосторник од меѓународниот Трибунал во Хаг.

До крајот на животот тој ќе остане во затвор, за воените злосторства сторени во војната во БиХ при распадот на поранешна СФРЈ, а пред се, за извршениот масакар во Сребреница, пред 26 години, кога ладнокрвно беа ликвидирани осум илјади муслимани (Бошњаци) – сите мажи и момчиња.

Балканот, Европа и светот никогаш нема да заборават дека Сребреница останува запаметена како најголемото воено злосторство, на тлото на Стариот континент, извршено врз невооружени цивили, по завршувањето на Втората светска војна.

Судење на пресудата

Конечната пресуда, низ отфрлањето на неговата жалба и потврдата на првостепената одлука на Судот, затоа, претставува ставање точка на најмрачното поглавје од поновата балканска историја, иако тоа нема да ги врати невино убиените, ниту да ја покрие тагата на оние кои ги загубија своите најблиски.

Меѓутоа, конечната пресуда на овој злосторник, одново покажа дека злото на омразата и национализмот и натаму „шета“ низ регионот. Останува присутно кај луѓето на овие простори, после се она што се случуваше.

Во Србија и посебно во српската енклава Република Српска, во БиХ, на пример, Младиќ и понатаму се прикажува како наводна „жртва“ на некаков меѓународен заговор – не само против него, туку и против Србите, како народ, во целина.

Одново се зборува дека преку Младиќ, во Хаг им се судело на сите Срби, дека Трибуналот покажал “лицемерност“, дека различно ги одмерувал делата на обвинетите од другите, несрпски етнички заедници, во БиХ, но и во балканското соседство, дека станува збор за наводен „заговор“ на Америка.

„Безбедна куќа“

А, во една ваква атмосфера, во која се пречека конечната пресуда, што требаше да се очекува, се имаат вклучено и политичарите и медиумите, па дури и лица кои се декларираат како правни експерти и професори на факултет, кои уште малку, па ќе тврдат дека генералот на српската војска во БиХ, во деведесеттите години на 20 век – е невин човек.

Малкумина се оградуваат од ваквото однесување.

Мал е бројот на оние во јавноста кои ги осудуваат српските власти, потоа оние кои знаат што се случуваше пред четврт век, или медиумската машинерија, кои го искористија случајот со Младиќ, за да одново се одбегне одговорноста на државата Србија, за да се потпалува националистичката хистерија и за да се поттикнува недовербата на граѓаните кон светот и меѓународната заедница.

Белградската Иницијатива за човекови права е една од таквите ретки позитивни примери која се огласи со сопствено соопштение.

Во него, објавено на интернет страниците на изданија кои не се во функција на актуелната власт, се потсетува дека “во случајот на Ратко Младиќ, Србија и фигуративно, а и буквално, претставуваше негова безбедна куќа“.

Младиќ како пензионер!

Во соопштението, понатаму, се вели дека официјален Белград никогаш ги нема откриено, па според тоа ниту осудени, оние кои 15 години го имаат криено овој злосторник. Ниту некој има дадено отчет за тоа како овој човек, исто толку години има примано воена пензија, а формално се водеше како бегалец!?

Конечно, се посочува дека српските власти немаат истражувано, ниту утврдено кој е виновен за затворањето на Бошњаците кои пред 26 години, бегајќи пред вооружените формации на Младиќ од заштитените зони Жепа и Сребреница, се префрлиле преку Дрина, на територијата на Србија.

Но, во летото во 1995 година, таму биле заточени во логори, изложени на измачување и на тортура, а на крајот депортирани во БиХ – практично – предадени во рацете на младиќевите војници.

Според Иницијативата за човекови права, во Белград не постои волја за да се истражува воените злосторства и кривичните дела поврзани со сторениот геноцид во Сребреница и со војната во Босна и Херцеговина. Напротив, како што се вели во соопштението, во Србија не се извршуваат пресудите на Трибуналот, туку целосно се игнорираат.

Без фактор за помирување

На радикалот и во текот на војната „војвода“ Воислав Шешељ, не му беше одземен пратеничкиот мандат во српскиот Парламент, после осудувањето од судот во Хаг, иако изборниот закон на земјата предвидува дека осуденик не може да биде и пратеник, ако е осуден на казна подолга од шест месеци затвор.

На осудените припадници на војската, исто така, не им се одземени чиновите, без разлика што законот тоа го наложува, па во соопштението се вели дека во Србија злосторниците не ги губат привилегиите туку дека добиваат заштита.

Иницијатива за човекови права, затоа смета дека е „срамота да се обвинува Трибуналот во Хаг за тоа што не се постигнало помирување во регионот“, забележувајќи им на српските власти дека – прво тие самите – немаат направено ништо за да дојде до помирување и дека Србија се уште не е помирувачки фактор во регионот.

Злосторници – херои

„Едноставно, нејзе никој не и верува затоа што ги заштитува и ги велича злосторниците“ – се вели меѓудругото во соопштението на оваа организација, објавено по повод реакциите во домашната јавност на конечното осудување на злосторникот Ратко Младиќ.

Во тој тон е и изјавата на идниот Висок претставник во БиХ, Кристијан Шмит кој за германските медиуми има изјавено дека „воените злосторници не се херои“, па дека според тоа тие и може да се величаат.

Така треба да се гледа и на ретките изјави на спротивставување на официјалната позиција наметната во српската јавност – во кои се вели дека „поради Младиќ човек би требало да се засрами што припаѓа на еден ист народ“, или дека „пресудата на злосторникот во Хаг не е пресуда на целиот народ“ – двете изречени во телевизиски дебати на про-опозициските белградски телевизиски станици.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе