Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Заложничко вето

artjazz/Depositphotos.com

Заложничко вето

 

Не е прв пат некој од европските политичари и политички експерти да се јави со критика кон системот на ВЕТО што е изграден во ЕУ, при донесување на важни одлуки на Унијата – посебно во секторот на нејзината заедничка надворешна политика. Пред многу години, на пример, како шеф на германската дипломатија, за тргање на ветото се има изјаснето германскиот министер Ханс Дитрих Геншер, уште додека европскиот блок од држави се нарекуваше Европска економска заедница (ЕЕЗ).

Неговата елиминација не помина ниту тогаш, а ниту подоцна. Не помина ниту при трансформирањето на ЕЕЗ во ЕУ. Едноставно, ова прашање беше заобиколено, за да се постигне компромис за другите (тогаш) поважни сектори, при правењето на Европската Унија и посебно, при изработката на Лисабонската спогодба, која требаше да го замени неуспешното настојување на некои земји – членки, Унијата што тогаш се создаваше, да има и свој Устав.

Мас како Геншер

Сега, после поминати низа години, Германија одново го покренува прашањето за постоењето на вето при донесувањето на важни одлуки на ЕУ. И, одново тоа го прави преку изјава на еден свој министер за надворешни работи – сега тоа е Хајко Мас – кој користењето на правото на вето на земјите – членки го третира како закана за кохезијата на Унијата, што е многу посилна квалификација и позиција од онаа на Геншер пред триесетина години.

На конференција во Берлин, на која се собрале германските амбасадори низ светот, Мас има побарано тргање на ветото во ЕУ, за да се спречи земја – членка да може да ги блокира надворешно – политичките потези на Унијата, кога таа настапува и се појавува како единствен блок.

Во таа прилика тој рекол дека Европа не може да се претвори во заложник на некои кои ставајќи вето ја парализираат европската надворешна политика и „се поигруваат со кохезијата на ЕУ, на подолгорочна основа“.

Македонија, токму сега, кога за прв пат доби „зелено светло“ од Европскиот совет за старт на преговорите за влез во елитното европско семејство на држави, се соочи со отпосле ставеното вето на Бугарија.

Македонија жртва

Како изговор за тој свој потег, Бугарија најде некакви небулозни барања кои навлегуваат во посебноста на етничките Македонци, на нивниот идентитет и јазик – ставајќи го како услов за почеток на преговарачкиот процес – (практично) бугаризирањето на македонската нација!? Тоа ниту било некогаш и за некого, а ниту може да биде предуслов за политичко – економски преговори за членство во една организација на независни држави.

Но, Софија го злоупотреби правилото што одамна го има во ЕЕЗ/ЕУ за своите националистички цели и потреби – пред последните парламентарни избори, што сега треба да се повторат, или пак, служејќи им на нечии туѓи геостратешки интереси, за да се попречува ширењето на Унијата и за да се одржува нестабилноста на Западен Балкан. Особено што на тој начин се одржува и нестабилноста во југо – источното крило на НАТО, што на некои кои претендираат да бидат голема сила, им е особено важно.

Во секој случај, бугарското вето за Република Северна Македонија е директен удар врз европското единство, врз европската единствена надворешна политика и секако, врз европската политичка стратегија – за приклучување на регионот на Западен Балкан во ЕУ. И тоа од земја – членка која од 2007 година е дел од западниот блок, откако со децении (во времето на комунизмот и студената војна) важеше за најлојалниот сојузник на Москва.

ЕУ како заточеник

Хајко Мас во својот настап, нема споменето ниту една земја од составот на ЕУ, критикувајќи ги само “оние“ кои со ветото работат контра европските интереси и во секој случај, им служат на интересите на сили кои се надвор од Европа.

Но, за берлинските посматрачи е јасно дека гневот на германскиот министер е насочен, пред се, кон Унгарија и кон нејзиниот авторитарен, десничарски лидер Виктор Орбан кој се повеќе и се почесто излегува од рамките на заедничката европска политика. Револтирајќи ги најголемиот број од сите други членки.

„Ние, како Европа, не можеме да си дозволиме да не претворат во ЗАТОЧЕНИК на една држава која ќе го користи (и злоупотребува) правото на вето – за свои потреби. ЕУ не може да прифаќа да се најде заточена од некои луѓе кои ја уриваат европската заедничка политика. Доколку ова (ветото) не се тргне, порано, или подоцна ризикуваме нарушување на кохезијата на Унијата“ – има речено министерот Мас.

Притоа тој забележал дека ЕУ мора да покрене дебата и да го елиминира ова сегашно правило, „дури и доколку тоа ќе значи создавање ситуација во која ние (мисли на Германија) ќе бидеме надгласани“.

„Тројански коњ“

Револтот кон орбановиот национализам во сопствената држава и во политиката кон Европа, како и неговото контрирање на се што доаѓа од Брисел, а наспроти волјата на сите другите, трае подолго време. Посебно е засилен откако Будимпешта стави цела низа блокади и ветоа на резолуции и декларации на Европската комисија и на ЕУ, за низа важни меѓународни прашања, за кои Брисел не можеше да одмолчи, доколку сака да стане важен играч на меѓународната сцена.

Во април, на пример, Орбан стави вето на соопштението на ЕУ со кое се осудува Кина за најновото законодавство во Хонг Конг, наметнато од Пекинг, со кое се ограничува и постепено се елиминира посебниот статус на оваа некогашна британска прекуморска територија.

Сите другите (како и во македонскиот случај контра Софија) се имаат согласено за текстот на осудата, освен орбанова Унгарија, која се има претворено во „Тројански коњ“ на Кина во ЕУ, штитејќи ги интересите на Пекинг во Европа.

Радикален чекор

Унгарија, исто така, одбива да ја ратификува европската спогодба за трговија и развој со Африка, Карибите и земјите од Пацификот. Оваа членка на ЕУ, се спротивстави на декларацијата на Брисел за прекин на огнот во неодамнешните судирања на Израел со палестинската исламистичка организација Хамас, а минатата есен, заедно со Полска, го блокираше усвојувањето на масивниот економски пакет за санација на европските економии од последиците на глобалната пандемија.

За елиминација на ваквите блокади со ставање вето на потези кои го манифестираат и европското единство, германскиот министер Хајко Мас нуди ОТКАЖУВАЊЕ од правото на вето и негова замена со МНОЗИНСКИ систем на гласање.

Таквото решение би било, навистина, радикален чекор на Европа кој би можел да ја направи и поефикасна и поединствена, во ситуации кога ЕУ (понекогаш) делува како раштимуван оркестар.

Една таква промена на правилата, во крајна смисла, би била корисна за Македонија и за другите претенденти за влез во Унијата. Едноставно, не би зависеле од хировите, од политиканството и од пазарлаците што некои земји го прават, откако се најдоа во ЕУ. Ветото во Унијата, таквите членки го користат како фин лек против сопствените национални и секакви други фрустрации.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе