Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Израел со нов претседател

Ale_Mi/Depositphotos.com

Израел со нов претседател

 

Израелскиот Кнесет (Парламентот) избра нов претседател на државата. Тоа е Исак Херцог (60) искусен политичар кој на гласањето доби 87 гласови, од 120 пратеници колку што има Парламентот.

Херцог на претседателската функција, која главно има церемонијален карактер, ќе го наследи сегашниот шеф на државата Рувен Ривлин, кому мандатот му истекува идниот месец. Во трката за нов претседател, противкандидат на Херцог беше Миријам Перец, за која израелските медиуми, уште пред изборот тврдеа дека таа нема никакви шанси да стане шеф на државата.

Новиот претседател е поранешен лидер на израелската Лабуристичка партија и лидер на опозицијата. На изборите во 2013 година, Херцог не успеа да ги победи десничарскиот Ликуд и Бенјамин Нетанијаху.

Херцог – политичар со педигре

Во секој случај, станува збор за политичар со семејно политичко педигре, затоа што е потомок на угледно ционистичко, израелско семејство.

Како и во случајот на сегашниот опозициски лидер Јаир Лапид,  чиј татко е познат поранешен политичар и некогашен министер во владата, така и таткото на Херцог е познат политичар. Дури и многу повиско рангиран.

Таткото Хаим Херцог беше поранешен израелски амбасадор во Обединетите нации, а потоа и премиер на Израел во периодот меѓу 1983 и 1993 година. Херцог, пак, беше и директор на непрофитната еврејска агенција која тесно соработува со владата, за да се промовира имиграцијата и населувањето во Израел, а пред три години се има повлечено од пратеничката функција во Кнесетот.

Изборот на нов претседател на државата дојде во време кога Израел има Парламент, но се уште нема вистинска влада, туку само технички владин кабинет, со кој и натаму раководи Бенјамин Нетанијаху.

Повеќе од две години земјата е во длабока политичка криза, идеолошки поделена во два остро спротивставени табори, поради што во изминатите две години се одржаа дури четири парламентарни избори – и сите завршија без вистински победник.

Длабока политичка криза

Државата и после последните избори во март остана без победник и без влада. Ликуд, навистина, освои најмногу пратенички места, но Нетанијаху како лидер на оваа партија ни овој пат не успеа да обезбеди мнозинство за коалиција и за формирање влада.

Во такви услови, тој мораше да го врати мандатот, а (се уште актуелниот) претседател се сврте кон блокот партиии кои се поставени како опозиција на Нетанијаху – за да се обидат да создадат коалиција и влада. Доколку ни тие не успеат, Израел ќе мора да се соочи со пети едно по друго вонредни избори.

Нетанијаху е 12 години премиер, а со еден претходен мандат, од три години, на почетокот на неговата кариера, тој е над 15 години во премиерската фотеља – како никој друг во историјата на современ Израел. Изгледа дека тоа е главниот мотив што ги тера опозиционерите да се здружат – за да го тргнат „вечниот“ Бенјамин Нетанијаху од власта.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе